fbpx

Изненадувачка нутритивна споредба помеѓу обичен кечап и доматен сос/пире!

tonus

Доматите дефинитивно се вбројуваат помеѓу најзастапените зеленчуци на нашите трпези, што е навистина позитивна работа. Зошто е тоа така, односно повеќе околу конкретните корисни ефекти на свежите домати, можете да прочитате во една од нашите претходни статии: ДОМАТИ – добро е што ги има толку често на нашата трпеза!

Денес, нешто повеќе околу веројатно најпопуларниот и најомилениот додаток во храната во светски рамки – кечапот.

Главната состојка на овој производ се доматите, но останатите компоненти можат битно да се разликуваат од производ до производ. Во продолжение ќе направиме споредба помеѓу препроцесираните кечапи и оние кои се добиваат на ,,попрост” начин, односно од помалку намирници, уште наречени и доматен сос или доматно пире. Оваа нутритивна споредба ќе ви помогне полесно да се одлучите кој тип на кечап е подобро да го користите во секојдневната исхрана.

"“Online”/

 

Кечапот може да биде здрав производ, но и храна со празни калории!

 

Имајќи предвид дека доматите се нутритивно концентрирана храна, односно имаат многу ниска калориска, а висока хранлива вредност, сосема логично би било да се заклучи дека производите добиени од нив би биле исто така здрав избор.

Сепак, дали кечапот ќе биде здрава храна, зависи од намирниците кои се користат за негово добивање.

Речиси секој кечап содржи неколку основни компоненти: доматно пире, вода, шеќер, сол, оцет, зачини и модификуван скроб. Шеќерот, солта, зачините и оцетот главно имаат улога во вкусовиот профил на кечапот (и неговото траење), додека скробот има улога во неговата конзистенција или степенот на густина, што е особено важна карактеристика за секој кечап.

Од друга страна, доматното пире се прави исклучиво од домати кои подлегнуваат на одреден топлински процес, со што се овозможува нивно концентрирање и добро конзервирање. Доматните сосови се добиваат со растворање на доматното пире. Доматниот сос често се подготвува и во домашни услови.

Често пати во доматните сосови се додаваат и некакви зачини, на пример оригано, босилок и слично. Постојат и доматни сосови наменети за тестенини. Кај нив можат да бидат додавани и други состојки кои битно ќе влијаат на нутритивноста и калориите. Во продолжение, ќе зборуваме за обичните доматни сосови кои немаат додавано ништо друго освен некаков зачин.

 

Според претходно кажаното, можеме да заклучиме дека обичниот кечап, поради додадените шеќери и скробот, има значително поголема калориска вредност од обичниот доматен сос. Податоците велат дека калориската вредност е поголема дури до 5 пати!

Доматниот сос има само 25 калории во 100g, додека кечапот и до 130 калории во истата количина.

 

Но, тоа не е единствената предност на доматниот сос во однос на кечапот. Другите главни разлики помеѓу овие два навидум многу слични производи се во однос на:

 

  • Содржината на ликопен

  • Микронутритивната содржина, односно минералите и витамините

  • Содржината на растителни влакна

  • Содржината на сол

Предности на доматниот сос пред кечапите:

1.Повеќе ликопен

Ликопенот претставува особено моќен каротеноиден антиоксидант, односно пигмент кој е најзастапен во зрелите домати (генерално, што поцрвен домат, тоа повеќе ликопен). Најголемите негови концентрации се утврдени во тенката доматна лушпа. Всушност, ликопенот е најглавната причина зошто доматниот сос претставува здрава храна!

Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак зависи и од внесените.

Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања, како ревматоиден артритис, канцер, синдром на нервозни црева, различни невродегенеративни заболувања, кардиоваскуларни проблеми итн.

Важно е да се напомене дека антиоксидативниот пигмент ликопен е термостабилен, што овозможува да биде застапен и во процесираната доматна храна, како различните типови кечапи.
Дополнително, имајќи предвид дека ваквите производи се концентрирана доматна храна, преку нив можеме да внесеме значително поголемо количество од овој важен антиоксидант, отколку од свежите домати. Според истражувањата, процесираната доматна храна е извор на дури 80% од ликопенот кој се конзумира од населението во САД.

Апсорпцијата на ликопенот е значително зголемена кога се јаде во комбинација со некаква здрава маснотија.

Истражувачите се занимавале доста со ликопенот и утврдиле навистина извонредни ефекти од неговото често консумирање. Ќе наведеме само неколку од најважните:

  • Антиканцероген ефект – утврден антиканцероген ефект кај повеќе видови на рак, како канцер на простата, на мозок, на хранопровод итн.
  • Подобро кардиоваскуларно здравје – намален холестерол и воспалителни маркери, контрола на високиот крвен притисок итн.
  • Подобро здравје на очите и кожата
  • Подобро здравје на мозокот

Покрај во доматите, ликопенот е застапен и кај други овошки и зеленчуци (лубеница, цитрон, кајсии итн.), но во помали количества.
Во 100g доматен сос се содржи околу 15mg ликопен!

Антиоксидативната содржина на доматниот сос неретко е збогатена и од различните додадени зачини.

2.Подобра микронутритивна вредност

 

За разлика од процесираните кечапи, доматните сосови содржат и солидна минерална и витаминска содржина.

Во само 100g доматен сос, се содржат:

Покрај ова, доматниот сос содржи и бакар, манган, витамин К и некои други витамини од Б групата. Од друга страна, процесираните кечапи може да имаат помали количества само од витаминот Ц и А.

3.Повеќе растителни влакна

 

Во 100g доматен сос има сосема солидни 1,5g фибер и само 4g шеќери од доматите. Растителните влакна се особено важен елемент од она што значи здрава исхрана, иако се доста потценети. Препорачаниот внес е околу 30-38g дневно, што ретко кој го исполнува во денешно време. Затоа секој грам е значаен.

Растителните влакна, познати и како фибер, имаат низа на корисни ефекти по нашето здравје, меѓу кои како најважни се наметнуваат: намалување на шеќерните нивоа, полесно заситување, подобро дигестивно здравје и цревна перистатика, намален холестерол, претставуваат храна за корисната цревна микрофлора итн.

[Поврзано: 6 конкретни здравствени придобивки од ПРЕбиотиците!
 ФИБРОГЕЛ – природни растителни влакна]

Од друга страна, во процесираните кечапи, освен што има 0g растителни влакна, како што веќе споменавме, има огромни количества на додадени шеќери, кои ни даваат калории без хранлива вредност – празни калории. Во 100g процесиран кечап, има близу ¼ или 25g шеќери.

Ваквата храна ни прави шеќерни пикови, а потоа нагли падови, што е особено проблематично за лицата со дијабет. Тоа нè остава гладни иако имаме јадено доста скоро.

[Поврзано: Што се тоа ПРАЗНИ КАЛОРИИ и зошто се опасни?]

Дополнително, треба да земеме предвид дека кечапот го сметаме само за додаток во храната, па затоа многу често целосно се занемаруваат калориите кои доаѓаат од него. Ваквата храна, односно храната со ,,скриени калории”, претставува една од причините зошто некои луѓе никако не можат да го намалат вишокот килограми.

4.Многу помалку сол

 

Во 100g процесиран кечап има речиси 1g сол. Препорачаниот внес од СЗО е максимум до 4g дневно, а според американските регулативи и многу помалку. Ако сте љубител на кечапот, дали сте биле свесни дека внесувате волкаво количество сол преку додаток во храната, како што е кечапот? Најверојатно не.

Во доматните сосови (веројатно не и оние за паста) има значително помалку сол.

Постојаното прекумерно внесување на солта, за жал речиси како по правило е несвесно, односно од производите во кои се содржи како ,,скриенa”, како што е кечапот. Се смета дека дури 80% од внесената сол е токму од ваква храна!

Можни ризици од претерувањето со солта:

  • Кардиоваскуларни проблеми – поради покачениот притисок
  • Бубрежни проблеми – поради оптеретување на бубрезите кои треба да ја излачат солта
  • Зголемен ризик од дијабетични компликации

Многу повеќе на тема опасности од солта, прочитајте во нашите претходните статии:
Наједноставната промоена која БУКВАЛНО може да би го СПАСИ животот!
Зошто лицата со ДИЈАБЕТ треба да се пазат од СОЛТА?

Како краток заклучок

Од нутритивната споредба помеѓу процесираните кечапи и доматниот сос, треба да заклучиме дека за секојдневна употреба најдобро е да го користиме доматниот сос и тоа без многу да внимаваме на количествата. Зошто?

Доматниот сос претставува одличен или концентриран извор на ликопен, потоа на различни витамини и минерали, солидно количество фибер и малку калории. Сличното важи и за доматното пире – поконцентрирана верзија на доматниот сос.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор