Зимата е период во кој треба посебно да внимаваме на нашиот имунитет. Пандемијата со новиот коронавирус е само причина плус во оваа насока.
[Поврзано: Како ИМУНИТЕТОТ е поврзан со животниот стил?]
Правилната исхрана е клучен, неразделен елемент од одржувањето на оптималниот имунитет. Затоа, во продолжение ви нудиме 2 предлог-рецепти за здрави и вкусни крем-чорби, кои можете лесно и брзо да ги подготвите. Потребните намирниците можат исто така лесно да се најдат и тоа по ниски цени.
Крем-чорбите од грашок и цвекло изобилуваат со хранлива вредност, а имаат навистина малку калории. (Погледнете ја нутритивната табела под секој од рецептите!) Можат да служат како предјадење, но и како вкусна, брза и особено здрава вечера.
Интензивните бои доаѓаат од потентните антиоксидативни пигменти на овие зеленчуци, што е и главната причина за нивните корисни ефекти по нашето здравје. Дополнително, во рецептите во продолжение, застапени се и повеќе други типови свежа, нутритивно концентрирана храна!
Многу повеќе околу хранливата вредност на грашокот и цвеклото, прочитајте во нашите претходни статии:
Богат со растителни протеини, одличен за слабеење – ГРАШОК!
ЦВЕКЛО – богат изор на молекулата која го регулира протокот низ артериите
[Поврзано: Рецептот за ЦВЕКЛО кој го ветивме!]
Зелена крем чорба од грашок
За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:
- 1 главица црвен кромид со средна големина
- 3 чешниња лук
- 1 поголем компир или 2 помали
- 300g смрзнат или свеж грашок
- 700ml вода или растителен бујон
- 1 лажица ладно цедено маслиново масло
- Сол и бибер според вкус
- Неколку гранчиња свеж магданос и коријандер
- 1 кафена лажичка сок од лимон
- Билки за гарнирање – босилок, магданос, малку рендани јатки, ние ќе користиме малку печени кикирики и неколку капки ладно цедено маслиново масло. За оваа цел, можете да користите и пробиотски, нискомаслен јогурт.
Начин на подготовка:
- Измијте, излупете ги и потоа ситно исецкајте ги кромидот, лукот и компирите (на коцкички).
- Во едно тенџере, додадете го маслиновото масло и кратко запржете ги лукот и кромидот на средно-висока температура. Потоа, додадете ги излупените и исецкани компири заедно со грашокот и водата/растителниот бујон. Посолете, а потоа додадете бибер и од сецканите свежи билки (магданос и коријандер).
- Намалете ја температурата и крчкајте 15-тина минути, додека соодветно не се сварат компирите и грашокот. Како да знаете кога им е доста? Ако вилушката лесно минува низ нив, тоа значи дека се соодветно сварени.
- Тргнете го тенџерето од оган, додадете го сокот од лимон и по 1-2 минути почнете да ја блендирате содржината. Овој процес можете да го правите и со обична лажица или пак со миксер, доколку немате блендер. Оставете неколку лажици цели зрна грашок, за подоцна да ги додадете во финалната чорба.
- Сервирајте ја чорбата и гарнирајте по желба. Можете да искористите и некој од нашите предлози погоре – рендани кикирики, малку маслиново масло и сецкани свежи билки (магданос и коријандер).
- Овој рецепт прави околу 3 порции.
- Чорбата може да се служи и топла, но може да се чува и некое време во фрижидер, па потоа да се јаде.
- Консумирајте ја оваа вкусна чорба со потпечени лепчиња.
Нутритивна вредност:
(на една порција)
Калории: 250 Јаглехидрати: 40g од кои растителни влакна: 8g и шеќери: 7g; Протеини: 9g; Масти: 7g од кои заситени масти: 1g; Витамин A: 2100IU; Витамин Б1: 0,4mg; Витамин Б6: 0,5mg; Фолна киселина: 90µg; Витамин Ц: 40mg; Витамин К: 33µg; Бакар: 0,3mg; Железо: 2,7mg; Maгнезиум: 60mg; Цинк: 1,5mg; Калиум: 750mg;
Црвена крем чорба од цвекло во комбинација со фета сирење
За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:
- 3 поголеми парчиња свежо цвекло, добро измиено, излупено и исечкано на помали коцки
- 300g домати
- Едно чешне лук
- 1 главица црвен кромид со средна големина, ситно исецкан
- 1 лажица ладно цедено маслиново масло
- 400ml вода или растителен бујон
- Сол и бибер според вкус
- Околу 50g фета сирење
Начин на подготовка:
- На една тава за печење поставете ги преполовените домати и додадете го лукот, заедно со половина од маслиновото масло. Печете 20-25 минути на температура од 190 степени, односно додека соодветно не омекнат. Потоа, обидете се да го излупите и да ги отстраните сите потврди делови.
- Во еден подлабок сад, поставен на средно-висока температура, истурете го останатото маслиново масло и малку пропржете го исецканиот кромид. Потоа, во истиот сад додадете ги коцките со цвекло, заедно со водата или растителниот бујон. Посолете, додајте бибер според вкус и потоа крчкајте на пониска температура 7 до 10 минути или додека цвеклото соодветно не омекне.
- Додадете ги печените домати во содржината со цвеклото и блендирајте. Ако немате блендер, хомогенизирањето на смесата можете да го направите со обична лажица (ќе ви треба малку повеќе време) или пак со миксер.
- Откако добро ќе ја соедините смесата, ставете ја малку да се олади во фрижидер пред да ја консумирате.
- По вадењето од фрижидер, со рацете наросете малку фета сирење, гарнирајте со некакви свежи билки и по желба додајте малку од некое ладно цедено масло.
- Овој рецепт прави околу 3 порции.
- Чорбата од цвекло одлично оди со потпечени лепчиња, а може да додадете и малку балсамико оцет.
Нутритивна вредност:
(на една порција)
Калории: 245 Јаглехидрати: 35g од кои растителни влакна: 11g и шеќери: 21g; Протеини: 9g; Масти: 9g од кои заситени масти: 3g; Витамин A: 1000IU; Витамин Б6: 0,4mg; Фолна киселина: 350µg; Бакар: 0,3mg; Железо: 2,8mg; Манган: 1,1mg; Maгнезиум: 88mg; Фосфор: 210mg; Цинк: 1,7mg; Калиум: 1400mg; Селен: 5µg