fbpx

Што претставува т.н „АНТИ-ВОСПАЛИТЕЛНА“ исхрана?

tonus

Сите сме ја слушнале изреката: „Здравјето доаѓа преку устата“ – таа е базирана на фактот дека речиси сите соединенија и нутриенти потребни на нашето тело, доаѓаат преку исхраната. Покрај макронутриентите: јаглехидрати, протеини и масти, храната е извор и на разни компоненти кои немаат калориска вредност (не се извор на калории), но сепак се неопходни и исклучително важни за одвивањето на низа процеси во организмот. Тука ги вбројуваме витамините, минералите, растителните влакна но и т.н фитохемикалии, односно соединенија кои најчесто ги среќаваме кај растенијата, а се од огромно значење за нашето здравје – тука првенствено ги вбројуваме антиоксидантите. Во оваа статија ќе се задржиме токму на овие соединенија и ќе погледнеме како тие всушност делуваат анти-воспалително, односно ќе одговориме на прашањето – што всушност ја прави некоја исхрана анти-воспалителна или анти-инфламаторна?

 

Што претставуваат воспаленијата?

Инфламацијата или воспалението е природен процес и е дел од одбранбениот механизам на организмот и истото има клучна улога при процесот на заздравување. При појава на „натрапник“ во телото, се јавува одговор со цел негово отстранување. „Натрапникот“ може да биде бактерија, вирус или пак обичен неоргански предмет – трн, прашина или некаков иритант.

Постојат два типа на инфламација – акутна и хронична.

"“Online”/

Акутната инфламација е предизвикана од некаков тип на повреда или заболување и како што кажува името, таа е акутна односно краткотрајна. Таа е проследена со симптоми од типот на: болки, црвенило на повредената област, оток, чувство на топлина и сл.

Меѓутоа, ваквите симптоми не секогаш се присутни, па воспалението може да биде и присутно без никакви симптоми. Најчесто акутната инфламација трае неколку денови. Субакутната инфламација може да трае 2-6 недели.

Другиот тип на инфламација, хроничната, може да трае со месеци па дури и години. Таа е најчесто поврзана со други заболувања како: дијабет, кардиоваскуларни заболувања, артритис, ревматоиден артритис, псоријаза и сл.

Овој тип на воспаление е далеку поштетен и опасен, бидејќи може да трае навистина долго и да предизвика низа на проблеми како покачување на телесната тежина и низа на други заболувања – дијабет, срцеви заболувања, канцер и сл.

Најчест начин за мерење на степенот на воспаление е преку мерење на т.н биомаркери или инфламациони маркери.

 

Како исхраната делува анти-воспалително?

Кога зборуваме за т.н „анти-воспалителна“ исхрана, важно е да напоменеме дека не станува збор за конкретна, точно утрврдена „диета“, туку за начин на исхрана кој е генерално општ и се заснова на неколку принципи. Прв и главен принцип е внесот на растителни намирници – овошје, зеленчук, мешунки, јатки, семиња, маслиново масло и сл. Сите овие намирници се одличен извор на антиоксиданти – соединенија кои најмногу и најефикасно се борат со воспаленијата. Тие се оние кои ги неутрализираат слободните радикали, минимизирајќи го нивното штетно влијание. Бидејќи ваквите радикали неизбежно се создаваат секојдневно, јасна е потребата од секојдневна исхрана која може да им парира.

За антиоксиданти може да сметаме голем број на соединенија: витамин Ц, витамин Е, бета каротенот, одредени минерали, омега – 3 масните киселини, разни феноли, полифеноли, флавоноиди и сл. Станува збор за навистина огромна листа на соединенија, кои главно се наоѓаат во растителните намирници.

Вториот принцип преку кој храната може да делува анти-инфламаторно е всушност преку лимитирање или исклучување на храна и намирници кои делуваат про-инфламаторно, односно ја зголемуваат инфламацијата. Тука ги вбројуваме: црвеното месо, храната богата со шеќери, процесираната храна (во оваа категорија спаѓаат навистина голем број на намирници), брзата храна (друг термин за процесирана храна), слатки, газираните пијалаци и сл. Овој тип на храна не може целосно да се исклучи, но нејзиниот внес треба да е лимитиран, а да преовладуваат гореспоменатите, анти-инфламаторни намирници.

Сето ова укажува дека медитеранската исхрана ги задоволува во целост овие два критериуми и истата се смета за еден од најдобрите анти-инфламаторни типови на исхрана.

 

За кого е важна анти-воспалителната исхрана?

Генерално гледано, секој од нас треба да се обиде да го лимитира внесот на храна која делува воспалително, а да го зголеми внесот на анти-воспалителните намирници. Дури и да не е присутен здравствен проблем, овој начин на исхрана го намалува ризикот од бројни заболувања и допринесува за долговечност.

Кај одредени групи, анти-воспалителната исхрана е особено препорачлива, бидејќи истата може да ги ублажи симптомите и да ја подобри состојбата која е предизвикана како резултат на некое воспаление или каде е присутно хронично воспаление поради здравствениот проблем. Тука ги вбројуваме: ревматоидниот артритис, псоријазата, астмата, улцеративниот колитис, дијабет тип 2, хипертензијата, кардиоваскуларните заболувања, обезноста и др.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор