fbpx

Печен грашок со домати и пиперки

tonus

Грашокот има тенденција да биде здодевен гарнир во западната кујна, но во медитеранската исхрана, важи за еден навистина вкусен и нутритивен зеленчук кој често се конзумира и како главно јадење. За жал, навиките за јадење грашок, како ,,главно јадење” и кај нас во Македонија се речиси загубени.

Извонреден нутритивен извор, еден од најдобрите извори на протеини во растителниот свет!

 

Грашокот е извонредна, нискокалорична мешунка, која изобилува со протеини, растителни влакна, витамини и минерали, пред сè: манган, железо, фосфор, калиум, витамин К, витамин А, фолна киселина (витамин Б9), останати витамини од Б групата итн.

[Поврзано: Растителни протеини – Дали се доволно, колку и кои се најдобрите извори?]

"“Online”/

Ваквиот состав и специфичните нутритивни карактеристики, му овозможуваат на грашокот својства што поттикнуваат бројни корисни дејства за нашето здравје. Ќе наведеме само неколку:

  • Антиинфламаторно дејство
  • Поуспешен процес на слабеење
  • Подобро кардиоваскуларно здравје
  • Поуспешно регулирање на глукозата во крвта
  • Подобро дигестивно здравје
  • Силен потенцијален антиканцероген ефект

[Поврзано: Богат со растителни протеини, одличен за слабеење – ГРАШОК]


Печен грашок со домати и пиперки

Значи, грашокот треба што е можно почесто да се наоѓа на нашата трпеза како главно јадење, но и како додаток. Затоа, во продолжение еден интересен рецепт со печен грашок, домати и пиперки.

Во ова специфично јадење, покрај оние од грашокот, ќе ги искористите и дополнителни хранливи материи и антиоксиданти од маслиновото масло, доматите и пиперките.

[Поврзано: ПИПЕРКИТЕ имаат три пати повеќе витамин Ц од портокалите и штитат од канцер!]

За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:

  • 1 среден црвен кромид, ситно исецкан
  • 1 голема црвена бабура, исечена на прстени
  • Oколу 3 големи лажици маслиново масло
  • 2 ловорови листови
  • 2 кесички смрзнат грашок (околу 900g)
  • 450ml доматно пире
  • ¾ шоља сушени домати (по желба) *
  • ¼ шоља свеж копар или магдонос, ситно исецкан
  • 3 супени лажици презла (по желба) *
  • ½ кафена лажичка морска сол
  • ½ кафена лажичка бибер

Начин на подготовка:

  1. Загрејте ја рерната на температура од 180°C и премачкајте една поголема тава со малку маслиново масло.
  2. Во тенџере или тавче, загрејте лажица ладно цедено маслиново масло и пропржете ги кромидот и пиперката околу 5 минути. Тргнете го тавчето од оган и оставете го настрана.
  3. Во големо тенџере со зовриена вода, додадете двата ловорови листови и грашокот. Варете го сосема кратко, околу 2 минути. Тргнете го од оган и исцедете го.
  4. Во голем, длабок сад измешајте ги грашокот, кромидот и биберот, пирето од домати, копарот, солта и сушените домати (ако користите). Промешајте и истурете ја смесата во тавата. Додадете го и остатокот од маслиновото масло. Посипете со лебни трошки.
  5. Додадете околу ½ чаша топла вода во некој агол од тавата, за водата да се рашири низ целата тава.
  6. Додадете малку црн пипер одозгора и печете во рерна околу 30 минути додека не се згусне смесата.
  7. Извадете го и оставете го да се олади пред да служите.
  8. Послужете како што е или со фета сирење.

–        Овој рецепт прави 6 порции.

Нутритивна вредност:
(на 1 порција)

Калории: 210; Јаглехидрати: 30g од кои растителни влакна: 8,5g и шеќери: 11g; Протеини: 9,5g; Масти: 7,5g од кои заситени масти: 1g;  Витамин Б1: 0,5mg; Витамин Б6: 0,35mg; Витамин Б9: 120mcg; Витамин А: 4400 IU; Витамин K: 60 IU; Калиум: 500mg; Железо: 3.5mg;  Бакар: 0.3mg; Манган: 0.6mg;

Дополнително, оброкот содржи и сосема солидни количества  на: цинк, фосфор, калциум, магнезиум, фосфор, витамин Е, витамин Ц итн. Протеините се составени од солидни количества на сите 9 есенцијални аминокиселини.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор