fbpx

Природни решенија за непријатниот здив

tonus

Непријатниот здив е чест проблем за многумина. Некои се убедени дека имаат лош здив иако имаат сосема неутрален, додека други навистина имаат многу непријатен здив, а воопшто не се свесни за тоа. Значи, може да биде доста тешко самите да определиме дали имаме нерпијатен здив.

Ако се сомневате дека го имате проблемот, најдобро е да прашате некој близок за мислење. Секако, не по обемен ручек со туна и кромид, туку најмалку неколку часа по било каков оброк.

Ако веќе знаете дека го имате проблемот, не грижете се, постојат многу начини со кои можете самите да си помогнете. Во продолжение, нешто повеќе околу нив, но и за потеклото и превенцијата од непријатниот здив.

"“Online”/

Можни причини за лош здив


Најчесто лошиот здив потекнува од активностите на некои присутни бактерии во усната празнина. Кога јадете, мали парченца од храната остануваат помеѓу забите. Бактериите кои можат да живеат во устата ги искористуваат овие микро-парченца храна и растат на нив.
Некои од штетните бактерии во устата ослободуваат сулфурни компоненти кои потоа се одговорни за лошиот здив.

Најчестата причина за непријатен здив е лошата дентална хигиена. Ако редовно не ги миете забите, бактериите сé повеќе растат и создаваат тенки филмови на забите кои можат да преминат во забен камен. При лошата хигиена на забите, можен е и уште еден проблем кој води до лош здив – кариесот.

Секоја храна може да остане помеѓу забите, но продуктите како лук и кромид најчесто водат до непријатен здив. Зошто? При дигестирањето на оваа храна се ослободуваат сулфурни компоненти во крвотокот. Кога крвта ќе стигне до белите дробови, се случува размената на гасови, па при издишувањето се појавува лошиот мирис.

Иако над 90% од случаите со лош здив се причинети од проблеми во устата, некогаш проблемот може да потекнува од друг дел од телото. На приемер, проблемот може да е причинет од киселинскиот рефлукс, односно ,,враќање” на дел од киселините и необработената храна во усната празнина.

Причините можат да бидат и некои диети, како кето диетата, потоа пушењето цигари, одредени медикаменти, гингвитис, инфекции на носот и устата, сува уста и некои поретки состојби.

Како можете самите да си помогнете?

Најдобриот начин за превенција и справување со непријатниот здив е практикувањето на она што се подразбира под добра хигиена на забите, но и целата усна празнина. Здравата исхрана, односно избегнувањето на процесираните продукти со додадени шеќери (најдобрата храна за штетните бактерии), јадењето свежа храна, како и оставањето на цигарите се исто така многу важни фактори во превенцијата. Всушност, на овие начини се превенира растот на штетните бактерии во усната празнина, кои водат до забен камен и кариес, па така и кон лош здив.

Добрата орална хигиена подразбира миење на забите со флуорна паста за заби, најмалку 2 пати дневно (наутро и навечер), најмалку 2 минути и употреба на конец за заби, најмалку еднаш дневно. Користењето на средства за усна дезинфекција исто така е опција.
Бактериите можат да се акумулираат и на површината на јазикот, предизвикувајќи непријатен мирис. Затоа, соодветното чистење и на јазикот (со четкичката) може да биде исто така значајно.

Одредена храна и пијалаци можат многу да помогнат во борбата со непријатниот здив, на пример:

Магдaнос

Магдоносот е популарна билка за третирање на проблемите со лошиот здив во традиционалната медицина. Неговиот свеж мирис и хлорофлината содржина можат да делуваат ,,неутрализирачки’’ на лошите мириси.

Студиите покажуваат дека магдоносот може ефективно да се справи со непријатните сулфурни компоненти кои претходно ги споменавме како главни виновници за лошиот здив.

Вода

Имајќи предвид дека сувата уста може да предизвика лош здив, јасно е дека соодветното хидрирање е значајно и од овој аспект. Доволното создавање на плунката, компонента со силен антибактериски ефект, е од исклучителна важноста за добрата хигиена на усната празнина.

Сигурно сте забележале дека здивот е најнепријатен наутро, бидејќи при спиењето устата се суши. Затоа пијте доволно вода, особено во летниот период.

Јогурт

Јогуртот содржи пробиотски бактерии од родот Lactobacillus. Овие здрави бактерии можат значително да помогнат во борбата против лошите бактерии во различни делови од телото, како дигестивниот тракт, на пример.

Студиите покажуваат дека тие можат да делуваат и во усната празнина, спречувајќи го лошиот здив. Една студија укажува дека пиењето јогурт во текот на шест недели, придонело за намалување на симптомите на лош здив кај дури 80% од испитаниците со овој проблем.

Употребувајте пробиотски јогурти, со ниска масленост.


Цитрусни овошки

Портокалите, но и останатите цитрусни овошки не само што се здрав десерт, тие овозможуваат и добра дентална хигиена.

Како што споменавме, многумина имаат проблем со лошиот здив поради тоа што не продуцираат доволно плунка. Истражувањата покажуваат дека витаминот Ц го помага зголемувањето на лачењето плунка. Дополнително, цитрусните овошки се богати и со вода, што е исто така важно за создавањето на антибактериската плунка.


Зелен чај


Студиите покажуваат дека зелениот чај има дезинфекциски својства кои можат привремено да го освежат здивот. Нането има сличен ефект, па шоља чај од нане или зелен чај може да биде од значителна помош при лошиот здив.

Јаболки


Една студија утврдува дека свежите јаболки имаат неутрализирачки ефект во однос на непријатниот здив предизвикан од лукот. Според истражувачите, ваквото својство се должи на одредени фитохемикалии на јаболкото.

Сода бикарбона


Содата е добро познат домашен лек за проблеми со киселините, но според студиите, таа ефективно може да ги убие и штетните бактерии во устата. Содата се содржи и во многу типови на паста за заби.

За оваа намена, растворете две лажички сода во 1 чаша млака вода. Со добиениот раствор промијте ја устата најмалку 30 секунди и потоа плукнете.

Оцет


Оцетот содржи природна киселина наречена оцетна киселина. Патогените бактерии не можат да растат во киселите средини кои ги креира оваа киселина. Така, растворената оцетна киселина може да биде од помош во спречувањето на штетните орални бактерии кои го предизвикуваат лошиот здив.

За оваа намена, растворете две лажички алкохолен или јаболков оцет во 1 чашка вода. Со добиениот раствор промијте ја устата најмалку 30 секунди и потоа плукнете.

Сок од ананас и каранфилче

Многумина веруваат дека пиењето сок од ананас и џвакањето на каранфилче се доста ефективни и брзи начини за третман на лошиот здив. Иако за ова нема посебна научна поткрепа, искуствено луѓето увиделе дека и ова може да биде од помош. Ефектот бил увиден ако сокот/каранфилчето се употребува веднаш по оброците.

Цинк


Солите на овој метал кои се компоненти во одредени средства за орална хигиена и специјални гуми за џвакање делуваат на неутрализација на лошиот мирис од устата.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор