Иако за супа најчесто мислиме за нешто топло, сепак можна е подготовка и на вкусни и здрави ладни супи. Тие се лесни и брзи за подготовка, а се одлична опција за предјадење. Ваквите супи се исто така и ниско калорични и се одлични за луѓето кои внимаваат на внесот на калории. Покрај тоа, тие вклучуваат голем дел од сезонските зеленчуци, па така се и одличен извор на разни нутриенти. Во продолжение издвојуваме два рецепти за подготовка на здрави, медитерански, ладни супи.
Ладна медитеранска супа од домат
Доматот е можеби најчесто користената и најзастапена намирница во нашата кујна. Нашата земја е позната по одгледувањето на доматот, а постојат многу карактеристични сорти, иако можеби една од најпознатите е јабучарот.
Како намирница, доматот речиси нема лимит каде сè може да се употреби. Тој има извонреден состав и претставува навистина нутритивно – густа храна.
Тој содржи дури 95% вода, а тоа всушност ја дава и неговата ниско калорична карактеристика. Во 100g свеж домат се содржат само 18 калории, околу 4g јаглехидрати и низа на витамини, минерали и антиоксиданти. Имено, тој е извонреден извор на витаминот Ц и со консумирање на еден домат ние обезбедуваме 30% од дневните потреби за овој витамин. Покрај тоа, доматот ги содржи и витаминот Б9, витаминот К, како и минералот калиум. Тој е исто така и одличен извор на антиоксиданти – првенствено ликопенот, кој е и заслужен за карактеристичната боја на доматот.
За подготовка на оваа ладна супа ќе ви бидат потребни околу 50 минути, и истата е доволна за околу 4-6 порции
Потребни намирници:
- Маслиново масло
- 2 главици кромид, ситно исецкани
- Малку сол, кари, кумин и црвен пипер како зачини
- 2-3 свежи домати
- Околу еден литар растителен или пилешки бујон
- 1-2 чешниња лук
- 2 лажици брашно
Подготовка:
- Во тавче со маслиново масло, изндистајте ги лукот и кромидот. Додадете го брашното и промешајте. Додадете го и бујонот, доматите и зачинете. Додадете сол по желба и едно лажиче шеќер.
- Оставете ја ваквата смеса да се готви на умерена температура околу 40 минути. Потоа префрлете ја оваа смеса во блендер и изблендирајте ги состојките.
- Вратете ја блендираната смеса во тенџере и додадете сол и бибер по желба. Послужете ја ваквата супа додека е на собна температура.
Медитеранска супа од печени зеленчуци
Потребни намирници:
- Еден мал модар патлиџан
- 1 црвена пиперка
- 1 главица кромид
- Маслиново масло
- Сол, бибер, кумин и сув босилок
- Околу 700ml доматен сос
- Околу 500ml растителен бујон
- Неколку лажици балсамико оцет (по желба)
- По желба, сок од лимон
- Малку свеж магдонос
- 1-2 чешниња лук
Подготовка:
- Ставете го модриот патлиџан, пиперката и кромидот во голем сад. Додадете малку масло и зачинете. На електрична скара или во тавче, испечете ги ваквите зеленчуци додека не се омекнати.
- Кога ќе се оладат, фино исецкајте ги сите зеленчуци на помали парчиња и ставете ги во тенџере. Кон нив додадете го доматниот сос, бујонот, оцетот, сокот од лимон, лукот и зачинете по желба. Ваквата смеса доведете ја до вриење, оставете ја 2-3 минути, а потоа тргнете ја од оган и оставете ја да се олади. Послужете ја ваквата супа ладна или на собна температура.