Нормално е да се покачи телесната тежина во бременоста. Но, доколку се претера со покачувањето, и животот на мајката и животот на детето се ставаат под ризик.
Затоа, на поправањето во (и пред!) бременоста – треба да се пристапи со крајна сериозност. За да не дојдеме до претерување со телесната тежина, пресудно е од каде ќе почнеме.
Односно, со која телесна тежина ќе започне бременоста?
Дали сте знаеле дека во многу европски земји, ако вашиот БМИ (Body Mass Index) е над 30кг/м2 – тогаш не ги исполнувате критериумите за ин витро оплодување?
Или со други зборови: ако сте високи 155 cm и над 72кг, или ако сте високи 160 cm и над 78 кг, или ако сте 165 cm и над 82 кг – во сите овие ситуации вашиот БМИ е над 30кг/м2 и нема да ви дозволат да направите ин витро – ниту „преку фондот”, ниту на приватно.
Зошто?
Прво и основно, самата тежина над оваа граница ја зголемува веројатноста за неплодност за три пати! Значи, можеби вие и воопшто немате биолошки проблем со плодноста – туку едноставно имате преголема телесна тежина. Лекот за таа ситуација не е ин витро. Лекот е слабеење.
Второ, со толку зголемена телесна тежина, веројатноста да успее ин витро оплодувањето е намалена.
Трето, дури и да успее обидот за ин витро, животот и на пациентката и на детето се става во значителен ризик. Имено, со толку голема телесна тежина расте ризикот од зголемен крвен притисок и дијабет кај мајката, а за плодот расте ризикот од абортус и други неповолни исходи.
Затоа, пред бременост која ќе настане или по природен пат, или по ин витро, исклучително значајно е најнапред да се нормализира телесната тежина на идната мајка.