fbpx

ПОЛНОЗРНЕСТИ ЖИТАРКИ – намирница која го намалува ГЛИКЕМИСКИОТ ИНДЕКС на храната!

tonus

Дијабетот е нажалост еден од главните здравствени проблеми на денешницата и истиот е сè почесто застапен кај голем дел од популацијата. Иако се верува дека најчесто страдаат повозрасните лица, статистиките покажуваат дека дијабетот често се јавува и кај помладите луѓе. Постојат голем број препораки и начини на кои може да се помогне на лицата со дијабет, а меѓу првите и најважни се секако исхраната и телесната тежина. Во тој поглед постојат повеќе конкретни примери кои може да бидат од корист – внимавање на целокупната исхрана, внимавање на внесот на калории, консумирање на храна со низок гликемиски индекс и сл. Токму денес, ќе зборуваме малку повеќе за гликемискиот индекс на храната, односно за изненадувачкиот позитивен ефект кој може да го имаат полнозрнестите житарки.

Што претставува дијабетот и зошто исхраната е исклучително важна?

Дијабетот претставува состојба кога телото неправилно ја искористува и се справува со глукозата која е присутна во крвта. Ова најчесто е поради недоволно количество или поради не ефективност на хормонот – инсулин. Тој е одговорен за правилно регулирање и искористување на глукозата од крвта. Со негова помош таа успешно навлегува во клетките каде се искористува како извор на енергија.

Постојат повеќе типови на дијабет – тип 1, тип 2, преддијабетна состојба, како и гестационален дијабет. Ризик факторите се бројни, но најчестите се: генетски, прекумерна телесна тежина, возраста, слаба физичка активност, останати здравствени состојби (хипертензија, покачен холестерол, покачени триглицериди), бременост и сл.

"“Online”/

Покрај лекарствата кои може да помогнат при третирање на било кој тип на дијабетна состојба, промени во животните навики исто така може да имаат исклучително позитивен ефект. Регулирање на телесната тежина, поредовна физичка активност, добра хигиена на спиење, избегнување и контролирање на стресот и секако здрава исхрана се дел од најчестите препораки за подобро справување, па дури и превенција на дијабетот.

Доколку дијабетот веќе се јавил, посветување внимание на исхраната е еден од првите чекори кои го превземаат луѓето. Во тој поглед исхраната може да делува директно – преку соодветен  внес на намирници кои нема да доведат до нагло покачување на шеќерот во крвта и индиректно – преку регулирање на телесната тежина, намалување на инфламацијата во организмот, подобрување на инсулинската сензитивност и сл.

Зошто се важни полнозрнестите житарки?

Полнозрнестите житарки и брашната кои се добиваат од нив се застапени во сите здравствени препораки. Тие треба да бидат темел на нашата исхрана, да се консумираат редовно и трајно да ги заменат рафинираните брашна и производите кои се добиваат од нив. Под зборот полнозрнести подразбираме дека житарката ги содржи сите нејзини составни делови и воопшто не е подложена на деструктивниот процес на рафинација. На овој начин целосно се задржува нејзината нутритивност и се добива продукт (брашно) кој е особено корисен и здрав. Освен како брашна, полнозрнестите житарки може необработени да се користат и во нашата секојдневна исхрана. Овесот, просото, хељдата, пченицата, ‘ржот – може редовно да се користат за подготовка на разни рецепти, а покрај тоа тие се одлична идеја за подготовка на брз и нутритивен појадок.

Токму составот на полнозрнестите житарки (првенствено нивната богата содржина со растителни влакна) ги прави особено погодни и корисни за лицата со дијабет.

На кој начин полнозрнестите житарки делуваат врз гликемискиот индекс на храната?

Полнозрнестите житарки, за разлика од рафинираните, се извор на комплексни јаглехидрати. Во ваква форма, јаглехидратите подлежат на побавна и поконтинуирана дигестија и на тој начин се избегнуваат и спречуваат оние нагли покачувања или т.н „пикови“ на покачување на шеќерот во крвта. Исто така, високата содржина на растителни влакна во полнозрнестите житарки има дополнителен бенефит во овој поглед. Имено, растителните влакна се тип на јаглехидрати кои не подлежат на целосна разградба во нашето тело. На тој начин, тие ја успоруваат апсорбцијата на глукоза во крвта и всушност го намалуваат гликемискиот индекс на храната, односно оброкот.

Дополнително, самите житарки имаат низок до умерен гликемиски индекс, правејќи ги соодветни за лицата со дијабет. Поради тоа, оброците кои ги содржат, нудат подолг и континуиран извор на глукоза и енергија во споредба со храна која содржи прости, рафинирани шеќери. Дополнително, ваквиот континуиран доток на енергија значи и полесна и подобра регулација на телесната тежина, а со тоа и полесно и поуспешно справување со дијабетот.

Значи, колку помал е степенот на рафинација кај житарките и колку повеќе влакна содржат – толку ќе делуваат подобро врз шеќерот во крвта. Во тој поглед, можеме да издвоиме неколку житарки со најдобар состав – хељда, овес, ‘рж, киноа, јачмен и др. Ова се сите житарки кои се извор на комплексни јаглехидрати, растителни влакна, минерали и витамини, а дел од нив имаат и одлични количества на протеини.

Истите може да се користат како главна состојка во рецептите за појадок, па дури и вечера, а може да се користат и како прилог (особено просото, киноата, хељдата) во голем број рецепти за ручек или салата.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор