fbpx

Сицилијанска капоната – модар патлиџан во своето најдобро издание!

tonus

Модриот патлиџан е тропско, повеќегодишно растение кое се смета и за овошје и за зеленчук. Прв пат е култивирано во Индија во 5-тиот век пред нашата ера. Со текот на времето ова растение се појавува во Африка, а потоа и во Италија, каде почнува да се одгледува интензивно и станува карактеристичен зеленчук за земјата, oттаму и за медитеранската кујна во која се употребува секојдневно.

Во Индија, модриот патлиџан се смета дури и за „крал на зеленчуците“ – и со право, бидејќи освен што го збогатува вкусот на секое јадење, тој има состав кој ветува најразлични здравствени бенефити.

Својата темновиолетова боја ја добива од антоцијанинот, моќен антиоксидативен пигмент. Високата нутритивна вредност, пред сè, потекнува од високото ниво на витамините Ц, К, Б1(тиамин), Б3(ниацин) и Б6. Освен тоа, модрите патлиџани содржат и магнезиум, фосфор, фолна киселина и калиум, а имаат и исклучително ниска калориска вредност (само 25 калории на 100 грама). Ова ги прави модрите патлиџани нутритивно сконцентрирана храна, која освен за зачувување на доброто здравје е одличен избор и за задржување на добрата линија.

Модриот патлиџан – специјалитет на медитеранската кујна

Во медитеранската кујна, еден од најзастапените вкусови е токму оној на модриот патлиџан. Тој може да се сретне во речиси секоја форма – полнет со различни состојки, во мусака, манџи, салати и ред други јадења, а едно од најпознатите е сицилијанската капоната. Токму денес ви предлагаме одличен рецепт за капоната.

"“Online”/

Состојките за ова јадење со богат вкус веројатно веќе ги имате во вашиот дом, па можете уште веднаш да го приготвите!

За овој рецепт потребни ќе ви бидат:

  • 1 голем модар патлиџан, исецкан на коцки
  • 1 среден кромид, ситно исецкан
  • 1 црвена бабура, исецкана
  • 2 дршки од целер, ситно исецкани
  • 2 големи домати, исецкани на коцки
  • 50g каламата маслинки
  • ¼ шоља суво грозје или 2 кафени лажички мед
  • 1 ловоров лист
  • ½ кафена лажичка црвен пипер
  • ¼ шоља вински оцет
  • ¼ шоља бело вино
  • магдонос или нане

 

Начин на подготовка

  1. Ставете го исецканиот модар патлиџан во тава, додадете сол и маслиново масло (околу 3 лажици) и ставете го да се пече на температура од 200°C, околу 30-35 минути. Модриот патлиџан е готов кога ќе забележите дека е потемнет и мек.
  2. Во големо тавче ставете маслиново масло и запржете ги кромидот, бабурата и целерот. Додадете малку сол и запржете ги сосема кратко пред да ги додадете останатите состојки.
  3. Додадете ги исецканите домати, маслинките, сувото грозје, ловоровиот лист, црвениот пипер и добро промешајте. Потоа додадете ги оцетот и белото вино. Вака искомбинираните состојки треба да се готват 10-15 минути, на ниска температура и со постојано мешање.
  4. Додадете го испечениот модар патлиџан, промешајте и по 2-3 минути тргнете го од оган.
  5. Исецкајте го магдоносот или нането и наросете го врз јадењето.

*Забелешка: модриот патлиџан го губи горчливиот вкус и ја зајакнува својата сунѓереста структура кога ќе го посолите и ќе го оставите 30-тина минути пред готвење.

Нутритивна вредност:
(една порција)

Калории: 91.3, Јаглехидрати: 15g, Протеини: 2.2g, Масти: 1.3g, Заситени масти: 0.2g, Натриум: 228.9mg, Калиум: 435.4mg, Растителни влакна: 4.7g, Шеќери: 8.2g, Витамин Ц: 34.7mg, Калциум: 35.3mg, Железо: 1.2mg

 

3 причини зошто треба почесто да јадеме модри патлиџани?

1) Модрите патлиџани, покрај своето високо количество на витамини и минерали, како и поголемиот дел од свежата храна, изобилуваат и со антиоксиданти кои се многу важни за нашиот организам, бидејќи спречувајќи ги процесите на хронична инфламација, имаат потенцијал да спречат голем дел од хроничните болести – срцевите и малигни заболувања, дијабет, гојазност итн.

2) Тие се одличен извор на фолна киселина (витамин Б9). Овој витамин е клучен во периодот на бременоста, но и за превенција на ракот на грлото на матката и на белите дробови. Фолната киселина е особено важна за бремените жени, бидејќи го намалува ризикот за вродени дефекти кај плодот.

3) Модрите патлиџани го чуваат здравјето на кожата и косата поради изобилието на витамини и растителни влакна. Освен тоа, помагаат во чистење на телото од слободни радикали, кои се штетни молекули што ја нарушуваат структурата на здравите ткива.

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор