fbpx

Покачен ХОЛЕСТЕРОЛ И ШЕЌЕР – сериозен ризик фактор за појава на АЛЦХАЈМЕРОВА БОЛЕСТ!

tonus

Кога помислуваме на нашето здравје, најчесто прво помислуваме на физичкото, општо здравје. Тука често ги спомнуваме: покачениот холестерол, покачените триглицериди, хипертензија, дијабетот и сл. Но, не доволно се зборува за ефектот и поврзаноста помеѓу овие состојби и менталното здравје. Иако, навидум тие делуваат безопасно, сепак одредени студии покажуваат дека овие состојби може да го загрозат и влошат менталното здравје. Токму поради тоа, во оваа денешна статија ќе зборуваме малку повеќе за едно истражување кое покажува дека ризикот за деменција кај повозрасната популација, се поврзува со покачените нивоа на шеќер и холестерол за време на младоста.

Што претставува деменцијата?

Деменцијата претставува термин со кој се опишуваат група на симптоми поврзани со помнењето, размислувањето и социјалните интеракции и способности. Најчесто деменцијата како термин се асоцира со влошена меморија. Алцхајмеровата болест се смета за најчеста форма на напредна деменција и најчесто се јавува кај постарата популација. Како најчести ризик фактори за појава на деменција се сметаат: возраста, животните навики, фамилијарната историја/генетика и присуството на Даунов синдром (кај лицата со Даунов синдром, Алцхајмеровата болест се јавува доста порано и многу почесто).

Деменцијата не е задолжителен дел од стареењето и нажалост таа се смета за седма најчеста причина за смрт кај популацијата. Се одликува со три фази – рана, средна и доцна фаза, секоја со свои симптоми – од заборавање и отежната комуникација, до значителни промени во однесувањето и речиси целосна зависност од грижата на друго лице.

"“Online”/

Според одредени истражувања – дијабетот, прекумерната телесна тежина и срцевите заболувања се исто така здравствени состојби кои можат да го зголемат ризикот за деменција. Нажалост, застапеноста на овие здравствени состојби е исто така во постојан раст. Секако и исхраната игра исклучително важна улога во појавата и на овие состојби. Па така, таа всушност е индиректно поврзана на овој начин со деменцијата.

Како е поврзана деменцијата со животните навики?

Како што споменавме, начинот на кој живееме може директно да го зголеми ризикот за деменција. Преку една голема анализа на повеќе одделни студии, се проценува дека до 2050 година, бројот на случаи со деменција речиси тројно ќе се зголеми. Научниците објаснуваат дека ова делумно се должи и на порастот на популацијата, но и на зголемената просечна возраст на живеење, односно поради продолжениот животен век на луѓето. Секако, не се исклучуваат и случаите кои се јавуваат поради секојдневните навики. Се проценува дека над 7 милиони случаи на деменција се поврзани токму со начинот на живот. Други студии пак, проценуваат дека дури 40% од случаите на деменција се должат на овој фактор. Под начин на живот подразбираме секаков дополнителен ризик фактор за појава на деменција –  хипертензија, обезност, депресија, дијабет, физичка неактивност, социјална изолација, пушење и сл. Се смета дека обезноста, хипертензијата и дијабетот го зголемуваат ризикот за деменција преку нивното влијание на хормонот инсулин, како и преку зголемување на инфламацијата во телото – механизми кои се верува дека влијаат и врз појавата на деменција.

Истражување – како дијабетот, холестеролот и хипертензијата го зголемуваат ризикот за деменција, односно Алцхајмерова болест?

За целта на истражувањето биле анализирани речиси 5.000 испитаници, со просечна возраст од 37 години при започнувањето на студијата. Тие имале 9 прегледи, на секои 4 години, односно до нивна 70-годишна возраст. При секој преглед биле мерени:

  • Нивоата на „добриот“ HDL холестерол, како и на „лошиот“ LDL холестерол
  • Нивото на шеќер во крвта
  • BMI (body mass index) – општа мерка преку која се добива слика за евентуално отстапување од оптималната, здрава телесна тежина
  • Крвниот притисок
  • Број на цигари кои испитаниците ги пушат дневно

Паралелно со овие испитувања, на испитаниците им биле анализирани и когнитивните функции, преку кои се следело здравјето на мозокот.

Што покажале резултатите?

Научниците откриле дека постои сериозна поврзаност меѓу ризикот за Алцхајмерова болест и намалените нивоа на HDL холестерол, покачениот притисок, пушењето, покачено ниво на шеќер и триглицериди.

Се смета дека особено HDL холестеролот има позитивно влијание врз здравјето на мозокот, па така доколку неговите нивоа се под оптималните – ризикот за нарушено когнитивно здравје е зголемен. Дополнително, научниците објаснуваат дека прекумерните количини на шеќер, може да делуваат штетно и да го зголемат воспалението во мозокот. Кога шеќерот е покачен подолг период, тоа може да предизвика невроинфламација која сериозно го зголемува ризикот за Алцхајмерова болест.

Резултатите покажуваат дека навремена, рана интервенција и превентивно делување во поглед на овие здравствени параметри, може да го зачува здравјето на мозокот. Особено важно е да се напомене дека младите лица не се имуни, напротив, тие треба навремено да делуваат, со цел ризикот да биде минимизиран во годините кои претстојат.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор