fbpx

Како стресот влијае директно и индиректно врз нашето здравје?

tonus

Причините за смртност во светски рамки, вклучително и во нашата земја, главно се должат на неколку заболувања – малигни, инфективни, хронични респираторни заболувања, а како причинител кој особено се издвојуваат се кардиоваскуларните заболувања.

Кардиоваскуларните болести претставуваат голема, хетерогена група заболувања и се водечка причина за смртност, односно, заболувањата од овој тип предизвикуваат повеќе смртни случаи отколку сите други причини заедно и ги зафаќаат најмногу земјите со пониски примања и послабо здравство. Таков е и случајот со Македонија. Кај нас секој трет смртен случај директно може да се поврзе со некаква срцева болест.

[Поврзано: Зависно од вашата возраст – што треба да правите за здраво срце?]

"“Online”/

 

Постојат повеќе ризик-фактори за срцевите болести, а помеѓу нив има и еден малку потценет – стресот.

 

Во повеќе од нашите претходни статии видовме дека стресот може да има и повеќе физички симптоми – како вознемирен стомак и потење на рацете. Но, за жал хроничниот стрес може да има и посериозни физички импликации, особено на подолг рок, односно да го зголеми  ризикот од кардиоваскуларни проблеми, вкучително и посериозни срцеви заболувања.

 

[Поврзано: Како стресот го намалува имунитетот?]

Хроничен стрес – проблем на модерното живеење

 

Стресот во денешно време е еден од најголемите нарушувачи на квалитетот на живот. Тој може да биде предизвикан од најразлични ситуации и состојби, а се дели на акутен и хроничен.

Иако повишената секреција на кортизол предизвикана од стрес е корисна на краток рок (природен механизам на телото за поуспешно справување со ,,итни” состојби), сепак постојано високите нивоа на овој т.н. стрес хормон, имаат потенцијал да предизвикаат најразлични здравствени проблеми, а притоа да покажат и одредени специфични симптоми. Повеќе околу симптомите на повишен кортизол и справувањето со нив, прочитајте тука.

Изворите или причинителите на стресот можат да бидат навистина најразлични и индивидуални, од емотивен стрес (смрт на блиски или љубовни проблеми на пример) и проблеми на работното место, па сè до недоволен и неквалитетен сон.

[Поврзано: Дали сте нервозни поради недостаток од спиење?]

Како што веќе споменавме, одговорот на телото на стресот е еволутивно дизајниран да ни помогне, но ако стресот стане хроничен, почнуваат неговите негативни дејства врз целокупното здравје. Постојано високите нивоа на кортизол, низа студии ги поврзуваат со покачен крвен притисок, покачен холестерол, маснотии во крвта, шеќер итн.

[Поврзано: Стресот и крвниот притисок – кратки и практични совети!]

Сите овие се директни ризик-фактори за повеќето кардиоваскуларни заболувања, доста чести во денешницата.

[Поврзано: Како СТРЕСОТ ја зголемува телесната тежина и што да направите за да го спречите тоа?]

Не го потценувајте влијанието на стресот врз здравјето на срцето!


Дури и помалите ,,количества” стрес можат да поттикнат срцеви проблеми, како лоша циркулација до срцевиот мускул – состојба при која органот не добива доволно хранливи материи или кислород. Долготрајниот или хроничен стрес пак, може да води и до поголем ризик од згрутчувања на крвта – што понатаму го зголемува ризикот од срцев или мозочен удар. Ова е на некој начин директната поврзаност помеѓу стресот како ризик-фактор и срцевите болести. Во оваа насока се потребни уште доста истражувања. Засега за поважни се сметаат индикретните влијанија.

[Поврзано: Ковид-19 и згрутчување на крвта. Што се тоа D-димери?]

Познат е и феноменот или синдромот на ,,скршено срце”. Медицинските лица го нарекуваат уште и стресно-индуцирана кардиомиопатија. Повеќе на оваа тема, прочитајте на следниот линк: Синдром на скршено срце. Може ли да се умре од тага?

Дополнително, на претходно споменатите ,,индиректни” влијанија на стресот врз срцето (ризик-факторите, како зголемена телесна тежина, масти и шеќер во крвта), задолжително мора да се споменат и цигарите, алкохолот и останатите опијати. Едноставно луѓето под хроничен стрес, се навистина многу поподложни на најразлични пороци. На краток рок, тие ни нудат опуштање и релаксација, но на долг рок се навистина катастрофални од повеќе здравствени аспекти.

[Поврзано: Ритуали за релаксација!]

Имено, цигарите се ризик-фактор број еден за нарушено здравје на срцето. Дури ¼ од срцевите болести се директен резултат на пушењето! Дури и луѓето кои пушат помалку од 5 цигари дневно покажуваат одредени знаци на рана фаза од некое кардиоваскуларно заболување.

[Поврзано: Непријатни симптоми по откажувањето на цигарите и како да се справувате со нив?]

Треба да се знае и дека пушењето на цигари со намалени нивоа на катран и никотин не го намалува ризикот од овие заболувања.

[Поврзано: Пушење, алкохол, стрес и кардиоваскуларно здравје]

Стресот кој може да го предизвикаат или интензивираат хроничните заболувања и подолг период не е соодветно контролиран, дополнително влијае на лошото менаџирање со тие болести и индиректно го влошува општото и кардиоваскуларното здравје – неконтролиран дијабет/шеќер, неконтролирана телесна тежина, притисок, холестерол итн.

[Поврзано: Како до подобраконтрола кај дијабет?; 5 правила за самопомош кога се соочени со болки од хронични заболувања]

 

Што вели едно важно истражување од Харвард на оваа тема?

 

Едно поново истражување на Харвард, објавено во престижниот Lancet, тврди дека за првпат покажува како стресот е директно поврзан со срцето и циркулаторниот систем на човекот.

Хроничниот стрес се поврзува со поголема активност во одредена област од мозокот, која пак се поврзува со процесирање на емоциите и со зголемен ризик од развивање на кардиоваскуларни болести. Истражувачите велат дека стресот би можел да биде силен директен фактор за срцеви болести, слично како пушењето и високиот притисок!

[Поврзано: И автоимуните заболувања се поврзани со стрестот?]

Истражувањето се состои од две студии.

Поголемата од околу 300 луѓе чиј мозок бил скениран и заклучено било дека при хроничен стрес, делот од мозкото задолжен за ,,справување” со стресот, наречен амигдала, сигнализира до коскената срцевина сигнали кои поттикнуваат поголемо излачување на бели крвни клетки. Ова понатаму води кон инфламаторни процеси во крвните садови. Добро е познато дека ваквите инфламаторни процеси водат кон срцев удар, срцева ангина и мозочен удар.

[Поврзано: 4 симптоми кои не смеат да бида игнорирани!]

Втората, нешто помала студија имала посебен фокус на самата спомената инфламација (воспаление) во крвните садови и активноста на амигдалата кај луѓето што патат од хроничен стрес. И оваа студија повторно наоѓа директна конекција помеѓу зголемената активност во амигдалата и зголемената зачестеност на артериска инфламација.

Вреди да се спомене дека вакви податоци претходно се добиени и во повеќето изведени анимални истражувања. Оваа студија на Харвард е прва со луѓе.

 

Краток заклучок


Досега најголемиот дел од истражувањата во врска со стресот и срцевото здравје беа во насока на индиректните влијание, односно како стресот предизвикува проблеми со животниот стил, кои потоа резултираат со нарушувања што го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни нарушувања.

[Поврзано: Смеењето како моќно оружје против хроничниот стрес!]

Горенаведеното истражување од 2017-тата година треба да биде поттик за научниците повеќе да истражуваат во однос на директните влијанија на стресот врз срцето и да се обидат да развијат нови начини/механизми за третирање на хроничниот стрес.

[Поврзано: Како да препознаете прекумерен стрес на работното место!]

Првиот чекор кон трајното решение на хроничниот стрес е во самото препознавање на симптомите и прифаќањето на состојбата. Механизмите за справување во глобала се индивидуални, па таков треба да биде и пристапот.

[Поврзано: На кои начини телото ви сигнализира дека е под стрес?]

Менталните нарушувања не смеат да бидат табу тема и нешто од што ќе се срамиме. Тие постојат и создаваат конкретни проблеми. Видовме дека не влијаат само на нашата психа и социјалниот живот, туку имаат и поконкретни ФИЗИЧКИ, здравствени импликации. Да ги препознаеме и адресираме! Ако подолго време се обидувате, но не успевате да се справите со стресот, немојте да имате дилеми и да побарате стручна помош.

Повеќе конкретни, корисни совети околу тоа како успешно да го контролирате стресот, погледнете на следниот линк: Стрес – ефекти и начини на справување!

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор