fbpx

Мeксикански Фахитас + рецепт за домашни тортиљи!

tonus

Фахитас е јадење со потекло од Мексико и јужните делови на САД, поточно Тексас. Се подготвува со различни типови месо и повеќе зеленчуци. На крајот, со нив се полни тортиљата (тенко, потпечено мексиканско лепче).

Денес ќе ви предложиме особено здрава варијанта на ова уникатно јадење. Мексиканската кујна сака да експериментира со бои и вкусови, а фахитасот е одличен пример за тоа.

Кога станува збор за храната, шаренилото, односно различните бои значат здравје, а белото е црно (бело брашно, шеќер, сол итн.). Што поразнобојна свежа храна, тоа повеќе антиоксиданти, клучни компоненти во борбата со хроничните воспалителни процеси во телото – една од главните причини за низа чести и смртоносни болести. Дополнително, свежата храна доаѓа заедно со низа  витамини, минерали, растителни влакна и различни други фитохемикалии.

"“Online”/

[Поврзано: За храната – белото е црно, а разнобојното живот!]

Кој вели дека здравата храна не е и вкусна храна? Фахитасот, покрај тоа што без проблем ќе ги засити гурманските апетити, може да биде и навистина хранлив оброк! Во нашиот рецепт ќе користиме здрави намирници, како туна, интегрално брашно за тортиљите, повеќе зеленчуци, а и начинот на подготовка ќе биде здрав. (Погледнете ја нутритивната вредност на крајот од рецептот!)

Без добра тортиља, невозможно е да добиеме добар фахитас. Низ маркетите можете да најдете повеќе варијанти на тортиља, но најчесто тие и не се баш здрава храна, а не можат ниту да бидат вкусни како домашните. Затоа, пред рецептот за фахитас, да видиме како се прави здрава домашна, вкусна и мека тортиља!

За тортиљата ќе ви бидат потребни:

• 1 шоља интегрално и 1 шоља сенаменско брашно
• 1 супена лажица ситна сол
• 4 супени лажици растително масло (сончогледово, маслиново или друго)
• ¾ чаша млака вода

Начин на подготовка:

1. Ставете ги сите наведени намирници во подлабок сад. Водата додадете ја на крајот (не целата). Постепено мешајте го тестото и додавајте од водата додека потполно не се хомогенизира или соедини. Ако е неопходно, додадете уште малку брашно и/или вода. Месете поенергично. Тестото ќе биде лепливо, но не смее да се лепи за рацете.

2. Кога ќе завршите со месењето, ставете малку масло на дното од садот и поставете го тестото. Покријте го садот и оставете да отстои 10-15 минути. Кога ќе го извадите тестото треба да биде меко, влажно, но не и лепливо.

3. На површина погодна за расукување на тестото, наросете малку брашно. Поделете го тестото на 10-12 еднакви делови (топчиња) и секој дел добро расмесете го во кружен облик. (пред да ги месите можете да ги оставите 5-10 минути на страна) Внимавајте тортиљата да не биде премногу тенка или пак премногу дебела. Додека ги размесувате топчињата, внимавајте оние што се на страна да бидат покриени.

4. Загрејте на средно висока температура нелеплива тава (не додавајте масло!). Поставете ги тортиљите да се печат. Кога тортиљата ќе почне премногу да бабри, слободно притиснете ја. Гответе на 2 минути на првата страна, потоа уше 1 минута на другата. Внимавајте да не ја препечете тортиљата, бидејќи ќе стане крцкава, а сакаме да биде мека! Покријте ги готовите тортиљи со чиста крпа за да останат меки и топли подолго време.

– Тортиљите можете да ги чувате во затворен сад, во фрижидер до 1 недела.
– Можете да ги наполните и со тапенада од каламата и свеж зеленчук!

За фахитас, потребни ќе ви бидат:

• 3 чешниња свеж лук, ситно исецкан
• 1 страк праз, исецкан ситно на кругчиња
буковка 200g, ситно исецкана
• околу 100g црвена зелка, ситно исецкана
• една голема црвена и една голема зелена пиперка, ситно исецкана
• 1 тиквичка со средна големина, ситно исецкана по должината
• 1 голем домат, ситно исецкан
• 1 прстофат ким
• 100g пченка од конзерва
• 300g црвен грав од конзерва
• 100g туна конзерва, исцедена од маслото
• 3-4 супени лажици маслиново масло
• сол и црн бибер

Начин на подготовка:

1. Ставете еден сад за готвење на рингла со средно висока температура. Додадете го маслиновото масло да се загрева.

2. Кога маслото добро ќе се загрее, најпрво ги додаваме лукот, а потоа и празот, буковката, зелката, пиперките, тиквичката и доматот (соодветно ситно исецкани).

3. На крајот се додава кимот, пченката и црвениот грав. Смесата треба да крчка околу 10-15 минути за вкусовите убаво да се искомбинираат.

4. Ја тргнуваме тавата на страна да се олади околу 10 минути. Доколку тортиљите ви се оладени, можете да ги загреете, но никако премногу (без масло!). Само колку да се топли.

5. Ги полните тортиљите најпрво со туна, а потоа со смесата од тавата. Немојте да ги преполнувате тортиљите, бидејќи нема да бидат практични за јадење. Свиткајте го долниот дел од тортиљата, а потоа покријте ја смесата од двете страни. Тортиљата можете да ја дополните уште малку со смесата откако ќе ја замотате.

– Овој рецепт прави околу 8 фахитас.
– Ако сакате да биде посолено, можете да додадете и каламата маслинки.

Нутритивна вредност:
(1 фахитас, со тортиљата)

Калории: 220 Јаглехидрати: 33g од кои растителни влакна: 6,7g; Протеини: 13g; Масти: 6,5g; Витамин Б3: 4,5mg; Витамин Б12: 0,3μg; Витамин A: 1360IU; Витамин К: 20μg Манган: 0.7mg; Селен: 20μg; Калиум: 500mg; Бакар: 0,35mg; Цинк: 1mg

*Фахитас содржи и низа други нутриенти во нешто помали количества.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор