Ова е често прашање и дилема за многумина, како за стручни лица, така и за лаици во медицината. Има две крајности: од една страна се шарлатани кои тврдат дека може да излекуваат рак само со исхрана (или некои чаеви и слично), а од друга страна се некои лекари кои не ги читаат последните научни студии и се псевдоскептици, народски кажано – неверни Томи.
Која е вистината?
Тоа ќе го кажат научните студии, повеќе во низа, кои една по една ќе се насобираат и ќе ја докажат вистината. Денес ќе презентирам една таква научна студија објавена пред помалку од месец (поточно на 28 февруари 2018).
Дали студијава која ја споделувам со вас е достојна за почит и доверба?
Да, заради три причини:
- ПРВО, бидејќи е објавена во престижниот Journal of Clinical Oncology, и секој кој има барем скромни познавања во медицинската наука знае дека за да се објави труд во ова списание – мора истиот да е методолошки издржан! Значи, во ова научно списание не се објавуваат глупости. Оттука, трудот е вреден да се земе сериозно.
- ВТОРО, бидејќи автори на оваа конкретна научна студија се професори од Јеил, Харвард, УЦСФ… што би рекло, врвни авторитети во онкологијата, вработени на врвни светски институции.
- ТРЕТО, бидејќи студијата е голема и епидемиолошки робустна (ова само епидемиолозите ќе го разберат).
Заради сите овие аргументи – научната студија која ќе ја презентирам е вредна за почит и доверба.
Што докажале со оваа научна студија?
ПАЦИЕНТИ СО ТРЕТ СТАДИУМ РАК НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО, СО ЧЕСТА УПОТРЕБА НА ЈАТКАСТИ ПЛОДОВИ, ИМААТ ЗНАЧИТЕЛНО ПОМАЛКУ СОСТОЈБА НА ВРАЌАЊЕ НА РАКОТ, И ИМААТ НАМАЛУВАЊЕ НА СМРТНОСТА. Или во бројки:
- Имаат за 46% помала веројатност ракот да се врати, после терапија,
- Имаат за 57% намалување на смрноста.
Еве ја и студијата, за колегите кои ќе сакаат да ја прочитаат: http://ascopubs.org/doi/10.1200/JCO.2017.75.5413 Пациентите со трет стадиум рак на дебело црево, за да ги постигнат овие ефекти, требало најмалку два пати неделно да консумираат по 30 грама јаткасти плодови (ореви, лешници, бадеми и слично). Секој што сака да ги порекне/да не се согласи со овие наоди – нека повели нека пише официјален коментар до престижниот Journal of Clinical Oncology и нека ги изложи методолошките грешки на оваа студија, ако може да ги најде. И пак да нагласам, ова е само една од научните студии објавени во почитувани научни списанија кои ја докажуваат врската помеѓу ракот и исхраната.