fbpx

Што е поздраво: БРОКУЛА или КЕЉ?

tonus

Секој вид на т.н. круциферозен зеленчук (карфиол, брокула, кељ, зелка, ротквица итн.) е нутритивно сконцентрирана храна со навистина импресивен хранлив профил.

[Поврзано: Карфиол – толку малку калории, а толку многу хранливост!
7 докази дека страшно ја потценуваме зелката!
Неверојатните својства на брокулата]

Кога ги споредуваме кељот и брокулата од нутритивна гледна точка и двата зеленчуци се победници – претставуваат одличен извор на витамини, минерали, антиоксиданти и растителни влакна, клучни елементи на здравата исхрана.

"“Online”/

Круциферозните зеленчуци се богат извор на сулфурни компоненти наречени глукозинолати. Кога овие глукозинолати се дигестираат, се разградуваат на најразлични супстанции со потенцијален антиканцероген ефект. Иако се потребни повеќе студии на ова тема, според податоците на досегашните истражувања, редовното консумирање круциферозни зеленчуци, може значително да го намали ризикот од некои видови канцер.

Сепак, ако морате да избирате помеѓу овие два фасцинантни зеленчуци, повеќе фактори можат да играат улога во однос на тоа кој би бил најдобар за вас – прифатливост на вкус, текстура и начини за добро приготвување.

Споредба помеѓу хранливите вредности на кељот и брокулата

Во 100g брокула има: 34 калории; 7g јаглехидрати (2,6g растителни влакна) и 3g протеини.
Во 100g кељ има: 40 калории; 4g јаглехидрати (2g растителни влакна) и 4g протеини.

Во однос на микронутриентите, овие два зеленчуци се навистина исклучителен извор на огромен број микронутриенти и фитохемикалии, но како најприсутни заеднички ќе ги издвоиме витамините А, Ц и К, како и железото.

Брокулите се одличен извор и на: витамини од Б групата, витамин Ц и калиум.
Кељот е одличен извор и на: антиоксидативните каротеноиди лутеин и зеаксантин, калциум и бакар.

Вреди да се спомене дека и брокулата и кељот имаат сосема солиден протеински состав и висока концентрација на растителни влакна, а речиси воопшто не содржат маснотии.

Извонредни антиоксидативни извори

Во антиоксидативниот состав се крие најголемиот дел од бенефити кои можат да ни ги понудат кељот и брокулата.

Антиоксидантите се молекули кои ја инхибираат или ја неутрализираат штетата која ја прават слободните радикали врз клетките и ткивата. Ваквото дејство, води кон намалување на хроничните воспалителни процеси и преку тоа до заштита на целокупното здравје на човекот.

Брокулите се богати со глукорафанин, супстанца која во текот на дигестијата се претвора во моќен антиоксидант, наречен сулфрафан. Повеќе студии укажуваат дека токму оваа компонента може да понуди широк спектар на корисни дејства по здравјето на човекот. Меѓу нив најважни се: намалување на нивото на шеќер и холестеролот во крвта, оксидативниот стрес и намалувањето на ризикот од развој на различни хронични заболувања.

Кељот пак, содржи потентни антиоксидативни компоненти, како кампферолот и кверцетин.

Исто така, брокулите и кељот содржат и одлични количества од моќните антиоксиданти зеаксантин и лутеин, кои можат да превенираат оксидативен стрес и клеточно оштетување во структурата на очите.

Вкус, текстура и начин на приготвување

Свежиот кељ е лиснаст, има нешто погорчлив вкус во споредба со брокулите и потешко се јаде ако не е соодветно комбиниран – во салати, супи, сосови, со житарки, јајца итн. Најдобро оди во комбинација со лимон, маслиново масло и лук, а добро опстанува во фрижидер и до неколку денови.

Брокулите можат да ни понудат специфична крцкава текстура, за која е потребно подолготрајно џвакање. Ова може да ни помогне да јадеме поспоро и ,,поприсутно”. Брокулата може да се јаде и како свежа, но најдобро е да ја подготвите на пареа, бидејќи на тој начин ќе задржи најголем дел од своите вредни нутриенти.
Печењето, односно карамелизирањето на брокули со ладно цедено маслиново масло, морска со и бибер е одличен начин вкусот на брокулата да ви стане ,,поблизок” или поприфатлив.

Краток заклучок

Јадењето на круциферозните плодови е од огромно значење, без разлика кој зеленчук конкретно ќе го избереме. Во однос на хранливоста, кељот и брокулата се доста слични, па изборот треба да го направите врз основа на тоа кој вкус и која текстура ви се поприфатливи.

Накратко, најзначаните корисни ефекти од јадењето круциферозни зеленчуци, како брокулата и кељот се:

Превенција од различни видови канцер
Намалени процеси на хронична инфламација
Помош при регулирање на крвниот шеќер
Контролирање на телесната тежина
Подобро кардиоваскуларно здравје
Балансирање на хормоните

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор