fbpx

Малини – храната навистина може да биде ЛЕК, и тоа вкусен!

tonus

Малините се плодовите на повеќегодишните, листопадни билки од семејството Rosaceae, поточно од родот Rubus, кои растат како грмушки. Малините се познати и како црвеното злато на природата, но постојат и во повеќе различни обојувања (виолетово, црно, златножолто).

Овие бобести овошки одамна се одгледуваат од човекот, а се со потекло од Европа и северна Азија. Сепак, денес се култивираат во различни делови на светот. Нашиот северен сосед Србија е познат како еден од најголемите производители на најквалитетните малини во светски рамки.

На нашите пазари најзастапени се црвените малини и тоа токму овој период, па во продолжение 6 причини плус зошто сезонава не треба да ги пропуштиме вкусните малини.

"“Online”/

1) Богат нутритивен состав

Малините се храна со висока нутритивна вредност, односно храна пребогата со микронутриенти (витамини, минерали и разни други фитохемикалии), а сиромашна со калории.

Во само 123g од вкусните малини се содржат:

• 64kcal
• 14,7g јаглехидрати, од кои дури 8g растителни влакна (недигестибилни јаглехидрати)
• 1,5g протеини
• 0,8g масти
54% од дневните потреби за витаминот Ц
• 41%
од ДП за манган
• 12%
од ДП за витаминот К
• 5%
од ДП за витаминот Е

Малините содржат и сосема солидни количеста од минералите: железо, магнезиум, фосфор, калиум, бакар, цинк, калциум но и од витаминот А и витамините од Б групата.

2) Богат антиоксидативен состав


Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак генерално зависи од внесените.

Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.

Малините се богати со неколку многу моќни антиоксидативни компоненти, вкучително витамин Ц, кверцетин и елагична киселина.

Во споредба со останатите бобести овошки, малините имаат слична количина антиоксиданти како и јагодите, но имаат половина од онаа на капините и само ¼ од онаа на боровинките.

Една анализа на поголем број анимални студии утврдува дека екстрактите од малини и капини имаат силни антиоксидативни и антивоспалителни својства и можат да го намалат ризикот од хроничните заболувања, како што се кардиоваскуларните, дијабетот, гојазноста, но и канцерот. Исто така, анимални студии покажуваат дека елагичната киселина може значително да го намали оксидативното оштетување на ДНК (генетскиот материјал) и на тој начин да го намали ризикот од малигни заболувања.

Истражувањата покажуваат дека дури и замрзнатите малини поседуваат антивоспалителни својства.

3)Малините можат да придонесат и за контролирање на глукозата во крвта

Малините имаат ниска јаглехидратна содржина и висок процент на растителни влакна, што ги прави одличен избор за оние кои внимаваат на внесот на шеќери, а сакаат нутритивна храна.

Малините многу незначително го повишуваат шеќерот во крвта, што значи дека имаат многу низок гликемиски индекс.

Истражувањата покажуваат дека малините можат да допирнесат дури и за намалување на шеќерот во крвта и да ја подобрат состојбата со инсулинската резистентност или отпорност.

Дополнително, анималните студии утврдуваат сличен позитивен ефект на малините во однос на намалувањето на шеќерот, но и во однос на замастениот црн дроб.

Ова дејство се смета дека се одвива преку блокирањето на алфа-амилазата, ензим кој е многу значаен за разградувањето на јаглехидратите во дигестијата. Со потешкото и поспоро разградување на јаглехидратната храна, помало е и преминувањето на глукозните единици во крвотокот.


4) Погодна храна при слабеење и одлична храна за дигестијата

Како густо-нутритивните храна, малините содржат многу висок процент растителни влакна, но и вода. Тоа ги прави особено погодна храна при слабеењето. Освен што практично не можете да претерате со јадењето малини, тие ќе ви обезбедат и низа микронутриенти и антиоксидативни компоненти со најразлични корисни дејства врз орагнизмот. Студиите го поврзуваат зголемениот внес на свежата храна (овошје и зеленчук) со поуспешното слабеење.

И растителните влакна студиите ги поврзуваат со побрзото и поуспешно слабеење.

Ова е случај заради тоа што го намалуваат гликемискиот индекс на храната и ја врзуваат водата во стомакот, со што се промовира ситост. Дополнително, тие се храна за корисната цревна микрофлора, од чиј баланс зависи и целокупното здравје.

Растителните влакна помагаат и при еден од најчестите проблеми со дигестивното здравје- констипацијата или запекот. Едно истражување покажува дека со зголемувањето на внесот на фибер во организмот, опаѓаат шансите за развивање на колоректален канцер.

5) Храна погодна за здравјето на мозокот


Како што споменавме, постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.

Бобестите овошки, како јагодите, малините, капините, рибизлите, боровинките итн., се еден од најбогатите извори на антиоксидативни компоненти, воопшто. Главно, нивната антиоксидативна содржина се состои од антоцијанини, флавоноиди, но и многу други моќни антиоксиданти. Дополнително, тие се и најбогатиот извор на витаминот Ц, кој исто така меѓудругото е моќен антиоксидант.

Студиите утврдиле дека некои од антиоксидантите пронајдени во бобестите овошки можат да се акумулираат во мозокот и на тој начин да обезбедат подобра комуникација помеѓу мозочните клетки.

6) Малините се добри и за здравјето на срцето

Овие својства се должат пред сé на антиоксидативниот состав на малините кој може да ги супресира воспалителените процеси во крвните садови и на тој начин да спречи висок крвен притисок и натрупување на наслаги во крвните садови.

Дополнително, за подобро кардиоваскуларно здравје придонесува и минералниот состав на малините – калиумот, магнезиум, железото, но и растителните влакна кои можат да делуваат на намалување на холестеролот во крвта, да превенираат од гојазност итн., со што ќе спречат некои чести срцеви заболувања, како срцевиот и мозочен удар на пример.

Солидните количества на витаминот К, освен бенефит за коските, значајни се и за соодветното згрутчување на крвта, што е исто така значајно за кардиоваскуларното здравје.

Дополнително корисни дејства на малините:


Потенцијално антиканцерогено дејствонекои антиоксидативни компоненти покажуваат одредени антиканцерогени својства.

Подобрено здравје на очите –  поради богатиот микронутритивен и антиоксидативен состав.

Подобрено здравје на коските и кожата – поради богата содржина на витаминот Ц и солидното количество на витаминот К во малините.

Поздраво и поспоро стареење – поради антивоспалителните својства.

Може да ја подобрат состојбата при артритис – некои студии покажуваат дека малините можат да блокираат специфичен ензим кој е одговорен за воспаленијата и болките при артритис.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор