Постојано потенцираме дека столбот на здравјето го сочинуваат: здравата исхрана, физичката активност и редовниот и квалитетен сон. Доколку овие три сегменти се во баланс, ние помагаме во одржување на нашето оптимално здравје, виталност и енергичност. Овие три параметри се исто така меѓусебно зависни и поврзани, па поради тоа мора да се одржува и одредена рамнотежа. Во тој поглед, денес ќе зборуваме малку повеќе за поврзаноста меѓу сонот и физичката активност и ќе погледнеме како истите си влијаат меѓусебно.
Зошто е важна редовната физичка активност?
Редовната физичка активност, покрај здравата исхрана, е можеби една од наједноставните, а сепак најефикасни алатки за одржување на нашето здравје и виталност. Како здрава навика, вежбањето може значително да допринесе кон подобрување на нашето физичко, но и ментално здравје.
Дел од придобивките кои физичката активност ги дава се:
- Одржување на телесната тежина – физичката активност помага да ја одржиме, па и намалиме телесната тежина, бидејќи таа ја зголемува потрошувачката на калории. Било кој тип на активност, во било кој период може да ви помогне да потрошите неколку дополнителни калории.
- Подобрено срцево здравје и намален ризик од заболувања – вежбањето е добар начин да се регулира „лошиот“ LDL холестерол, а да се подобри нивото на т.н „добар“ холестерол. Редовната физичка активност го намалува ризикот за: мозочен удар, срцев удар, хипертензија, тип 2 дијабет и сл.
- Подобар и поквалитетен сон – физичката активност е еден од најдобрите начини за да го подобриме квалитетот на нашето спиење, за што ќе зборуваме во продолжение.
- Подобрена физичка подготвеност, градење ново мускулно ткиво и поздрави и посилни коски.
- Подобрено расположение – вежбањето и движењето доведуваат до лачење на одредени хормони – ендорфини, адреналин и сл. Тие се сметаат за заслужни за ефектот на подобрување на расположението кој го има физичката активност.
Како влијае физичката активност врз нашите навики за спиење?
Логично е да се очекува дека нашиот степен на физичка активност и раздвиженост директно ќе влијае на потребите и навиките за спиење. Бројни истражувања покажале дека редовната физичка активност може да го подобри нашиот квалитет на спиење. Кардио или аеробичните вежби, како и вежбите со тежина биле докажани активности кои го подобруваат сонот. За подобар сон кај постари лица била доволна и само кратка и умерена физичка активност, додека за младите била потребна подолга и поинтензивна. Се смета дека вежбањето во попладневните часови или раните ноќни часови најмногу помага при спиењето. Вежбањето непосредно пред спиење ги зголемува стрес хормоните и може да предизвика проблеми со спиењето.
Дополнително, се смета дека вежбањето, особено она со малку повисок интензитет, го олеснува заспивањето односно, го намалува времето кое ни е потребно за да заспиеме. Исто така, редовното вежбање го намалува чувството на поспаност за време на денот и кај некои луѓе ја намалува потребата од лекарства за спиење. Во истражување спроведено во 2013 година, околу 80% од испитаниците кои редовно практикувале физичка активност се изјасниле дека имаат добар и квалитетен сон. За луѓето кои не вежбале редовно, овој процент бил 56%. Истото истражување покажало и дека на луѓето кои вежбаат им е потребно помалку часови сон во текот на работната недела во споредба со оние кои не вежбаат. Ризиците од појава на проблеми со спиењето – несоница, нарушен сон, исто така може да се намалат преку редовно вежбање.
Физичката активност го подобрува спиењето преку елиминирање на стресот и анксиозноста
Добро е познато дека стресот и анксиозноста се најголемите непријатели на добриот и квалитетен сон. Во тој поглед, редовната физичка активност е докажана и добро позната алатка за справување со ваквите емоции и истата може значително да го подобри нашето расположение и да го намали чувството на немир и грижа. Впрочем, физичката активност и вежбањето се сметаат за еден од најдобро проучените и докажани начини за справување со стресот и анксиозноста. Исто така, физичката активност може да ја намали и онаа т.н анксиозност поради несоница, која често се јавува пред заспивањето кај лицата со несоница. Помалку стрес значи и подобар сон и полесно заспивање. Дополнително, самото вежбање ќе не замори, што пак дополнително може да влијае позитивно на потребата за сон. Поради тоа, доколку постојат проблеми со спиењето, редовната физичка активност и раздвижување треба да бидат нашата прва опција.