fbpx

ГЛУТЕН – Целијакија, алергија или интолеранција?

tonus

Многумина се убедени дека избегнувањето на храната со глутен, без никаква посебна потврдена причина, би било добар потег за нивното здравје. За жал, ваквиот тренд е особено негативен, ако се земе предвид дека полнозрнестата храна има силен потенцијал да го подобрува и поддржува нашето здравје.

[Поврзано: Важни причини зошто треба трајно да ја замениме рафинираната храна (БРАШНА) со ПОЛНОЗРНЕСТА храна]

Што всушност означува поимот глутен?

Глутенот е протеин кој е присутен кај повеќе житарки, како пченица, рж, јачмен. Така, тој завршува и во храната добиена од нив: леб, тестенини, житарки и многу други производи. Глутенот не е есенцијална хранлива материја, односно не e нешто што мораме да го внесуваме. Но, тоа не значи дека треба да се избегнува, напротив. Ако немаме дијагностицирано целијакија или пак потврдена интолеранција/алергија, тогаш треба да јадеме храна со глутен.

"“Online”/

Кои се објективните причини за избегнување глутенот?

Ако вие или вашето дете навистина имате интолеранција кон глутенот или пченицата, постојат три различни медицински објаснувања – целијакија, алергија на пченица или сензитивност на глутен која не е поврзана со целијакија (NCGS).

Во продолжение, кои се симптомите на овие состојби и како би можеле со поголема сигурност да утврдите дали страдете од некоја од нив.

Симптоми на алергија на пченица

Алергијата на пченицата всушност претставува имун одговор на организмот на протеините присутни во оваа житарка, вклучително и глутенот. Ваквата состојба е ретка, а е позастапена кај помалите деца. Огромниот дел од децата, го надминува овој проблем до својата 12-та година.

Типичните симптоми на алергијата се: гадење и повраќање, дијареа, иритации во устата и грлото, чешање и пликови, иритација на очите и носот, отежнато дишење.

Овие симптоми вообичаено се јавуваат непосредно по консумирањето пченични производи, а знаат да траат и до неколку часови. Алергијата на пченица, не мора да значи дека лицето е алергично и на други житарки.

Важно е да се напомене дека ваквата алергија е исклучително ретка и се појавува кај 0,1-0,5% од населението и до 1% кај децата.

Симптоми на целијакија

Кога велиме целијакија, се мисли на автоимуно заболување, односно состојба при која нашиот организам самиот се напаѓа, напаѓајќи го глутенот. Штетата настанува кај цревните ресички – одговорните делови за апсорбирање на нутриентите во тенкото црево.

Во отсуство на здрави цревни ресички, апсорпцијата на неопходните нутриенти е нарушена. Оттука следува дека сите заболувања поврзани со нутритивните дефицити или недостатоци се возможни. Последиците можат да бидат навистина сериозни.

Возрасните и децата можат да искусат различни симптоми на ова заболување. Децата најчесто имаат дигестивни симптоми, како надуеност и гасови, хронична дијареа, стомачни болки, проблеми со столицата итн. Нутритивните дефицити знаат да бидат особено проблематични кај децата во развој, па така нетретирањето на оваа состојба може да води и кон поопасни импликации, како одложен пубертет, нарушено расположение, забавен раст и развој и слично.

Повозрасните, покрај дигестивните, често имаат и други симптоми, како хроничен замор, анемија, депресивност, главоболки, болки во зглобовите, афти во устата, проблеми со фертилноста и менструалниот циклус итн. Неспецифичноста на симптомите честопати може да води кон тешко препознавање на состојбата.

За среќа, слично како и кај алергијата на пченица, целијакијата е исклучително ретка состојба, односно се смета дека погодува околу 1% од населението.

Трендот наречен ,,безглутенска исхрана”

Безглутенската исхрана (односно избегнувањето на глутенот) е неопходна за лицата со целијакија да можат да ги избегнат воспалителните процеси и симптомите воопшто, симптоми кои знаат да бидат доста непријатни. Заради овие причини добро е тоа што во последно време има се’ повеќе ,,опции” на оброци и прехранбени производи кои се безглутенски. Но, не е во ред тоа што отсуството на глутен се промовира како општа предност во квалитет на овие производи, во однос на другите, предност која важи за целото население.

Голем дел од луѓето ја прифаќаат безглутенската исхрана поради ваквото промовирање на безглутенските производи, како поздрави, корисни при намалувањето на тежината и многу други бенефити кои и немаат баш некоја поткрепа во науката. Така, дури 63 проценти од Американците веруваат дека безглутенската исхрана може да го подобри нивното здравје, дури и менталното здравје, па една третина од нив се обидува да го избегнува глутенот во секојдневието.

[Поврзано: Трендот наречен безглутенска исхрана]

Симптоми на сензитивност на глутен неповрзана со целијакија

Иако за ваквата состојба не постојат точни биолошки објаснувања, сепак некои луѓе тврдат дека имаат симптоми на интолеранција на глутен иако не станува збор ниту за алергија на пченица, ниту за целијакија.

За оваа состојба не постои ниту соодветен тест кој може да ја потврди. Најчестите симптоми препознаени од пациентите се главоболки, гасови, замор и абдоминална болка.

Ваквата состојба е уште поретка од претходните. Ако веќе сте се тестирале за претходните две состојби и сте негативни, а сепак имате симптоми, разговарајте со вашиот лекар. Обично се препорачува следење (подетално, на пример преку водење дневник) на се она што го јадете, за да се види дали токму глутенот е проблемот или нешто друго во вашата исхрана.

Дијагностицирање

Ако сметате дека консумирањето храна со глутен ви прави одредени проблеми, потребно е тоа да го искомуницирате со вашиот лекар. Тој може да ви препорача подетално следење на исхраната и/или тестирање.

За дијагностицирање на целијакијата, но и за алергијата на пченица се препорачуваат крвни тестови, односно тестови кои утврдуваат присуство на специфични антитела (најчесто tTg-IgA тест).

Биопсијата пак (или ендоскопијата), се смета за најрелевантниот доказ за постоење на целијакија. Ако веќе се утврди оваа состојба, тоа може да биде индикатор за докторот да предложи понатамошни испитувања за синдром на нервозни црева (IBS) или за интолеранција на глутен.

[Поврзано: ,,Нервозни црева” – како да го препознаете овој синдром?]

Повеќе околу тоа како треба да изгледа животниот стил на лицата со целијакија и/или интолеранција на глутен, ќе посветиме посебен текст.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор