fbpx

Секој намален килограм е важен и се брои! Зошто?

tonus

Губењето телесна тежина не е лесен процес, тука нема дилема. Дополнително, најчесто луѓето уште повеќе го отежнуваат кога си поставуваат превисоки очекувања и сакаат да видат пребрзи резултати. Поради овие причини, доста веројатно е откажувањето, пропратено со забелешката: ,, Се обидов сè, но не можам да ослабам/слабеам, но секогаш си ги враќам килограмите назад”.

Постојат повеќе фактори од кои зависи успешноста на процесот слабеење, а за основа се смета МОТИВОТ. Токму овој фактор најчесто се покажува како клучен во истрајувањето. Дали сакате да ослабете заради здравјето? Заради љубовта кон партнерот, пријателите, семејството? Или пак заради сè од наведеното?

Во една од претходните статии зборувавме околу најважните принципи на слабеењето, а денес ќе се обидеме преку неколку доста интересни научно-поткрепени факти да ве мотивираме да останете посветени на намерите за губење килограми, намери кои ќе ви донесат подобро здравје и квалитет на живот. Фактите се однесуваат на тоа дека и малото губење на телесната тежина, значи и има силна ВРЕДНОСТ.

"“Online”/

[Поврзано: Диетите не се решение, диетите се ПРОБЛЕМ!]

Секој намален килограм е важен!


Намалувањето на телесната тежина во просек за 13%, го намалува ризикот од развој на дијабет тип 2 кај гојазните лица за неверојатни 40%, но значително го намалува и ризикот од другите потенцијални компликации поврзани со обезноста.

Дополнително, умереното намалување на килограмите се поврзува и со намален ризик од други многу чести и проблематични нарушувања, како: хипертенизија или висок крвен притисок (за 18-25%), нарушен липиден профил/масти во крвта (за 20-22%) и спиечка апнеа за (22-27%).

Ова се вели во едно неодамна спроведено истражување од дански научници, со податоци од Велика Британија. Истражувачите заклучуваат дека ваквите резултати треба да ги охрабрат луѓето и да им укажат дека губењето макар и на само неколку килограми ПРАВИ РАЗЛИКА.


Студијата има висока релевантност

Студијата анализирала обемни податоци за над половина милион луѓе кои своеволно и самоиницијативно ја намалиле својата телесна тежина за 10-25%, на ,,природен” начин, односно со промена во исхраната и редовна физичка активност. Без никакви медицински интервенции. Волонтерите биле следени 8 години, со цел проценување на ефектите од намалувањето на тежината и споредба на нивната здравствена состојба пред и по намалувањето на килограмите.

Просечната возраст на волонтерите била 54 години. 50% од нив имале хипертензија, 40% нарушен липиден профил (масти и холестерол), 20% дијабет тип 2, а нешто помалку од 10% спиечна апнеа, остеопороза и историја на кардиоваскуларни заболувања. Имале BMI помеѓу 25 и 50, што значи биле со прекумерна телесна тежина или обезност.

Утврдени биле низа импресивни позитивни ефекти кога телесната тежина била намалена во просек за 13%. Во утврдувањето на овие позитивни ефекти, односно намалениот ризик од повеќе нарушувања и компликации на обезноста, во предвид биле земени и сите останати можни фактори кои влијаат на заболувањата – возраста, полот, употребата на цигари и опијати, придружните заболувања итн.

[Поврзано: BMI (индекс на телесна маса) – предности и маани]

Дијабет тип 2 и спиечка апнеа

Кај сите волонтери проценуван бил ризикот од доста заболувања (пред и по губењето на килограмите) поврзани со обезноста и утврден бил намален ризик кај повеќето заболувања, но најмногу бил намален ризикот од дијабет тип 2 и спиечка апнеа.

Покај намалувањето на ризикот, губењето на килограмите се покажало како клучно и за подобрувањето на состојбата кај оние кои веќе имаат воспоставено некаква дијагноза поврзана или која произлегува од зголемената телесна тежина.

Голем дел од компликациите од гојазноста се решаваат со губењето на килограмите, но не со иста брзина.

На пример, кај дијабет тип 2, слабеењето дава подобрување кое е видливо и за само неколку недели или месеци, особено ако дијагнозата не е воспоставена одамна.

За разлика од тоа, кај спиечката апнеа потребно е повеќе време, а дополнително потребно е губење повеќе килограми. Кај остеоартритисот, тешко е да се видат големи подобрувања, бидејќи штетите кој веќе биле создадени не можат да се ,,поправат”.

Краток заклучок


Податоците од ова истражување укажуваат на импресивните ефекти од губењето околу 10% од телесната тежина. Според ова, лесно можеме да заклучиме дека губењето и на нешто помалку телесна тежина (пример 3-5%), исто така би имало одреден позитивен здравствен ефект, макар тоа било и минимален.

Затоа, овие информации треба навистина да ги охрабрат обезните луѓе да ослабат макар и само неколку килограми, бидејќи секој килограми прави разлика.

Повеќе околу основните принципи на правилното слабеење, прочитајте тука.

 

 

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор