fbpx

Глутен – митови и факти

tonus

Различни трендови на диети и општо на начини на водење здрав живот се појавуваат и исчезнуваат со текот на годините. Некои од нив се научно издржани, други помалку, трети воопшто.

На пример, импресионираат повеќекратните научно потврдени податоци за низа корисни влијанија на здравјето кои ги покажува медитеранскиот начин на исхрана. Сепак, постојат и други начини на исхрана кои стекнуваат популарност, а немаат ни од далеку иста таква научна поткрепа.

Во таа смисла доста интересен е ентузијазмот со кој настапува ,,gluten free движењето” во последно време. Ентузијазмот и начинот на кој го промовира безглутенскиот принцип како начин на исхрана, иако исклучувањето, дури не на една намирница, тука на една компонента од храната (глутенот, која патем не е ниту есенцијална за енергетските и изградбени потреби на организмот) не може да се дефинира како начин на исхрана.

"“Online”/

Како и да е, еден од главните аргументи на следбениците на оваа исхрана е дека во однос на долгиот еволутивен пат на човекот, земјоделието се појавува релативно скоро, пред околу 12.000 години. Време кое е недоволно за нашите тела да еволуираат на начин на кој ќе можат да го процесираат глутенот. Според нив, човекот е направен да биде ловец, а не да има исхрана базирана на леб. Доказ на ваквата теза е болеста целијакија, неможноста за процесирање на глутенот. Сличен е случајот и со лактозната интолеранција, односно неможноста на одредени луѓе да ја разградуваат лактозата од млекото. Но, факт е дека поголемиот дел од луѓето, односно огромното мнозинство со текот на еволуцијата развило способност за да ги процесира овие компоненти. Што значи дека не е точно дека времето од неколку милениуми не било доволно.

Најзначајното прашање кое се поставува овде е: дали ако го ограничите внесот на глутен, дали тоа ќе го подобри вашето здравје? Дали ќе се чувствувате подобро?

Што е глутен?

Глутенот е протеин кој е присутен кај повеќето житарки, пченица, рж, јачмен итн. Така, тој завршува во храната добиена од нив: леб, тестенини, житарки и многу други производи. Глутенот не е есенцијална хранлива материја. Имунитетот, заштитниот систем на луѓето со целијакија (нетолеранција на глутен) реагира кога во организмот ќе биде внесен глутенот. Овие лица кога консумираат храна во која тој е присутен, развиваат воспаленија, па во полош случај и оштетувања на цревата и други делови од организмот. Последните истражувања покажуваат дека 1% од популацијата ја има оваа состојба. Безглутенската исхрана е неопходна за оваа категорија на луѓе да може да ги избегне воспалителните процеси и симптомите воопшто, симптоми кои можат да бидат доста непријатни. Заради овие причини добро е тоа што во последно време има се повеќе ,,опции” на оброци и прехранбени производи кои се безглутенски. Но, не е во ред тоа што отсуството на глутен се промовира како општа предност во квалитет на овие производи, во однос на другите, предност која важи за целото население.

Голем дел од луѓето ја прифаќаат безглутенската исхрана поради ваквото промовирање на безглутенските производи, како поздрави, корисни при намалувањето на тежината и многу други бенефити кои и немаат баш некоја поткрепа во науката. Така, 63 проценти од Американците веруваат дека безглутенската исхрана може да го подобри нивното здравје, дури и менталното здравје, па една третина од нив го избегнува глутенот во секојдневието.

Дали е безглутенската исхрана е навистина мит?

За нешто да го наречеме мит прво треба да дефинираме што подразбираме под тој термин. Во текстов, мит поврзан со здравиот живот ќе го дефинираме како тврдење:
-> во кое многу луѓе веруваат
-> за кое не постојат научни докази кои го поддржуваат
-> против кое постои најмалку еден доказ кој ја оспорува неговата точност и заснованост
-> за кое постои псевдо-научно објаснување кое може да побуди интуитивна согласност кај читателите
-> кое побудува чувство на страв и несигурност
-> кое може да има за цел исклучиво профит
-> кое е поддржано од угледни луѓе и естрадни ѕвезди

Повеќето од овие ,,услови” безглутенскиот ,,начин на исхрана” ги исполнува, така што може да се смести во митовите поврзани со здравиот начин на исхрана и живеење.

Кој всушност треба да го избегнува глутенот?

Сепак, постои само едно вистинито тврдење на ,,gluten-free движењето” , а тоа е дека безглутенската исхрана може да биде корисна во однос на избегнувањето на проблемите кои се појавуаат како резултат на консумацијата на храна со глутен кај луѓето кои страдаат од целијакија. За овие луѓе ваквата безглутенската храна е можеби и есенцијална.

Целијакијата претставува автоимуна болест, всушност состојба во која организмот грешно ги препознава протеинските молекули на глутен како ,,туѓо тело” и ги напаѓа кога ќе се најдат во тенкото црево. На тој начин телото ги уништува цревните мали ресички кои се задолжени за апсропција на хранливите материи од храната. Оштетувањата на ресичките придонесуваат за гастроинтестинални симптоми, но и за проблеми со здравјето поврзани со неухранетоста поради неможноста телото да ги апсорбира неопходните нутриенти. Тоа води кон губење на телесната тежина, анемии, остеопороза, неплодност и проблеми со нервниот систем.

Во последно време се појавува и терминот ,,чувствитеност” на глутен. Тестовите за целијакија на луѓето кои се сметаат себеси за припадници на оваа категорија се негативни (нормални), но сепак тие чувствуваат симптоми како повраќање, дијареа, болки во стомакот при консумирање на храна која содржи глутен. Една можност е овие луѓе да имаат алергија на житарки, нарушување кое може да се дијагностицира со кожен тест, но во повеќето случаи за ова ,,чувствитеност” дијагностицирањето останува несигурно. Некои ваквата состојба ја нарекуваат и нецелијарна глутенска хиперсензитивност, а за неа се уште нема соодветни истражувања и докази.

Значи, избегнувањето на глутенска храна има смисла за луѓето со целијакија, алергија на житарки или оние кои имаат нецелијарна глутенска хиперсензитивност.

Сите останати не треба да се грижат дали нивната храна ја содржи оваа компонента или не, бидејќи не постои ниту еден релевантен податок кој укажува дека безглутенската исхрана може да го подобри здравјето или да превенира некакви болести. Секако, во науката секогаш се остава простор за понатамошни истражувања кои ќе дадат податоци кои делумно ќе го сменат ова, но според досегашните сосем релевантни податоци не оставаат никако простор за загриженост.

Зошто тогаш безглутенската исхрана е толку популарна?

Популарноста се должи главно на неколку фактори како што се:

-> интуицијата – изгледа како добра идеја
-> логиката дека ако глутенот е лош за одредена група на луѓе, можеби е лош и по моето здравје
-> поддршката која ваквиот начин на исхрана ја добива од естрадните ѕвезди и од некои популарни личности
-> анегдотите, сведочењата на луѓето со ,,искуства” можат да бида многу моќни. Сознанијата дека на некои луѓе избегнувањето на консумирање на храна која содржи глутен им помогнало да се чувствуваат многу подобро, е навистина тешко да се игнорираат.
-> моќниот маркетинг кој стои за ваквите производи – иако зад ваквата ,,исхрана” не стојат научни сознанија, во кампањите кои ги водат писателите на книги со gluten free тематика и производителите на ваквите продукти се вложени огромни средства.

Дали избегнувањето на глутен може да има и негативни последици?

Како и сите интервенции во исхраната, така и оваа си носи свои ризици. Всушност, елиминирањето на одредена храна секогаш подразбира смалување на разновидноста, а знаеме дека разновидноста е значаен принцип во здравата исхрана. Елиминирањето на глутенот од исхраната не е исклучок. Пред да ви биде продадена приказната за ,,безглутенски животен стил”, треба да бидете свесни дека освен што може да не Ви помогне, може и да создаде непријатности.

Иако повеќе кампањи укажуваат на тоа дека безглутенските производи освен што немаат глутен, содржат и повеќе микронутриенти, односно витамини и минерали од конвенционалните продукти, најчесто ситуацијата е токму спротивна. Безглутенските продукти често содржат помалку диетески влакна, фолна киселина (витамин Б9), железо, фитонутриенти (комплексни боени материи продуцирани растенијата со антиоксидативно и анти воспалително дејство) и други значајни микронутриенти од конвенционалните производи, а содржат од друга страна повеќе рафинирани шеќери и масти. Неколку студии укажуваат дури и на тренд на покачувањето на телесната тежина на луѓето кои ја следат безглутенската диета диета. Исто така ваквата храна има повисока цена на чинење од останатата, па во многу наврати целата оваа приказна потсетува на онаа со органската храна: луѓето се подготвени на платат и повисока цена за храната која им е ,,сервирана” како поздрава. И тоа е нормално, но проблемот е што зад овие тврдења стојат малку докази, или докази воопшто и нема.

Заклучок

Добро во целата оваа ситуација е што на значително ниво е подигната свноста за глутенот и проблемите кои може да ги предизвика, па животот на луѓето со ова нарушување е значително олеснет во однос на минатото и тоа е од особена важност.

Но, ако се чувствувате добро и немате симптоми кои укажуваат на некаков проблем со дигестивниот систем, уживајте во тоа и престанете да се грижите околу глутенот!

Ако пак имате симптоми кои можеби се поврзани со глутенска нетолеранција или пак имате значителни симптоми кои не се објасниви, тогаш обратете се кај вашиот доктор. Симптомите на целијакија можат да бидат дијареа, стомачни болки, необјасниво губење на тежината и нарушен апетит, чувство на надуеност, нарушен раст (кај деца), осип итн.

Постојат ефективни тестови за утврдување на оваа болест, односно крвни тестови кои ги детектираат точните антитела кои се одговор на организмот на глутенот, генетски тестови и интестинални биопсии. Тие се единствената гаранција за тоа дали треба да јадете глутен или не. Слични се и симптомите за лактозна интолеранција и некои други нарушувања, па може да се испостави дека и нешто од нив е проблемот.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор