fbpx

Некои велат дека модриот патлиџан не се јаде. Дали?

tonus

Модриот патлиџан е едногодишна цветна билка од семејството зрнци (Solanaceae), во кое спаѓаат и доматот, пиперката, компирот итн. Иако можеби изгледа чудно, од ботанички аспект, овие плодови претставуваат овошја, бидејќи содржат ситно семе кое се развива од цветот.

Билката на модриот патлиџан се одледува со векови низ Медитеранските простори – Блискиот исток, северна Африка, Италија, Франција, Шпанија, но и кај нас, на Балканскиот полуостров. Во нашата традиционална македонска кујна, изобилуваат рецепти кои го подразбираат и модриот патлиџан. Постојат различни типови, облици и големини, но и кај нас најпознат е оној долгнавестиот и темновиолетов модар патлиџан.

Неговата широка примена во различните кујни се должи на уникатниот киселкаст, но пријатен вкус, сјајната темновиолетова боја, извонердната конзистенција (структура), а секако и поради неговата богата хранлива вредност.

"“Online”/

Во медитеранската кујна, еден од најзастапените вкусови е токму оној на модриот патлиџан. Тој може да се сретне во речиси секоја форма – полнет со различни состојки, во мусака, манџи, салати и ред други јадења, а едно од најпознатите е сицилијанската капоната (рецептот е достапен на линкот).

Во продолжение, да видиме на што се должат корисните дејства на модриот патлиџан.


Извонреден хранлив состав

Во 100g подготвен или сварен модар патлиџан се содржат:

▫ 33 калории
▫ 9g јаглехидрати
▫ 0,8g протеини
▫ 0,2g масти
▫ 2,5g растителни влакна
▫ 122mg калиум
▫ 11mg магнезиум
▫ 3mcg витамин К
▫ 14mcg фолна киселина (витамин Б9)

Дополнително, содржи и помали количества на витамин Ц, бакар, ниацин, тиамин, манган и низа други фитохемикалии. Ваквиот состав го прави модриот патлиџан исклучително нутритивно сконцентрирана храна.

Силен антиоксидативен и антивоспалителен ефект


Дополнително на богатиот микронутритивен состав, модриот патлиџан е извор на моќни антиоксидативени средства.

Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак зависи и од внесените.

Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.

Помеѓу останатите причини, ова е една значајна зошто редовно треба да јадеме свежа храна, како што е модриот патлиџан.

Имено, според истражувањата, модриот патлиџан содржи потентентни антиоксиданти, наречени антоцијанини. Најпознатиот помеѓу нив – насунинот – е т.н. ловец на кислородни радикали и хелатор на железото, што нè заштитува од липидна пероксидација или оштетување на маснотиите.

Тој помага и за подобра апсорпција на железото во дигестијата, а ги врзува и токсичните метални агенси, како жива, арсен и олово, па тие полесно можат да се отстранат од организмот.

Насунинот покажал и заштитно дејство во однос на оксидативни оштетувања на ДНК молекулата и на клеточните мембрани. Првото води кон намален ризик од мутирање на клетките – намален ризик од малигни заболувања, додека второто – клеточни мембрани се составени во голем дел од масни молекули кои преку насунинот, можат да бидат заштитени од липидна пероксидација.

Одлична храна за оние кои се во процесот на слабеење, но и за добра дигестија


Како нутритивно концентрирана храна, модриот патлиџан содржи висок процент растителни влакна (во само 80g – 3g фибер)  и вода, но и многу мала калориска вредност. Наведените факти ја прават оваа вкусна храна особено погодна за слабеење. Освен што практично не можете да претерате со неа, таа ќе ви обезбеди и низа микронутриенти и антиоксидативни компоненти со најразлични корисни дејства врз орагнизмот.

Растителните влакна студиите ги поврзуваат со побрзото и поуспешно слабеење.

Ова е случај заради тоа што го намалуваат гликемискиот индекс на храната и ја врзуваат водата во стомакот, со што се промовира ситост. Дополнително, тие се храна за корисната цревна микрофлора, од чиј баланс зависи и целокупното здравје.

Растителните влакна помагаат и при еден од најчестите проблеми со дигестивното здравје- констипацијата или запекот. Едно истражување покажува дека со зголемувањето на внесот на фибер во организмот, опаѓаат шансите за развивање на колоректален канцер.

Одлична храна за здраво срце

Составот на модрите патлиџани, растителните влакна, витамин Ц, Б витамините и антиоксидантите (антоцијанини), ги прави одлична храна за здраво срце.

Една студија, објавена минатата година, вели дека јадењето храна која содржи флавоноидни антиоксиданти, вклучително и антоцијанини, помага за намалување на инфламаторните или воспалителни маркери. Високите вредности за овие маркери го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

Според одредени други студии, луѓето кои консумираат храна богата со антоцијанини, имаат значително подобри параметри за срцевото здравје, како крвен притисок и липиден профил (масти и холестерол). Првото се должи главно на антоцијанините, додека
,,лошиот” холестерол се намалува поради фиберот кој се содржи во висок процент во модриот патлиџан.

Дополнително, ова дејство потврдено е можно и поради хлорогеничната киселина, примарно антиоксидативно соединение на модрите патлиџани.

 

Подобра когнитивна функција

Резултатите од анималните студии покажуваат дека насунинот, кој го споменавме како најмоќен антиоксидант на модриот патлиџан, може да ги заштити мембраните на мозочните клетки од оксидативни оштетувања. Исто така, тој може да го помогне и транспортот (внесувањето и изнесувањето) на хранливите и отпадните материи низ овие мембрани, што е од голема важност.

Антоцијанините превенираат од невроинфламација и ја подобруваат циркулацијата до мозокот. Овој факт може да придонесе за превенција од губењето на меморија и од некои ментални заболувања поврзани со стареењето.

Лабораториските експерименти покажуваат дека насунинот може значително да го намали разградувањето или оштетувањето на мастите во мозокот (голем дел од мозокот е составен од маснотии). Овој процес може да доведе до оштетувања на мозочните клетки.

Модрите патлиџани се добри и за очите

Покрај споменатите антиоксиданти, модрите патлиџани содржат и каротеноидни антиоксиданти, наречени лутеин и зеаксантин.

Овие компоненти ги спречуваат оштетувањата на очите кои произлегуваат од UV зрачењето, но и оштетувањата кои настануваат со текот на страеењето. Најчестото очно заболување кое е поврзано со процесот на стареење е макуларната деградација (нарушување кое може да води и кон целосно слепило) и може да се превенира со консумирање на храна како што е модриот патлиџан.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор