fbpx

Ковид-19 и згрутчување на крвта. Што се тоа D-димери?

tonus

Во претходните статии зборувавме за пандемијата со коронавирусот и заболувањето Ковид-19 од најразлични аспекти.

Денес ќе посветиме повеќе внимание на еден од поимите кој често пати го слушаме во контекст на инфекцијата со новиот коронавирус – D-димери (Де-димери), но и на згрутчувањето на крвта при Ковид-19.

Што претставуваат D-димерите? Како и кога се тестираат? Како се поврзани со инфекцијата од коронавирусот? Зошто се случува згрутчувањето на крвта кај некои пациенти со Ковид-19?

"“Online”/

Во продолжение, ќе се обидеме да одговориме на овие прашања и на некои други сличните дилеми.

[Поврзано: 3-те најкористени суплементи за Ковид-19]

Што означува поимот D-димери?

Кога ќе се пресечеме, телото превзема низа на чекори кои ќе и овозможат на крвта соодветно да се згрутчи на точно определеното место. Тоа претставува нормален дел од процесот на самолекување, без којшто би дошло до непотребни губења на крв. Губењето крв е голем ризик по здравјето и може да води до различни сериозни здравствени проблеми.

Кога споменатото згрутчување ќе си ја заврши работата, телото веќе нема објективна потреба од понатамошно одвивање на процесите за згрутчување. Сепак и самото прекинување на згрутчувањето исто така претставува сложен процес, односно потребни се повеќе чекори за тоа да запре. На крајот, како резултати на сите овие процеси, во крвотокот неминовно остануваат поцврсти честички кои циркулираат заедно со крвта.

Само една од честиците кои се остаток се споменатите D-димери. Всушност тоа се делови или крајните продукти на деградацијата на протеинот фибрин – кој ја гради фибринската мрежа, односно самото згрутчување. Разградувањето се случува под дејство на специјализиран ензим, наречен плазмин. Споменавме дека D-димерите всушност се крајните продукти на деградација на фибринот, што би значело дека постојат и други деградациони продукти за кои исто така постојат соодветни тестирања.

Во вообичаени, нормални услови, за кратко време неговите нивоата на D-димерите драстично паѓаат, па е доста тешко воопшто да бидат утврдени. Високите вредности за овие остатоци од фибринот укажуваат на некакви проблеми – можеби телото постојано продуцира и разградува згрутчувања во крвта?

Состојби кои се поврзани со згрутчување на крвта – повишени D-димери:

 

  • Длабока венска тромбоза (ДВТ) – една од најчестите состојби кои се поврзуваат со несоодветно згрутчување на крвта. При оваа состојба, доаѓа до формирање на згрутчувања во вените длабоко во телото, најчесто во долниот дел на нозете. Овие згрутчувања имаат потенцијал да ,,пораснат” и да направат навистина сериозни здравствени проблеми, блокирајќи го крвниот проток до нозете, што може да води до отоци, болки и оштетувања на ткивата. Истиот процес може да се случи и во други делови од телото, како на пример во белите дробови, предизвикувајќи пулмонарна емболија.

 

  • Срцев и мозочен удар – згрутчувањата можат да се формираат и во артериите, водејќи до зголемен ризик од блокирање на овие крвни садови и срцев или мозочен удар.
  • Дисеминирана интраваскуларна коагулација – состојба при која факторите за згрутчување се активирани и функционираат низ целото тело. Ова води кон создавање на бројни мали згрутчувања, а во исто време го остава пациентот ранлив на прекумерни крварења. Се работи за комплексна, понекогаш и живото-загрозувачка состојба, која може да се случи заради различни причини – сепса, каснување од отровна змија, заболувања на црниот дроб, непосредно по пораѓање итн.
  • Откажување на бубрезите – згрутчувањата на крвта во бубрезите може да води кон нивно откажување во крајна линија.

Кога се препорачува тестирање на D-димерите и на што укажуваат резултатите?

 

Тестирањето на D-димерите најчесто е потребно кога пациентот веќе е хоспитализиран и има сериозни симптоми, како на пример болки во градите, тешко дишење итн.

За ова тестирање упат се добива и доколку пациентот има симптоми на

– длабока внеска тромбоза:

 

  • Слабост во нозете, болки и тоа најчесто на едната нога
  • Отоци, едема
  • Губење на природната боја на ногата

– пулмонарна емболија:

 

  • Нагло губење на здивот и тешко дишење
  • Хронична кашлица и искашлување крв
  • Болки во градите
  • Забрзан срцев ритам

 

– дисеминирана интраваскуларна коагулација:

  • Крвави непца
  • Гадење, повраќање и болки во стомакот
  • Остри болки во мускулите
  • Напади
  • Зголемено мокрење 

D-димер тестот е особено корисен кога постои сомневање кај медицинските лица дека нешто друго, а не длабоката венска тромбоза или пулмонарната емоблија, ги предизвикува симптомите. Овој тест претставува брз, неинвазивен метод за полесно откривање на абнормалното или прекумерно згрутчување на крвта како симптом на некое заболување.

 

Добиените резултати можат да укажат на потреба од некои понатамошни испитувања, во насока на откривање на тоа која е причината за неправилното згрутчување на крвта (како симптом). Тие помагаат да се утврди дали постои потреба за соодветен третман кој ќе помогне да се спречи формирањетоа на тромбовите.

 

Повишените нивоа на D-димери укажува на абнормално високи нивоа на фибрински деградациони продукти во крвта. Посочуваат на потенцијално постојано формирање на тромбови во крвта и нивна деградација (разградување). Сепак, резултатите не можат да откријат во кој дел од телото се случува ова и со нив може да се исклучи длабока венска тромбоза, но не и да се дијагностицира. Тестот има висока сензитивност, но ниска специфичност.

 

Високото ниво на овие продукти се смета за вообичаено и после оперативни зафати или при бременост.

 

Референтни вредности

Различни лаборатории имаат различни референтни вредности, но генерално за негативен резултат се сметаат вредностите под 0,5μg/ml, иако во некои лаборатории негативната вредност е под 0,25μg/ml. Кај бремените жени, за прифатливи вредности се сметаат и оние до 1,7μg/ml, во последното тромесечие.

За позитивен тест, односно повишени D-димери се сметаат резултатите над 0,5μg/ml.

 

Што досега знаеме за Ковид-19 и развивањето на тромбови?

Покрај веќе добро познатите вообичаени симптоми на инфекцијата со новиот коронавирус, кај хоспитализираните пациенти се појавува и формирањето на згрутчувања во крвта. Ова било забележано низ повеќе возрасни групи пациенти.

Едно истражување на над 180 пациенти од интензивна нега, утврдува дека дури кај 31% од нив имало компликации поврзани со згрутчувања во крвта. На оваа тема, постојат и повеќе други студии со слични резултати.

Сè уште нема доволно податоци околу тоа колку зачестено е згрутчувањата во крвта кај лицата со умерени симптоми на Ковид-19.


Зошто Ковид-19 може да предизвика тромбови?

Сè уште останува нејасно зошто кај некои пациенти се развиваат овие згрутчувања на крвта кои се потенцијален ризик за различни компликации.

Како и да е, една доста релевантна студија, објавена во The Lancet Haematology, дава резултати кои потенцијално можат да ни одговорат на ова прашање.

Истражувањето опфаќало 68 пациенти, хоспитализирани со Ковид-19. Од нив, 48 биле на одделение за интензивна нега, а 20 не. Нивната крвна била анализирана за најразлични маркери, поврзани со згрутчувањето.

Резултатите покажале дека пациентите на интензивна нега имале повисоки нивоа на споменатите маркери, во однос на другите испитаници. Точните причини за ова не се познати, но истражувачите вeлат дека тоа најверојатно се должи на еден (или комбинација) од следните механизми:

 

  • Ендотелијалните клетки (оние од внатрешната површина на крвните садови) ги имаат ACE2 рецепторите кои новиот коронавирус ги користи како ,,влезна порта” во клетките. Заради ова, вирусот може директно да навлезе во нив и на тој начин да влијае на згрутчувањето (ендотелијалните клетки се многу важни за одвивање на правилното згрутчување на крвта).
  • Ако вирусот не ги напаѓа директно овие клетки, оштетувањата кои се можни во нивните околни ткива заради вирусна инфекција или имуниот одговор на неа, можат да предизвикаат зголемување на згрутчувањата.
  • Зголеменото ниво на инфламаторни (воспалителни) молекули, кои имунитетот ги продуцира како одговор на инфекцијата со вирусот, можат исто така да поттикнат згрутчувања.

 

Уште една, неодамна објавена студија поддржува дел од наведените теории на претходно наведеното истражување. Имено, во неа се вели дека тромбоцитите на хоспитализираните пациенти со Ковид-19 се ,,хиперактивни” и го зголемуваат ризикот од непотребни згрутчувања.

 

Дали некои луѓе со Ковид-19 се во посебен ризик од развивање на згрутчувања?

 

Ризикот од згрутчувања на крвта при Ковид-19 се зголемува ако:

 

  • Пациентот е хоспитализиран – како што веќе претходно споменавме, најголемиот дел од случаите на згрутчувања се утвредени кај хоспитализираните пациенти. Значи, хоспитализацијата е ризик-фактор број еден.
  • Пациентот има повишени D-димери или инфламаторни маркери, како CRP – во една студија се вели дека повишените D-димери кај хоспитализираните лица се силен предиктор на неповолен исход. Слични податоци постојат и за повишените инфламаторни маркери.
  • Пациентот има други хронични состојби или заболувања – кардиоваскуларни, дијабет или гојазност.

 

[Поврзано: Што означува CRP тестот и зошто е важен за здравјето на крвните садови?]

Можни компликации

 

Претходно зборувавме околу ризиците и можните компликации од згрутчувањата, како срцев, мозочен удар, пулмонарна емболија итн. Попречувањето на протокот на крвта, може да се одрази негативно и на многу други органи и органски системи, па така тромбовите често можат да бидат потенцијална опасност и за бубрезите, гастроинтестиналниот тракт, екстремитетите итн.

Дополнително, згрутчувањата можат да имаат влијание и на најмалите крвни садови – капиларите. Малите згрутчувања во капиларите водат кон состојбата често нарекувана ,,ковид прсти” која веќе е позната помеѓу некои ковид пациенти – црвенила на прстите на нозете, како резултат на споменатите згрутчувања.

Капиларните згрутчувања можат да бидат особено опасни за ковид пациентите со пневмонија, кои заради силното воспаление и насобирањето на теченоста во белите дробови, веќе имаат сериозни тешкотии со дишењето.

 

Третман и превенција

Лекарите ја третираат ваквата состојба со антикоагулантни лекови. Ваквата терапија ги намалува веќе формираните згрутчувања, а превенира и од создавање на нови.

Но, дали постои нешто што можат луѓето да направат за да си помогнат во превенцијата, освен секако нели, да избегнат инфекција со Ковид-19, почитувајќи ги мерките?

 

Следете ги следните совети за намалување на ризикот од згрутчувања:

 

  • Бидете редовно физички активни
  • Одржувајте нормална телесна тежина
  • Уште една силна причина да ги оставите цигарите
  • Знајте ги несаканите ефекти на некои медикаменти – одредени контрацептиви, хормонска терапија, хемотерапија, можат да го зголемат ризикот од несакани згрутчувања. При ваква терапија, консултирајте се со вашиот лекар за соодветни совети.

[Поврзано: Непријатни симптоми по откажувањето од цигарите – Како да си помогнете?

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор