fbpx

Како ВАРЕЊЕТО влијае на ВИТАМИНИТЕ?

tonus

Можеби за многумина е изненадување, но начинот на подготовка на храната игра доста значајна улога во зачувавањето, а од друга страна и во достапноста на нејзините хранливите материи.

Значи не е доволно само избирањето на здрава храна, туку и начинот на кој таа се приготвува, но и во каков прибор се приготвува. Повеќе околу тоа кој прибор е најдобар за готвење прочитајте тука.

Постојат повеќе начини на приготвување на храната и сите делуваат на неа на одреден начин. Варење, печење, пржење, динстување, подготвување во микробранова итн. Секој од овие начини може да делува повеќе или помалку негативно или позитивно, во зависност од типот на храната која подложи на третман. Секако, генерално земено, постојат поздрави и штетни начини на приготвување. На пример, пржењето се смета за исклучително негативно од повеќе аспекти, додека динстувањето и варењето генерално се позитивни.

"“Online”/

Повеќе околу тоа како различните начини на приготвувања делуваат на храната, прочитајте во една од претходните статии.

Многу е важно, во зависност од храната, да го изберете вистинскиот начин на подготовка со цел задржување на сите нејзини хранливи компоненти, но и за оптимизирање на вкусот.

Избегнувајте го пржењето, доколку е можно и целосно. Генерално, за најуспешно готвење важи правилото: гответе пократки периоди, на пониски температури и со минимално количество на вода.
Не дозволувајте хранивите материи да ви ,,избегаат” од чинијата!

Во продолжение, ќе се задржиме повеќе на тоа како варењето делува на микронутриентите наречени витамини.


Што се витамините?


Витамините претставуваат комплексни органски соединенија кои природно се наоѓаат во растителниот и животинскиот свет и се неопходни во мали количини за правилно одвивање на метаболичките процеси во организмот. Човечкиот организам не може да синтетизира ниеден витамин (освен витаминот D), па така неопходно е овие есенцијални нутриенти да се внесуваат преку исхраната за негово правилно функционирање.

Витамините се делат во две групи:
1. Витамини растворливи во масти (A, D, E и K витамин) – можат подолго да се задржат и да се акумулираат во организмот, заради што треба внимателно да се користи нивната суплементација, со цел спречување на хипервитаминози.
2. Витамини растворливи во вода (витамин С, групата на витамини В, фолната киселина) – брзо се излачуваат од организмот и пократко се задржуваат во него, заради што треба да се внесуваат секојдневно со исхраната. Витамините растворливи во вода се исклучително важни за функциите на организмот и за некои групи на пациенти е неопходно нивно вклучување како додатоци на исхраната. На пример, децата, повозрасните луѓе, лицата со специфична исхрана, спортистите и лицата што се занимаваат со тешка физичка работа.

Како варењето влијае на витамините?

Постојат неколку фактори кои влијаат на стабилноста на витамините – светлина, температура, изложеност на кислород, pH средина, поминатото време и некои поретки фактори, како одредени хемикалии. Во статијава ќе се задрижиме на влијанието на процесот на варење, односно влијанието на температурата и водата.

• Аскорбинска киселина или витамин Ц

Витаминот Ц е особено нестабилен водорастворлив витамин. Тој е чувствителен на речиси сите околински фактори кои ги наведовме, а дополнително може да стане недостапен за организмот и поради тоа што е лесно растворлив во вода(која е медиум за процесот на варење/вриење). Заради овие причини, сите начини на приготвување влијаат негативно на достапноста на овој витамин, а за особено негативен начин на приготвување во оваа смисла се смета варењето.

Заклучокот треба да биде, храната богата со овој витамин, немојте да ја варите. На пример, брокулата најдобро подготвувајте ја со динстување.

Сепак, овој совет не важи за секоја храна богата со витамин Ц. На пример спанаќот е подобар варен заради тоа што на тој начин се ,,неутрализира’’ дејството на некои негови штетни антинутриенти кои можат да ни ги направат недостапни другите хранливите материи.

Иако вака подготвениот спанаќ ќе има пониски концентрации на витамин Ц, лесно можеме да го надоместиме овој витамин, бидејќи го има во друга разновидна храна. За разлика од аскорбинската киселина, калциумот и железото, на пример, со кои исто така е богат спанаќот, ги нема во толку многу други здрави прехранбени производи.

Групата на Б витамини

Исто така водорастворливи, генерално нестабилни и можат да ја загубат формата во која ни се корисни при складирање, светлина и различни типови процесирања меѓу кои и варењето.

Една студија која го испитувала ефектот на варењето на млекото, кое е богат извор на Б витамини, заклучува дека само по 15тина минути се губи дури до 40% од витамините Б1, Б2, Б3, Б6 и Б9 (фолна киселина).

Но, тука и нема толкав простор за загриженост, бидејќи постојат доста видови на храна, богата со овие витамини која поретко подлегува на процеси на варење(полнозрнаста храна и јатки на пример).

Кратки совети за зачувување на водорастворливите витамини во храната:

◦ не ја потопувајте во вода храната богата со овие витамини пред да ја приготвувате
◦ гответе што е можно пократко време
◦ користете што е можно помалку вода за варењето
◦ не ја сечкајте храната, доколку е можно приготвувајте ја цела
◦ веднаш сервирајте ја храната, непосредно по подготовката
◦ често, витамините се растворени во водата во која сте готвеле, искористете ја, немојте да ја фрлате

Варењето и маснорастворливите витамини


За разлика од водораствроливите витамини, витамините растворливи во маснотии, А, Е, К и Д се значително постабилни при повисоки температури, а дополнително на тоа, не се растворливи во вода.

Оттука, логичен би бил заклучокот дека процесот на варење не влијае ни одблизу така лошо на овие витамини како на водорастворливите, па варењето се смета за одличен извор за подготовка на храната богата со споменатите витамини.

Храна богата со маснорастворливите витамини:

• зелен зеленчук
• јаткасти плодови
• семиња
• риба
• сладок компир

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор