fbpx

Кој е тој хормон на СИТОСТА и зошто е толку важен?

tonus

Низ интернет просторот многу често може да се забележат предлози за различни т.н. лептин диети, но и разни лептин суплементи кои ви ветуваат дека полесно и побрзо ќе ја достигнете целта – губење на килограмите.

Заради овие причини, денес ќе се обидеме да дадеме одговори на следните прашања: Што е лептин? Каква е неговата функција? Дали во горенаведените тврдења има некаква  вистина, односно научна поткрепа?

Што е лептин?

Лептинот е не толку одамна откриен хормон – во 1994-тата година. Што претставуваат хормоните? Хормоните се хемиски ,,гласници” кои сигнализираат или носат инструкции од еден дел на телото, до друг.

"“Online”/

Лептинот (инаку протеинска молекула) се продуцира во адипоцитите или клетките на масното ткиво. Тој се излачува кога веќе е обезбедено доволно енергија од калориите на храната која сте ја изеле. Потоа, лептинот низ крвотокот патува до мозокот (хипоталамусот) и му ,,кажува” дека сте сити. Така, мозокот го супресира чувството на глад, со цел да запрете со јадењето.

Овој хормон го регулира и долгорочниот внес на храна (енергетските потреби на организмот), не само оној од еден до друг оброк. Примарната цел на лептинот е да му помогне на телото да одржи постојана телесна тежина.

Заради тоа што е продуциран од клетките на адипозното (масно) ткиво, неговите количества се во директна поврзаност со количеството масни наслаги кај поединците. Како се зголемува количеството масни наслаги, така растат и нивоата на овој хормон.

Лептинот има и други значајни функции

Научниците сè уште откриваат нови функции на овој хормон. Според истражувањата, лептинот игра одредена улога и за здравјето на срцето, коските, но и за имуниот одговор. Најголемиот дел од позитивните ефектите ги има заради својот индиректен антивоспалителен ефект – хроничната инфламација се случува при неадекватна функција (сигнализација) на лептинот.

Постојат и повеќе други здравствени аспекти кои се поврзуваат со дејството на овој протеин, а ќе споменеме уште една – фертилноста. Имено, ако мозкот не е доволно стимулиран од лептинските нивоа, фертилноста е значително нарушена. Ова и не е така изненадувачки, бидејќи еволутивно гледано, ако жената нема соодветно ниво на масни резерви, бременоста и не е така безбедна.

Врскaта помеѓу лептинот и телесната тежина е многу комплексна

Кога лептинот бил откриен во 1994-тата година, научниците сметале дека е тоа револуционерно откритие во однос на слабеењето и контролирањето на телесната тежина, што е и логично да се заклучи имајќи ја предвид неговата функција. Сметале дека ако најдат начин да ги зголемат нивоата на лептин кај луѓето со прекумерна телесна тежина, тоа ќе води кон трајно ,,излекување” на гојазноста.

За жал, се покажа дека врската помеѓу лептинот и гојазноста е многу покомплексна. Иако продолжуваат да се прават истражувања, сè уште нема научна потврда за ефикасна ,,терапија за обезност базирана на лептин. Еден исклучок е реткото генетско нарушување кај децата кои се родени без можност за продуцирање на овој хормон – што води кон прекумерна телесна тежина. Кај овие деца, третманот со лептин покажал ветувачки резултати.

Каде настанува ,,проблемот со лептинот?

Кога телото функционира нормално, вишокот масно ткиво продуцира лептин, што го поттикнува хипоталамусот да го намалува апетитот, овозможувајќи му на телото да ја ,,црпи” енергијата од своите масни резерви.

Сепак, за жал луѓето кои имаат проблеми со телесната тежина (гојазните поединци), имаат преголемо ниво на лептин во крвта. Па што е тогаш проблемот? Нели е високото ниво на лептин позитивна работа?

Можеби на прв поглед изгледа така, но ваквата ситуација создава сличен ефект како при дијабетот тип 2 (инсулинска резистентност), овој пат лептинска резистентност, односно намалена сензитивност на овој хормон. Значи, луѓето продолжуваат да јадат, телото да создава сè повеќе лептин, а од друга страна сè повеќе изостанува одговорот на ваквите зголемени нивоа – се формира непријатен циклус, а луѓето со овој проблем продолжуваат да создаваат ново масно ткиво.

Лептин диета – уште една лага

Иако често низ интеренет просторот можат да се сретнат лептин суплементи и т.н. ,,лептинска исхрана”, важно е да знаете дека лептинот не може да се најде во храната, а најчесто не е присутен ниту во ,,неговите” суплементи. Дури и ако е присутен, тешко дека ќе може да биде апсорбиран од дигестивниот систем во крвотокот.

Затоа, лептин диетата е уште една лага, а не функционира ниту суплементацијата со лептин.

Дополнително, зголемувањата на внесот на лептин не може да помогне при лептинска резистентност (која е присутна кај обезните поединци).

[Поврзано: Зошто сите диети без исклучок се погрешни?]


Фокусот треба да ни биде на здравиот живот

Одредени нови истражувања даваат надеж дека во иднина некакви третмани за обезност со лептин се можни, а до тогаш за решавањето на проблемот со килограмите треба да се фокусираме на здравата исхрана и здравите животни навики.

Ако имате проблем со телесната тежина, наместо да се обидувате да си помогнете со лептински суплементи или лептин диети, посветете се на она што значи здрав начин на исхрана и усвојување главните принципи за слабеење.

Кој начин на исхрана (а не диета) повторно и повторно се покажува како најуспешен од повеќе аспекти, прочитајте тука.

Кои се најважните принципи на здравото слабеење, прочитајте во една од нашите претходни статии: Важни принципи на слабеењето – Што треба, а што не треба да правите?

[Поврзано: 7 хормони кои го отежнуваат слабеењето]

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор