Медитеранската исхрана изобилува со навистина вкусни, нутритивни рецепти кои може да ги подготвите и во деновите кога немате премногу слободно време. Во тој поглед, доста популарни се рецептите со тестенини, но денес ќе издвоиме една интересна алтернатива – њоките. Тие се доста слични со тестенините, но за разлика од нив, се подготвуваат од компир. Во денешната статија ќе ви предложиме навистина едноставен рецепт за подготовка на вкусни, здрави – медитерански њоки.
Компир – еден од најпознатите и најкористените зеленчуци
Компирот е всушност јадливиот корен на билката Solanum tuberosum која потекнува од Јужна Америка, поточно од планините Анди. По откривањето на континентот, тој би пренесен и во Европа. Денес се одгледува во повеќе од 160 земји во светот и постои во скоро 2000 различни варијанти, бои и големини. Сепак, во однос на нутритивната вредност, различните типови компир не се разликуваат премногу.
Нутритивниот состав на овој зеленчук се смета за исклучително корисен и здрав и затоа компирот се препорачува редовно да се употребува.
Еден компир со просечна големина, односно 170g, вклучително со лушпата содржи:
- 168 калории
- 5g протеини
- 37 jaглехидрати
- 4g растителни влакна
- 24mg натриум
- 37% од Дневно Препорачаниот Внес за витамин Ц
- 31% од ДПВ за витамин Б6
- 27% од ДПВ за калиум
Составот не варира значително во однос на различните видови, но на пример црвениот компир има помалку јаглехидрати и растителни влакна од обичниот, но има многу повеќе ниацин и витамин К, од друга страна.
Начинот на приготвување, исто така влијае на нутритивниот состав на компирите. Имајќи предвид дека поголемиот дел од растителните влакна и минерали се наоѓаат во лушпата, лупењето на компирите го намалува процентот на овие нутриенти. Пржењето на компирите значително ја зголемува калориската вредност поради впиеното масло од компирите, но се создаваат и компоненти кои можат да бидат штетни за здравјето. Затоа, варењето и печењето се сметаат за далеку подобри начини за приготвување на компирот.
Вкусни њоки на медитерански начин
За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 20 минути, а истиот е доволен за 4 порции.
Потребни намирници:
- Маслиново масло
- 1 главица кромид, ситно исецкана
- 2-3 чешниња лук, ситно исецкани
- Малку сушено, мелено чили
- 125ml бело вино
- Неколку свежи домати или конзерва пасирани домати
- 100g маслинки, со отстранети семки
- Околу 800g њоки (две пакувања)
- Малку магдонос
- Рендано тврдо сирење (најдобро пармезан)
- Сол, бибер, сушено оригано и други зачини по желба
Подготовка:
- Во тавче загрејте го маслиновото масло, а потоа додајте го кромидот, лукот и чилито. Гответе околу 3-4 минути, додека кромидот омекне.
- Потоа додајте го белото вино, доматите и гответе уште 6-7 минути, а повремено промешувајте. Зачинете и посолете по желба (маслинките содржат сол, внимателно со солта). Додајте ги и маслинките и гответе уште неколку минути.
- Во меѓувреме сварете ги њоките и процедете ги. Кога ќе се сварат, додајте ги заедно со магдоносот кон сосот од домати.
- Послужете со рендан пармезан.