fbpx

Тримесечен просек – извонредно важен тест кај дијабет!

tonus

Во претходните статии зборувавме за повеќе значајни аспекти од животот со дијабет, а денес ќе посветиме повеќе внимание на можеби најзначајниот тест за дијабетичарите – HbA1с тестот.


Што всушност означуваат кратенките HbA1с?

HbA1c или уште наречен хемоглобин A1c тест. Да видиме што тоа всушност значи.

Хемоглобинот (молекуларен комплекс) е доминантниот протеин во црвените крвни клетки, кој претставува и  пигмент кој ѝ ја дава специфичната црвена нијанса на крвта. Неговата функција е пренесување на кислородот од белите дробови до сите клетки и на јаглеродниот диоксид од клетките до белите дробови.

"“Online”/

Околу 90% од хемоглобинот отпаѓаат на хемоглобин А. Иако една хемиска компонента сочинува дури 92% од хемоглобинот А, останатиот процент е составен од помали компоненти кои се хемиски различни: хемоглобин А1с, А1b, A1a1 и А1а2.

Хемоглобинот А1с (нарекуван и гликохемоглобин) е минорна компонента на хемоглобинот за која неензимски може да се врзе глукозата.

Како фунцкионира хемоглобин А1с тестот?

HbA1с тестот е многу корисен тест за лицата со дијабет и има за цел мерење на просечните глукозни нивоа во крвта за период од околу 3 месеци. Toj е одличен индикатор за тоа со каква успешност се контролира дијагнозата.

Може да се употребува за дијагностицирање дијабет тип 2  или за контрола (проверување на стабилноста на шеќерните нивоа низ одреден подолг период) на веќе дијагностицирани пациенти.

Тестот се прави со крвен примерок, во лабораториски услови, за разлика од брзите тестови за моменталното ниво на глукоза кои можете да ги правите самите, во домашни услови.

[Поврзано: Што секој од нас би требало да знае за ДИЈАБЕТЕС?]

Овој тест се базира на различниот електричен полнеж и структура (големина) на хемоглобин А1с во однос на целокупната хемоглобин структура. Значи, молекулата на хемоглобин А1с може да се раздвои од сите останати минорни компоненти на хемоглобинот со специјализирана хроматографска метода наречена HPLC.

Колку пациентот имал повисоки шеќерни нивоа, толку ќе биде повисока и концентрацијата на црвени крвни клетки кои биле ,,глицирани”, па следствено на тоа тестот ќе покаже повисоки концентрации на HbA1с молекулата.

Црвените крвни клетки живеат околу 120 дена или 4 месеци (со нив толку ,,живее” и молекулскиот комплекс хемоглобин), што значи дека резултатите од HbA1с тестот реално ќе го рефлектираат просечното ниво на глукоза во крвта на пациентот за период од 8-12 недели (околу 3 месеци).

Бидејќи HbA1с тестот не зависи од краткорочните промени на глукозните нивоа во крвта, крвта за тестирање може да се зема и по јадењето. Значи гладувањето не е потребно пред тестот.


К
ои се нормалните вредности за нивото на хемоглобин A1c?

Кај здравите индивидуи, нивото на HbA1с (хемоглобин врзан за глукоза) е помало од 6% сметано од вкупниот хемоглобин. Сè што е над 6,5%, сигнализира присуство на дијабет.

Истражувањата покажуваат дека компликациите од дијабет можат да бидат избегнати или барем одложени ако нивото на HbA1с се одржува под 7%. Се препорачува третирањето на дијабетот да биде насочено кон одржување на HbA1с нивото што е можно поблизу до нормалата, без притоа да има епизоди на хипогликемија (прениски глукозни нивоа).

Според американскиот CDC, нормалните вредности на HbA1с се под 5,7%, варијациите од 5,7 – 6,4 се сметаат за предијабетес, а сè над 6,5% се смета за сериозен индикатор на дијабетес. Сепак, за да се дијагностицира дијабет тип 2, се препорачува второ тестирање и тестирање на моменталните глукозни нивоа, освен ако нема и други очигледни симптоми. Дополнително, низа други фактори можат да влијаат на HbA1с резултатот, како на пример:

• Бубрежни заболувања
• Хронична прекумерна употреба на алкохол
• Акутна или хронична загуба на крв
• Хипертриглицеридемија
• Заболувања на црниот дроб
• Ниски нивоа на железо во крвта
• Стрес

Што се високи (повишени) нивоа на хемоглобин HbA1с?

Како што претходно рековме, нормалното ниво на HbA1с е под 6%, а ако процентот е над 6, тогаш се смета дека имате повишен или висок HbA1с. Целта на лицата со дијабет е ова ниво да се одржува под 7%, бидејќи праксата и студиите покажуваат дека тоа ги намалува и одложува честите дијабетични компликации.

Што е еАG?

Просечни глукозни нивоа или eAG е уште еден начин за интерпретација на резултатите од HbA1c тестот. Значењето е исто, но некои лица со дијабет преферираат вакво интерпретирање на тестот, бидејќи наместо во проценти, резултатите се достапни во mg/dl, истата мерна единица која се применува за моменталните глукозни нивоа.

Со користење на одредени калкулатори процентната вредност на HbA1c може да се претвори во mg/dl.

Зошто овој тест е толку значаен?

Правењето на HbA1c тестот е одлична превентивна мерка за лицата со дијабет и ризичните групи. Како што расте процентот на утврден HbA1c, така се зголемува и ризикот од дијабет тип 2, но и дијабетични комппликации кај оние кои веќе се дијагностицирани.

На пример, едно истражување утврдува дека луѓето со HbA1c помеѓу 6 и 6,5% имаат дури 20 пати поголем ризик од развивање дијабет во наредните 5 години, во споредба со оние кои имале HbA1c под 5%.

Редовното тестирање (одржување на HbA1c под 7%)  може да превенира дијабетични компликации, како:

▫ проблеми со видот
▫ кардиоваскуларни заболувања
▫ мозочен удар
▫ бубрежни заболувања

Препораки за тоа колку често треба да се прави овој тест


Според одредени истражувања, утврдено е дека оние кои го правеле HbA1c тестот 4 пати годишно, во просек го намалувале нивото на HbA1c за 3,8% и поретко имале силни шеќерни пикови, додека оние кои се тестирале еднаш имале намалено ниво за 1,5%.

Препораките за тестирање велат, најмалку 2 пати годишно за лицата со дијабет кои имаат стабилна глукоза и терапија и на секои 3 месеци кај оние што има чести промени во глукозните нивоа и промени во терапијата.

За луѓето без дијабет, препораките се: оние над 45 години, или со зголемен ризик од дијабет без разлика на годините, треба да направат превентивно HbA1c тестирање, а според резултатите докторот ќе даде соодветна препорака за понатамошната динамика на тестирање.


Поврзани теми:

8 извонредно важни тестови кај ДИЈАБЕТЕС
Како до подобра контрола кај дијабет?
Кои се раните симптоми на дијабет?
Дијабет – Како да се грижите за вашите стапала и зошто е тоа толку важно?
Физичка активност и зголемено ниво на шеќер во крвта
Што секој од нас треба да знае за ДИЈАБЕТЕС?
Инсулинска резистентност
Зошто кај дијабет е неопходна РЕДОВНА грижа за очите?

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор