fbpx

Зошто антибиотици се земаат ИСКЛУЧИВО по препорака на лекар?

tonus

Секоја година, барем еден член од семејството се соочува со настинкa, грип, течење на носот, кашлање и кивање, а неретко инфекцијата се шири и на другите членови. Најчесто заради желбата за полесно и побрзо справување со инфекциите, односно досадните симптоми, се посетува матичниот лекар. Многумина од оваа посета очекуваат ,,конкретни” решенија. Тие конкретни решенија за огромен дел од населението се рецепти со препишани антибиотици.

Така, најчесто доколку докторот не препише ваква терапија пациентите се дури и лути, бидејќи не им било понудено решение. Но, всушност најчесто на овој начин не само што докторот не ви прави штета, туку ви прави услуга. Повеќе причини зошто е тоа така, во продолжение.

Што третираат или што се лекува со антибиотици?

Двете главни класи микроорганизми кои најчесто предизвикуваат инфекции се бактериите и вирусите. Главниот проблем е што двата типа патогени предизвикуваат заболувања со слични симптоми, но на различен начин се шират и размножуваат:

"“Online”/

Бактериите се живи едноклеточни организми. Тие се насекаде и генерално не ни предизвикуваат некаква штета, па дури често ни се и корисни. Сепак, некои нивни видови се особено штетни, односно патогени и ни предизвикуваат болести искористувајќи го нашето тело како ,,хранлива подлога” и нарушувајќи ги неговите нормални физиолошки процеси.

Вирусите се граница помеѓу живото и неживото. Тие имаат нужна потреба од клетка-домаќин за да се размножуваат. Телото најчесто преку имуниот одговор ги уништува овие патогени уште пред да создадат било какво заболување и штета.

Многу е важно да се разбере дека антибиотската терапија делуваат ИСКЛУЧИВО на бактериите, убивајќи ги преку спречувањето на нивниот развој и размножување.

Антибиотиците не делуваат на вирусите и габите. Често се користат и при вирусни инфекции, бидејќи кај одредени пациенти имунитетот слабее заради константната борба со вируите, па телото станува поподложно и на други видови дополнителни инфекции, меѓу кои најчести се бактериските.

Што значи претерана употреба на антибиотици и што се случува при ваквата употреба?

Несомнено антибиотиците се едно од најголемите откртија на медицината во ХХ век и буквално предизвикале медицинска револуција. Сепак нивната претерана употреба може да води кон бактериска резистентност или отпорност.

Претераната употреба на антибиотици подразбира нивна употреба кога не се воопшто потребни – при вирусна инфекција  или употреба на антибиотици секогаш, односно и при најмали симптоми, кога телото лесно може да се справи со инфекцијата.

Всушност резистентноста настанува кога патогените бактерии се постојатно изложени на антибиотици и имаат време, односно со текот на времето можат да се прилагодат на нив. На тој начин тие веќе не се уништуваат од постоечките антибиотици. Важно е да се разбере дека отпорноста е ,,заразна”, односно отпорните соеви успешно се размножуваат и потоа циркулираат помеѓу населението.

Така, можни се многу посериозни инфекции кои тешко можат да се контролираат, а со тоа се поверојатни и многу позначајни штети по здравјето.

Денес постојат такви супер-бактерии кои се отпорни на повеќето достапни антибиотици и Американската агенција за контрола и превенција од болести (CDC), која инаку најчесто говори со оптимистички јазик, на темата бактериска резистентност е доста загрижена.

Таа го дефинира проблемот со бактериската резистентност како ,,еден од најголемите светски проблеми во однос на јавното здравје. Под особен ризик се неразвиените и земјите во развој заради лошиот здравствен систем и санитарните услови.

Можни штетни последици од претераната употреба на антибиотиците:

Покрај создавањето на соеви бактерии кои се доста резистентни, што е главниот проблем, зачестената и непотребната употреба на антибиотиците може да води и кон:

нарушување на балансот во цревната корисна микрофлора, односно покрај убивањето на ,,лошите”, антибиотиците ги убиваат и ,,добритe” бактерии (затоа речиси секогаш антибиотската терапија треба да е во комбинација со препишани пробитици) – ова може да предизвика стомачни болки, запек, пролив итн.

мутации кај некои корисни бактерии кои можат да ги направат штетни за здравјето

зголемени трошоци за здравствениот систем (подолго лекување, почести инфективни заболувања, поскапи третмани итн)

зголемување на смртноста кај одредени инфективни болести

алергиски реакции на антибиотици итн

Што може секој од нас самиот да превземе?


Секој од нас треба да биде едуциран што значи тоа правилна употреба на антибиотиците, но да биде и едуциран за превенирање од инфекциите.

Една од позитивните работи која произлезе од пандемијата со коронавирусот е што сега веќе луѓето се поинформирани што значи вирусна, а што бактериска инфекција и како да се заштитиме од двете.

Основната едукација подразбира секој да ги познава следните основни факти:

• Антибиотиците не се лекови за лечење на грип и настинка.
• Антибиотикот не е лек за секоја болка во грлото.
• Со антибиотик се лечат бактериски, а не вирусни инфекции.
• Антибиотикот не е лек за намалување на телесната температура.
• Нерационалната примена на антибиотиците ја намалува нивната делотворност.
• Антибиотикот треба да се зема само по препорака на лекар и тоа во точно определено време и дозата треба да се испие цела.
• Со неправилна употреба на антибиотикот создаваме отпорни бактерии.
• Антибиотиците се единствените лекови чија неразумна употреба не само што негативно влијае на здравјето на лекуваниот пациент, туку делува особено негативно на она што се подразбира под јавно здравје.

Превенирањето освен основна едукација подразбира редовно и правилно миење на рацете со сапун и топла вода, темелно миење на овошјето и зеленчукот пред употреба и избегнување на храна која е недоволно термички третирана.

Дополнително, пред да се решите да земате антибиотик, обидете се да се лекувате со некои природни методи на лекување што го зајакнуваат имунитетот. Не секоја настинка има потреба од лекови. Можете да се обидете со употреба на некои природни намирници кои се покажале ефективни: прополис, ехинацеа, лук, столисник, рен, мајчина душица и други.

Силниот имунитет е важен за да се одбрани организмот од инфекции, а тој се зајакнува и одржува со здрава храна, физичка активност и здрав начин на живеење. Здравиот организам е способен да се избори против голем број на инфекции и без антибиотици, а со тоа станува и уште појак.

 

Правилна употреба на антибиотици

Правилната употреба на антибиотиците може да:

◦ ја заштити нивната ефективност
◦ го продолжи рокот во кој ќе бидат ефективни
◦ да ја намали стапката на бактерии резистентни на антибиотици
◦ да ги намали несаканите ефекти од примањето антибиотици

Доколку е неопходно да земате антибиотик, тогаш следете ги следните 4 основни точки за правилна употреба на антибиотиците:

Земајте ги само по препорака на лекар (утврдување дали се работи за бактериска или вирусна инфекција)
Не барајте од лекарот да ви пропише антибиотик „за секој случај“ и не ги купувајте на своја рака
Терапијата со антибиотици секогаш спроведете ја до крај
Не земајте туѓи антибиотици и не ги употребувајте антибиотиците што ви останале од некоја претходна терапија За време на антибиотската терапија и две недели по завршувањето може да биде корисно земањето на пробиотик (консултирајте го фармацевтот).

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор