fbpx

Аритмија – неритмична работа на срцето која може да остане скриена со години

tonus

Проблемите со кардиоваскуларното здравје се едни од најчестите и најзагрижувачките во светски рамки. Статистички, во САД на секои 36 секунди едно лице умира поради проблеми со кардиоваскуларното здравје. Речиси 25% од сите смртни случаи се препишуваат на овој здравствен проблем, а тоа се околу 655,000 животи секоја година, само во САД. Меѓутоа, можеби една состојба за која не се зборува често и доволно е неправилното, неритмично срцебиење или т.н аритмија. Постојат повеќе форми на ова заболување, а покрај него, постои и опасноста од забрзано срцебиње – тахикардија. Токму за овие состојби ќе зборуваме во продолжение.

Што се смета за нормално срцебиење?

Човековото срце е изградено од две преткомори и две комори. Пулсот или ритамот на отчукување на срцето е контролиран од еден вид на природен пејсмејкер – т.н синусен јазол, кој се наоѓа во десната преткомора. Тој создава електрични импулси поради кои доаѓа до срцебиење. Ваквите имуплси создаваат контракции во мускулите на преткоморите и на тој начин ја испумпуваат крвта. Овие импулси потоа пристигнуваат до клетки кои се нарекуваат атривентрикуларен јазол. Тука електричниот импулс ослабнува, а потоа се испраќа до коморите. Ваквата кратка пауза во патувањето на импулсот дозволува коморите да се исполнат со крвта која се испумпува од преткоморите. На крајот, импулсот предизвикува контракција со што крвта од коморите се пумпа надвор од срцето и кон белите дробови или остатокот од телото. Кај здрави лица, со здраво срце, ваквиот процес тече без никакви проблеми и со пулс во опсег од 60 до 100 срцебиења во минута, при мирување. Доколку дојде до нерегуларност во ритамот на работата на срцето или во бројот на отчукувања во една минута, станува збор за состојба која се нарекува аритмија.

Што претставува аритмијата и какви видови постојат?

Сите абнормалности во брзината на срцебиењето или во ритамот на неговите контракции, спаѓаат во категоријата на аритмии. Тие може да не се манифестираат со никакви конкретни симптоми, но може да предизвикаат и чувство на непријатност, болка, стегнатост во градниот кош, отежнато дишење, вртоглавица и сл. Не сите аритмии се опасни и штетни по здравјето, но за тоа да се потврди, неопходно е преглед и проверка од вашиот лекар.

"“Online”/

Постојат повеќе типови на аритмија, но најчестите и главни типови се:

  • Атријална фибрилација – најчестиот тип на аритмија, каде доаѓа до нерегуларно и забрзано срцебиење
  • Суправентрикуларна тахикардија – епизоди на абнормално забрзано срцебиење при мирување
  • Брадикардија – забавено срцебиење (пулс под 60 срцебиења во минута)
  • Вентрикуларна фибрилација – поредок тип на аритмија каде доаѓа до нагол, забрзан и неправилен ритам на срцебиење што резултира со губење на свеста и дури и смрт доколку не се третира веднаш.
  • Вентрикуларна тахикардија – нагло, забрзано срцебиење што потекнува од абнормални електрични импулси во коморите. Забрзаното срцебиење не дозволува срцевите комори да се наполнат и да ја испумпаат ефективно крвта. Кај здрави лица ова може да не предизвика посериозни проблеми, но кај лица со срцеви заболувања потребна е итна медицинска интервенција.

Овие набројани типови на аритмија може да се јават кај сите возрасни групи, додека атријалната фибрилација почесто се среќава кај повозрасната популација. Исто така, прекумерната консумација на алкохол и прекумерна телесна тежина го зголемуваат ризикот за појава на овој тип на аритмија. Овој тип на аритмија исто така го зголемува ризикот за појава на мозочен удар. Лицата со атријална фибрилација имаат 5 пати поголем ризик за мозочен удар, од оние кои имаат нормално срцебиење.

Некои типови на аритмија доколку се јават кај лица со сериозни срцеви проблеми, може да предизвикаат инфаркт. Околу 100,000 лица во Обединетото Кралство го губат својот живот секоја година, токму поради аритмија која не била навремено дијагностицирана.

Како ризик фактори за појава на аритмија се сметаат:

  • Вирусни инфекции
  • Консумирање на алкохол
  • Пушење
  • Прекумерен внес на кофеин
  • Интензивни физички активности
  • Одредени лекарства
  • Дефицит од калиум или други електролити
  • Стрес
  • Дијабет
  • Прекумерна телесна тежина
  • Исхрана која е богата со масти (особено транс масти), холестерол и високо процесирани намирници

Како да ја воочиме и препознаеме срцевата аритмија?

Речиси е невозможно да се спречи појавата на аритмија, но се смета дека здравиот начин на живот може да помогне при намалување на ризикот од нејзина појава. Со избегнување на некои секојдневни штетни навики може да помогнеме кон подобро кардиоваскуларно здравје, а со тоа и кон помали шанса за појава на аритмија. Овие штетни навики најчесто се: пушење, консумирање алкохол, консумирање храна богата со транс и заситени масти, редовно консумирање високо процесирана храна, не внимавање на нашата телесна тежина и сл.

Најчестите симптоми на аритмија се чувство на слабост и болка во градите, вртоглавица, отежнато дишење и понекогаш и губење на свеста. Доколку ваквите симптоми се чести или постои фамилијарна историја на проблеми со кардиоваскуларното здравје, важно е да се направи лекарски преглед и да се извршат неопходните снимања. Како најефикасен начин за дијагностицирање на било кој тип на аритмија се смета електрокардиограмот или ЕКГ прегледот.

Кај некои луѓе, симптомите на аритмија може да се особено изразени и предизвикани поради физичка активност, па во тој случај е потребно консултација со вашиот лекар и можна претпазливост кон идни слични активности.

Третманот зависи од типот на аритмија, но најчесто е во форма на користење на лекарства, употреба на пејсмејкер, хируршки зафат и сл.

Важно е симптомите на аритмија да не се игнорираат и истата навремено да се дијагностицира.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор