fbpx

На кои начини телото ви сигнализира дека е под стрес?

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin
tonus

Модерниот начин на живеење подразбира сè повеќе стрес. Дали тој ќе биде поврзано со различните предизвици на работното место, со воспитувањето на децата, со некакви финансиски проблеми и неостварени желби, ако се работи за помлади лица, со училиштето, односите со блиските, љубовните ,,маки”, притисокот од средината итн. Да скратиме, со стресот се соочуваат сите возрасни групи и е буквално насекаде!

Дополнително, новонастанатата ситуација со пандемијата, го направи контролирањето на стресот (што е многу значаен дел од она што се подразбира под добро одржувано ментално здравје) уште поголем предизвик.

[Поврзано: ПАНДЕМИЈАТА како мотив за промена на навиките кон подобро!]

"“Online”/

Иако стресот е важна и корисна еволутивна ,,алатка” која одиграла значајна улога за тоа што сме денес како човештво, сепак кога е постојан или хроничен, нè води кон различни здравствени проблеми и ментални, но и физички.

 

Првиот чекор кон соодветното контролирање на стресот е неговото препознавање, односно препознавањето на неговите симптоми. Иако можеби ќе си помислите дека тоа е сосема лесно, всушност препознавањето често знае да биде проблем. Имајќи ја предвид природата на човековото суштество – да биде адаптибилно, односно сосема прилагодливо на секакви околности – често пати луѓето го игнорираат стресот, бидејќи веќе се навикнале на него, па тој станал ,,нормален” дел од живеењето. Така, додека не предизвика некакви посериозни проблеми и симптоми, многумина не се ниту свесни дека имаат проблем со хроничниот стрес.

[Поврзано: Како СТРЕСОТ го намалува ИМУНИТЕТОТ?]

 

Што претставува стресот?

 

Стресот е всушност реакција на телото на некаква непријатна ситуација, без разлика дали се работи за реална или некаква претпоставена опасност од ваквата непријатна ситуација. Кога организмот се чувствува дека е под некаква закана, почнуваат да се одвиваат низа биохемиски реакции кои просто кажано се во насока на минимизирање на потенцијалните штети по организмот. Станува збор за познатиот механизам наречен ,,бори се или бегај”. При овој стресен одговор на телото, срцевиот ритам видно забрзува, мускулите се стегаат и расте крвниот притисок – телото е подготвено за брз одговор или брза акција.

Важно да се напомене е дека стресот е доста индивидуална работа, односно тоа што кај едно лице можеби ќе пројави бурна стресна реакција, кај друго нема да води ниту кон загриженост. Тоа би значело дека некои луѓе природно подобро се справуваат со стресот. Зошто е тоа случај, нема да навлегуваме.

Како што претходно споменавме, стресот во помали дози знае да биде доста корисен – да ни помогне брзо да мислиме, да решаваме проблеми, да избегнуваме непријатности, па дури во одредени контексти да ни го спаси и животот (пример, успешното избегнување на сообраќајни несреќи).

 

Сепак, нашето тело многу потешко се справува со хронично дозираниот стрес, кој ретко нè остава без никакви последици по здравјето.

Кои се симптомите на стресот?

Како што рековме, првиот чекор кон решението е препознавањето на стресот. Затоа е доста важно навремено да препознаеме дека сме подложни на него.

Стресот може да влијае на сите аспекти од живеењето, вкучително на емоциите, навиките, однесувањата, способноста за корисно размислување, па дури и врз физичкото здравје. Заради тоа што различни луѓе различно го доживуваат стресот, симптомите значително можат да варираат, а неретко и да се ,,преклопуваат” со симптоми типични за други нарушувања. Заради овие причини, комуникацијата со вашиот лекар на оваа тема не е неважна работа, посебно ако имате некаква комбинација од симптомите кои ќе бидат наведени во продолжение.

[Поврзано: Како СТРЕСОТ ја зголемува телесната тежина и што да направите за да го спречите тоа?]

Емоционални симптоми на стресот:

  • Лесна надразливост и нервоза.
  • Фрустрираност и често менување на расположение.
  • Чувство на потполно губење контролата над работи со кои претходно справувањето одело лесно.
  • Неможност за релаксација и ,,стишување” на мислите.
  • Намалена самодоверба, чувство на безвредност.
  • Силна демотивираност за работи кои претходно можеби претставувале и задоволство.
  • Избегнување на ситуации кои подразбираат социјализација или дружење.

 

[Поврзано: Депресијата не е обична тага!]

Физички симптоми на стресот:

 

  • Намалено ниво на енергија.
  • Слабот во мускулите.
  • Хроничен замор.
  • Главоболки
  • Вознемирен стомакдијареа, констипација, гадење и слично.
  • Болки во грбот, вратот, рамењата.
  • Чувство на кнедла во грлото.
  • Чувство на тежина во градите.
  • Поретко, но кај некои лица е забележан и осип, кожни инфекции и слично.
  • Често плачење без да се знае некаква конкретна причина.
  • Намалено либидо.
  • Сува уста и отежнато голтање.
  • Крцкање со забите.
  • Зачестени настинки.
  • Несоница

Т.н. ,,когнитивни”  симптоми на стресот:

 

  • Отежнато концентрирање и фокусирање.
  • Постојано чувство на загриженост.
  • Лоши мисли кои постојано прогонуваат.
  • Почесто заборавање и на работи кои имаат одредено значење.
  • Нарушена способност за рационално расудување.
  • Песимизам
  • Неорганизираност

 

Бихевиорални симптоми, или промени во навиките и начинот на живеење:

 

  • Нарушен апетит.
  • Постојана прокрастинација или одложување/избегнување на обврските.
  • Зголемена употреба на алкохол, кофеин и цигари.
  • Грицкање нокти.
  • Постојано седење на мобилниот телефон.

 

[Поврзано: Како да препознаете дали имате зависност од вашиот мобилен уред?]

 

Кои се можните последици од долготрајниот стрес?

 

Хроничниот стрес може значително да го зголеми ризикот од:

 

  • Ментални нарушувања, како депресија и анксиозност.
  • Кардиоваскуларни болести, вклучително срцев удар, повишен крвен притисок, нарушен срцев ритам, мозочен удар итн.
  • Гојазност и други нарушувања поврзани со исхраната.
  • Менстурални проблеми.
  • Сексуална дисфункција, како импотенција, прерана ејакулација, намалено либидо и кај мажите, и кај жените.
  • Проблеми со кожата, како акни, псоријаза, егзема и губење на косата.
  • Гастроинтестинални проблеми, како киселини, гастритис, улцеративен колитис, синдром на нервозни црева и слично.

Како да си помогнете?

 

Стресот е неминовен дел од животот на секој човек. Она што е важно е дека не треба да се дозволи тој да премине во хроничен, односно да се најде траен начин за негово менаџирање или контролирање.

Како што веќе рековме, првиот чекор кон успешно превенирање од преголем стрес е препознавањето на неговите симптоми. Ако забележите дека вие или ваши блиски луѓе се соочуваат со хроничен стрес, обидете се да си помогнете со советите дадени подолу. Консултирањето со лекар никогаш не е на одмет и силно се препорачува..

Многу симптоми кои вообичаено се препишуваат на други состојби, можат да значат и некакви здравствени проблеми, па така докторот би можел соодветно да ги процени симптомите и да каже дали за нив е одговорен (само) стресот или и нешто повеќе од тоа.

 

Најчестите корисни совети за намалување на стресот:

 

  • Обидете се секогаш да ја согледате и позитивната страна на дадена ситуација или настан.
  • Прифатете дека постојат ситуации во животот кои едноставно не можат да бидат под ваша контрола.
  • Бидете проактивни во решавањето на проблемите и комуницирајте, наместо да бидете агресивни. Научете соодветно да ги артикулирате своите мисли, јасно да се изразувате, бидејќи во спротивно ако очекувате околината да ве разбере без тоа, можни се реакции како лутина, агресивност, дефанзивност итн.
  • Обидете се да најдете погодни начини за релаксација и редовно применувајте ги. Секој се опушта на свој индивидуален начин. Често користени техники се медитација, молитва, јога, а секако од значителна помош (можеби дури и изненадувачки!) знаат да бидат самите ритуали за релаксација кои секојдневно ,,несвесно” ги применуваме. Обрнете внимание на уживањето кое ви го носат овие мали моменти и максимално искористете го. Дознајте многу повеќе на оваа тема, во нашето видео: Ритуали за релаксација.
  • Имајте здрава, балансирана исхрана и редовна физичка активност! – ова ќе ви помогне значително со вашите енергетски нивоа, но и со правилното одржување на,,менталната” хигиена. Повеќе на оваа тема, дојзнајте на следниот линк: Физичка активност и мозокот!
  • Најдете начини успешно да си го организирате времето! Соодветно да ги разделите обврските од она што ви создава задоволство и да им дадете доволен простор на двете нешта!
  • Најдете си некакво хоби. На пример читајте повеќе книги и содржини кои ве интересираат и ви создаваат чувство на задоволство и исполнетост.
  • Обидете се да избегнувате ситуации и прилики кои знаете дека можат да ви донесат дополнителен стрес.
  • Никогаш немојте да се потпирате на алкохол, кофеин и цигари во справувањето со стресот! Нивната помош трае многу кратко, а потоа ве оставаат во уште потешка состојба од претходно.
  • Имајте добра ,,хигиена на сон”. Телото има потреба да се ,,регенерира” после физичкиот и менталниот напор во текот на денот.
  • Никогаш немојте да ја дочекувате поддршката од семејството и блиските на ,,нож”. Ако имате проблем со стресот, признајте си го тоа за да можете да си помогнете. Поддршката му е неопходна секому! Минувајте повеќе време со вашите блиски луѓе. Повеќе совети на оваа тема, односно како да останете социјално поврзани, а физички дистанцирани во време на пандемија, прочитајте на крајот од следната статија: Како СТРЕСОТ го намалува ИМУНИТЕТОТ?

 

На крајот, ако не можете да си помогнете со вообичаените совети за намалување на стресот, консултирајте се и со лекар од поконкретната област, односно психијатар, а исто така може да помогне и психолог.

Fibro Gel

 

И психолошките проблеми се здравствени проблеми, па во никој случај не треба да бидат игнорирани! Не е воопшто срамно да побарате соодветна помош!

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X