fbpx

ЦИТОКИНСКА БУРА – најопасната компликација на КОВИД-19

tonus

Со пандемијата на новиот коронавирус кај пошироката јавност се побуди интерес за најразлични аспекти од биологијата на вирусот, но и за тоа што се случува со нашето тело при инфекцијата наречена Ковид-19.

[Поврзано: ПАНДЕМИЈАТА како мотив за промена на навиките кон подобро!]

Така, неминовно се наметна потреба од објаснување на некои малку поакадемски поими и термини, што не се толку познати за општата јавност. Таков е на пример случајот со D-димерите, чие значење го објаснивме во една од претходните статии. Денес, нешто повеќе околу еден поим, кој исто така често се споменува во контекст на Ковид-19, а тоа е цитокинска бура.

"“Online”/

[Поврзано: Ковид-19 и згрутчување на крвта. Што се тоа D-димери?]

Што се тоа цитокини?

За да објасниме што значи поимот цитокинска бура, неопходно е прво да видиме што се тоа цитокини. Информациите во организмот се пренесуваат преку нервни импулси – брз начин и преку т.н. хемиски гласници, најчесто хормони – поспор начин. Но, покрај ова, во нашето тело клетките комуницираат помеѓу себе и на други начини, продуцирајќи еден вид на свои хемиски гласници.

Имуните клетки, односно различните лимфоцити, помеѓу себе комуницираат преку специфични протеини наречени цитокини. Нивната дистинкција наспроти хормоните сè уште е предмет на истражување, но тоа е сосем друга тема.

Овие цитокини се синтетизираат од даден лимфоцит и можат да бидат излачени, односно растворени во меѓуклеточната течност, а некои од нив се и врзани за мембраната на самите клетки. Тие можат да бидат излачени од најразлични видови на имуни клетки, вклучително макрофаги, Т лимфоцити, Б лимфоцити, ендотелијални клетки, фибробласти итн. Постојат различни видови на цитокини: хемокини, интерферони (INF), интерлеукини, лимфокини, тумор некротичен фактор (ТNF-алфа, бета или гама) итн.

За да ја остварат својата значајна имуна функција, како и другите протеински ,,гласници”, тие треба да се ,,врзат” за специфични рецептори на другите имуни клетките, наречени цитокин-рецептори. Помеѓу најглавните функции на овие хемиски гласници се поттикнувањето на движење кај другите имуни клетки и менувањето на нивниот метаболизам (стимулирани се самите да растат или да синтетизираат нови цитокини).

Ќе дадеме пример за функционирањето на еден вид цитокини, хемоцитокините: На местото на инфекцијата, без разлика кој е причинителот (бактерија, вирус или друг патоген), се создаваат антигени, односно компоненти кои стимулираат одговор на имуните клетки. Овие клетки зад себе ,,оставаат” хемоцитокини кои на еден начин ги ,,канат” другите лимфоцити на местото на инфекцијата.

 

Цитокинска бура

Видовме дека цитокините се многу важен елемент во регулацијата на она што значи имун одговор при различни инфекции. Нивната улога е многу важна за исходот од болеста. За жал, некогаш работите можат да излезат од контрола.

Наједноставно кажано, цитокинската бура претставува претерана реакција на имуниот систем која резултира со навистина сериозни воспалителни процеси кои можат да имаат страшни, па неретко и смртни последици. Како што претходно рековме, цитокините се еден вид гласници помеѓу клетките на имуниот систем и можат да стимулираат силно размноужување и активност на различните имуни клетки.

При т.н. состојба на цитокинска бура, доаѓа до целосна дерегулација на имуниот одговор, при што тој ни прави повеќе штета отколку услуга. Штетата која притоа може да биде направена, односно оштетувањето на здравите телесни ткива, многу често е непоправлива, а некогаш за жал завршува и со смртен исход.

Цитокинска бура и Ковид-19

Болеста Ковид-19 се карактеризира со доста различни симптоми, кои варираат од сосем слаби, па сè до живото-загрозувачки, како пневмонија, цитокинска бура и откажувања на еден или повеќе органи.

 

При цитокинската бура, силно се стимулирани двете класи моќни, уништувачки имуни клетки – неутрофили и Т-лимфоцити. Во ваква состојба, неутрофилите ослободуваат големи количества ензими кои се способни да неутрализираат или убијат ,,сè пред себе”, па и сопствените, здрави клетки, а Т-лимфоцитите почнуваат да им ,,наредуваат” самоубиство и на здравите клетки. Што поголем број на имуни клетки се стимулирани од огромните количества цитокини, толку поголема е штетата за околните клетки.

При Ковид-19 ова би значело уништување и на клетки кои сè уште успеваат некако да си ја вршат својата задача – да го овозможуваат дишењето. Но тука настанува уште еден проблем – белите дробови стануваат екстремно поранливи на други, нови инфекции, па затоа доста често кај потешките пациенти се јавуваат и тешки, т.н. секундарни бактериски пневмонии, со бактерии кои се отпорни на повеќето стандарни антибиотици.

Оранизмот е поранлив, особено на инфицираните места, бидејќи имуниот систем е исцрпен од константната борба и трошењето на своите вредни ресурси. Со вакви сериозни инфекции и од корона и од секундарни патогени, белите дробови почнуваат да откажуваат, односно се јавува акутен респираторен дистрес синдром – АРДС, најчестата причина за поставување на тешките пациенти на респиратор.

[Поврзано: Зошто антибиотиците се земаат ИСКЛУЧИВО по препорака на лекар?]

Настанатата штета од цитокинската бура, односно дерегулацијта и колабирањето на имуниот систем, овозможува олеснето ширење на инфекцијата од белите дробови, преку крвотокот до било кој орган. Така, не е непознато откажувањето на повеќе органи кај тешките пациенти со споменатиот АРДС.

Иако сè уште се истражува точниот механизам кои се крие зад стравичните оштетувања на белите дробови и откажувањето на различни органи и органски системи кај одредени хосиптализирани пациенти со Ковид-19, сепак постојат доста потврдени наоди за силно покачени цитокински нивоа кај ваквите пациети. Дополнително, од искуствата на докторите евидентно е и дека некои пациенти многу позитивно реагирале на имуносупресирачката терапија, што укажува на силен имун одговор кој веќе почнал да прави штети и потенцијална цитокинска бура.

 

Сериозни студии укажуваат дека лицата со покачени серумски (крвни) нивоа на специфичниот IL-6(интерлеукин-6), имаат помали шанси за преживување, но и дека има силна активираност на имуните клетки.

 

Акутна состојба, потенцијални хронични оштетувања

Процесите кои се случуваат при цитокинската бура се случуваат многу брзо. Периодот се мери во само неколку часови. Ова значи дека е потребна итна и брза реакција со соодветна терапија. За жал, дури и при најидеална реакција од медицинскиот персонал, стапката на преживување кај ваквите пациенти е од 40-60%. Дополнително, и кај преживеаните пациенти можни се силни, трајни оштетувања како последица на цитокинската бура.

Токму заради овие причини од огромно значење е во истражувањата кои веќе се во тек да се утврди со поголема сигурност дали и дефинитивно механизамот на цитокинската бура стои зад наглото влошување на клиничката слика кај одредени тешки пациенти со Ковид-19.

Додека стигне вакцината, единствената заштита од Ковид-19 е нашиот имунитет. Најдобрата опција е да останеме дома и секогаш кога излегуваме максимално да се придржуваме до препорачаните мерки (носење маска, 2 метри дистанца и правилно миење на рацете), бидејќи ако не ние, можеби некој наш близок е во зголемен ризик од комплициран исход на болеста Ковид-19.

 

Користен извор:

REVIEW ARTICLE

Cytokine Storm

List of authors.

  • David C. Fajgenbaum, M.D.,
  • and Carl H. June, M.D.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор