Јужноевропските, медитерански земји покрај останатата свежа храна се познати и по сочните смокви. Во последно време, овие вкусни овошки стануваат сè позастапени и кај нас во Македонија, особено во јужните делови.
Смоквите во било каква форма (сушена или свежа), па дури и нивните листови, се полни со најразлични хранливи материи кои нудат низа здравствени бенефити за нашето тело. Тие се слатка храна добра за дигестијата, за слабеењето, кардиоваскуларното здравје, но и за помлада кожа. Многу подетално околу оваа сочна овошка, прочитајте во една од нашите статии.
Иако сувите смокви се достапни во текот на целата година и имаат одличен вкус, тешко може да се каже дека постојат повкусни и посочни овошки од свежите смокви. Нивната сезона наскоро ќе заврши, па затоа денес ќе ви понудиме два навистина интересни и вкусни рецепти, кои ќе ви помогнат во намерата максимално да ги искористите овие последни денови на свежите смоквите.
Сигурно сте пробале печени јаболки или круши, но веројатно не ви паднало на памет дека и свежите смокви можат да се подготват на овој начин. Вака подготвени, можат да служат како сладок десерт, но и како доручек или вечера.
Печени смокви со мед, ореви и сирење
За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:
• 10 свежи смокви
• 1 рака ореви
• 2 супени лажици мед
• 4 супени лажици крем сирење (можете да користите и 2 парчиња тврдо сирење)
• 2 коцки темна чоколада (70-85% какао)
Начин на подготовка:
1. Отсечете им го врвот на сите смокви, а потоа со ножот направете форма на крст во овошјето.
2. Наполнете ги смоквите со ореви и врз секоја добро поделете 2 лажици мед. Ако користите тврдо сирење, додадете го и сирењето, а можете да нарендате и од темното чоколадо. (чоколадото можете да го додадете веднаш по вадењето од рерна врз смоквите, за добро да се растопи).
3. Наредете ги во соодветна тава и печете во рерна загреана на 150°С, 20-тина минути, додека прекрасниот розев сок не ја исполни целата тава.
4. Изадете ги од рерна и по 2-3 минути прелијте ги смоквите со сокот од тавата, а потоа додадете од кремсирот на секоја подеднакво. Може да наросите и со прав од било која јатка.
* Овој рецепт прави 2 оброка
Нутритивна вредност:
(на една порција со крем сирење)
Калории: 370 Јаглехидрати: 60g од кои растителни влакна: 9g и шеќери: 51g; Протеини: 5g; Масти: 16g од кои заситени масти: 7g и Омега-3: 0.8mg; Бакар: 0.5mg; Манган: 0,8mg; Витамин А: 600IU; Витамин K: 250IU; Железо: 2,5mg; Витамин К: 13μg; Витамин Б6: 0,35 mg; Магнезиум: 80mg; Калиум: 750mg
Раженчиња со фалафел и смокви
За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:
За раженчињата:
- 8 фалафел ќофтиња, преполовени (погледнете како да ги направите сами тука)
- 4 поголеми смокви, исечени на четвртинки
- неколку ливчиња свежо нане
За сосот:
- 3-4 супени лажици кисело млеко или павлака
- изрендана кора и сок од ½ портокал
- 1 кафена лажичка мед или јаворов сируп
- прстофат сол
- прстофат мелен цимет
Начин на подготовка:
- Загрејте ја рерната на температура од 200°С.
- Подгответе ги фалафелите според нашиот рецепт и оставете ги да изладат.
- Исечкајте ги смоквите на четвртини и распоредете ги на еден плех со средна големина. Потпечете ги во претходно загреаната рерна, околу 10-12 минути.
- Во меѓувреме, во мало, длабоко садче измешајте ги потребните состојки за сосот. Додадете сол и цимет и ставете го во фрижидер.
- Исечете ги фалафелите на половина и почнете со редење на раженчињата. По секое парче фалафел треба да следи четвртина смоква (украсете и со листови од нане).
- Извадете го сосот од фрижидер и служете.
* Овој рецепт прави 4 порции (4 раженчиња).
Нутритивна вредност:
(на 1 раженче)
Калории: 194 Јаглехидрати: 27g од кои растителни влакна: 3.8g и шеќери: 13.5g; Протеини: 7g; Масти: 6.9g од кои заситени масти: 0.9g; Железо: 1.8mg; Манган: 0.4mg; Калиум: 411mg