Тосканска чорба
Тоскана е позната по своите пејзажи, историја, уметничко наследство и секако, по квалитетната и вкусна храна. Тосканските специјалитети се штедливи, едноставни за правење и свежи, а стилот на готвење е типичен за Медитеранот. Taков е и овој едноставен рецепт за автентична тосканска чорба со грав и печурки.
За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:
- 1 шолја сув бел грав, прво потопен во вода неколку часа, а потоа сварен
- 1 кафена лажичка маслиново масло
- 1 голем кромид, ситно исецкан
- 1 големо чешне лук, ситно исецкано
- 1 голем морков, изрендан или ситно исецкан
- ½ страк праз, ситно исецкан
- 6 чешниња лук, ситно исецкани
- 1 кафена лажичка црвен пипер
- 400g шампињони или други печурки по ваш избор, исечени на мали парченца или четвртинки
- 8-10 сушени домати
- 1 кафена лажичка сув или свеж рузмарин
- сок од ½ лимон
- 1 кафена лажичка суво оригано
- ½ кафена лажичка морска сол
- ½ кафена лажичка мелен црн пипер
- свеж магдонос, босилек или нане, ситно исецкани
Начин на подготовка:
- Прво што треба да направите е да го подготвите гравот. За да го направите тоа, прво оставете го покиснат во вода неколку часа (или преку ноќта), а потоа варете го околу еден час, или додека не омекне.
- Ставете ги сушените домати во блендер со рузмарин и оригано. Додадете ¼ шоља вода и миксирајте на висока брзина додека не добиете паста.
- Во едно тенџере или големо, длабоко тавче загрејте го маслиновото масло и додадете ги кромидот, лукот, празот и морковот. Зачинете со морска сол и мелен црн пипер.
- Динстајте ги сите состојки заедно, мешајќи често, додека зеленчукот не омекне и пушти боја (ова би требало да трае околу пет минути).
- Додадете една лажичка црвен пипер и пропржете се’ една минута.
- Додадете ги печурките и динстајте околу три до четири минути, или барем додека печурките не омекнат малку.
- Додадете го сварениот грав и изматената паста од домати и ароматични билки. Добро промешајте за состојките убаво да се комбинираат. Додадете вода или растителен бујон за да ја разредите чорбата ако е премногу густа, или пак оставете ја така ако сакате густа, концентрирана чорба.
- Почекајте чорбата да зоврие и оставете ја да врие околу 10 минути за да се спојат сите вкусови.
- Додадете го сокот од лимон и ориганото и исклучете го огнот. Послужете топло со кускус, топло пита лепче, или пак медитерански леб со маслинки.
- Овој рецепт прави 4 порции.
Нутритивна вредност
(на 1 порција):
Калории: 130 Јаглехидрати: 23g од кои растителни влакна: 7.5g и шеќери: 6.3g; Протеини: 7.4g; Масти: 2g од кои заситени масти: 0.3g; Витамин A: 3220 IU; Витамин Б5: 2.7mg; Витамин Ц: 26mg; Бакар: 0.8mg; Железо: 4.2mg; Калиум: 796mg
Предлог за ручек: Медитеранска туна салата со тиква
Оваа медитеранскатa салата ги комбинира специфичните вкусови, но и хранливи вредности на туната и тиквата кои се надополнуваат. Туната е богата со квалитетни протеини, омега 3 масни киселини и различни микронутриенти, додека тиквата e богат извор на растителни влакна, К витамин и низа други фитохемикалии.
Станува збор за интересен спој на текстури кои придонесуваат оваа салата да има лесен и освежителен вкус.
За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:За основата (салатата):
- 1 краставица, исечена на тенки тркалца
- 4-5 ротквици, исечени на тенки тркалца
- 2 конзерви туна (по можност пакувана во маслиново масло), исцедена
- 1 кафена лажичка сув копар
- 1 мал кромид, ситно исецкан
- 1/3 шоља каламата маслинки, со извадена семка и ситно исецкани
- 1 кафена лажичка лук во прав (може да користите и свеж лук кој ќе го исецкате ситно)
- 1 кафена лажичка морска сол
- ½ кафена лажичка мелен црн бибер
- сок од 1 лимон
- 3 супени лажици маслиново масло
За тиквата:
- мала мускатна тиква од околу 400g, исецкана на крупни коцки и испечена
- 2 супени лажици маслиново масло
- 1 кафена лажичка кромид во прав
- 1 кафена лажичка лук во прав
- 1 кафена лажичка морска сол
- ½ кафена лажичка мелен црн бибер
Начин на подготовка:
- Вклучете ја рерната да се загрее на температура од 200°С и обложете еден среден плех со хартија за печење.
- Во голем сад измешајте ги заедно парчињата тиква, зачините и маслиновото масло и ставете ги на плехот. Печете околу 30 минути или додека не поруменат.
- Додека се пече тиквата, подгответе ја салатата. Почнете прво со правење на туната: во голем, длабок сад ставете ги двете конзерви туна, кромидот, лукот, копарот, маслинките, морската сол и биберот и сето тоа убаво промешајте го.
- Потоа, додадете ги краставиците и ротквиците и повторно промешајте, но овој пат многу понежно и помалку енергично.
- Извадете ја тиквата од рерна, почекајте да се излади и додадете ја во садот со туната, без да мешате.
- Овој рецепт прави 4 порции.
- Остатоците од ова јадење можете да ги чувате во фрижидер во добро затворен сад најмногу 5 дена.
Нутритивна вредност:
(на 1 порција)
Калории: 370 Јаглехидрати: 21g од кои растителни влакна: 3g и шеќери: 3,5g; Протеини: 31g; Масти: 18g од кои заситени масти: 3g и омега 3 масни киселини: 0,3g; Витамин A: 11 500 IU; Витамин К: 55µg; Витамин Б3: 10mg; Витамин Б12: 2,5µg; Железо: 2,5mg; Фосфор: 272mg; Селен: 90µg; Витамин Д: 350IU; Калиум: 600mg;