fbpx

ПЕКТИНИ – што се, каде да ги најдеме и ЗОШТО?

tonus

Пектините материи (полисахариди) се тип растителни влакна кои се пронајдени во различни овошки и зеленчуци и го сочинуваат најголемиот дел од растителните влакна на цитрусните овошја. Хемиски гледано, овие полисахаридни молекули се изградени од галактуронска киселина.

Што е пектин?


Како што кажавме, пектините се тип на фибер, поточно водорастворливи растителни влакна. Многу често пектинот се користи како изолат во приготвувањето на џемовите и мармаладите, поради неговата способност да згуснува и да прави еден вид гелна конзистенција во комбинација со водата. За таа цел, потребно му е и одредено количество шеќер и киселина.

На пазарот се среќава во прашкаста форма со бела до жолтеникава боја, а најчесто се добива од кората на цитрусното овошје (каде и е најпристуен). Процентуалната застапеноста на пектинот во кората на овие овошја е околу 30%.

"“Online”/


Пектините се корисни од повеќе аспекти


Како и сите растителни влакна, пектините не можат да бидат соодветно дигестирани и следствено на тоа, не можат да бидат целосно апсорбирани. Така, тие практично немаат нутритивна вредност, но сепак нѝ се корисни од многу аспекти.

Истражувањата покажуваат дека вискозните растителни влакна, како пектините, можат директно да делуваат на намалувањето на холестеролот во крвта, преку негово врзување уште кога е во дигестијата и на тој начин понатаму исфрлање преку столицата.

Пектините помешани со вода (при одредена киселост) формираат гелна структура, што овозможува чувство на полн стомак, продолжено чувство на ситост и намален гликемиски индекс на останатата храна (пектинот ги врзува шеќерите, а ја успорува и дигестијата до одредена мера). Така, пектинските материи се сметаат за корисни и при слабеењето.

Едно истражување од Полска, утврдува дека храната богата со пектини не само што е добра за намалување на холестеролот и килограмите, туку е корисна храна и при гастритис, а делува заштитувачки и на дигестивниот систем при инфекции во периоди на стрес.

Јадењето 30g растителни влакна дневно, се покажало од голема помош за губењето на вишокот телесна тежина, но и за подобрена инсулинска сензитивност и намален крвен притисок. Сепак, потребите од фибер варираат во однос на возраста и најдобро е тие да се задоволуваат од полнозрнастата храна.

Дополнително, растителните влакна се храна за корисната цревна микрофлора, од чиј баланс зависи и целокупното здравје.

Растителните влакна помагаат и при еден од најчестите проблеми со дигестивното здравје- констипацијата или запекот. Едно истражување покажува дека со зголемувањето на внесот на фибер во организмот, опаѓаат шансите за развивање на колоректален канцер. Цревната перистатика е исто така подобрена.

Храна богата со пектин

Пектинските материи се пронајдени во речиси сите овошја и зеленчуци во одреден процент, бидејќи пектинот е структурна компонента на клеточните ѕидови на растителната клетка. Најбогатиот извор на пектин, како што веќе споменавме се лушпите од цитрусните овошки, како портокалите, лимоните, цитроните итн.

Количеството на пектин во свежата храна највеќе зависи од степенот на нејзината зрелост. Овошјата кои штотуку созреале, имаат најголема концентрација од овој тип на  растителни влакна, а како што плодот понатаму зрее, така пектинската концентрација постепено опаѓа.

Друга богата храна со пектински материи: јаболки, праски, банани, кајсии, јагоди и друго бобесто овошје, боранија, моркови, грашок, домати, компири итн. Морковите и портокалите содржат највисоки концентрации пектински материи.

Пектинот е многу чест адитив во некои типови на процесирана храна, но најдобро е да се внесува преку природната исхрана. Процесираната пектинска храна содржи и огромни количества додадени шеќери (мармалад, џем). На прехранбените производи, пектинот можете да го сретнете наведен како Е440. Како додаден се користи во различни десерти, слатки, како стабилизатор во овошни сокови и млечни пијалаци, но и како ,,носач” во некои медикаменти (лекови).

Разлики помеѓу пектинот и желатинот


Пектинот е природен, растителен адитив (згуснувач), додека желатинот ја има истата функција, но е од животинско потекло. Желатинот е составен генерално од колаген (протеински изолат) од животинските коски и рскавици. Пектинот може да се користи како замена за желатинот, доколку избегнувате животински продукти, но желатинот има поширока примена во прехранбената индустрија поради неговите подобри својства. Затоа, желатинот е чест дел од составот на повеќе процесирани производи – кисело млеко, сладоледи, разни колачиња, вискозни чорби, желе бомбони, гумени бомбони итн.

Во јавноста постојат шпекулации дека користењето на желатинот како еден вид суплемент, може да придонесе за слабеење, поздрави коски и зголбови, за побрзо заздравување на спортските повреди итн. Сепак, до денес ваквите тврдења немаат соодветна научна поткрепа.

Нешто слично важи и за суплементирањето со пектин. Сепак, внесувањето пектин од храната богата со него, како и општо, зголемувањето на растителните влакна во нашата исхрана, може да има цела палета на позитивни влијание врз нашето здравје.

Како краток заклучок можеме да изведеме – пектинот е причина плус на трпезите почесто да имате свежа храна.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор