fbpx

Се мешаат ли протеини и јаглехидрати?

tonus

Веројатно повеќето од нас го слушнале она: немој да мешаш јаглехидрати и протеини, немој да мешаш животинска храна или јади овошки само на празен стомак…

Јадењето со строго внимание како ќе бидат искомбинирани одредени типови на храна е философија на исхрана со корени од далечното минато, на пример во Ајурведа медицината. Во 1990-тите години, овие принципи биле популаризирани од т.н. Хејева диета. Во последно време, ваквиот тип на јадење повторно се популаризира по социјалните мрежи.

Промоторите на ,,комбинирачките диети’’ веруваат дека неправилните комбинации на храна можат да водат до дигестивен стрес, зголемено ниво на токсини, па и до некои поопасни заболувања. Спротивно, со ,,правилните” комбинации на храна, можат да се надминат овие проблеми и да се промовира здрав живот.

"“Online”/

Но, дали сето ова има било поткрепа во науката?

Што подразбира ваквиот начин на исхранување?

Суштината е дека комбинирањето на одредени прехранбени продукти оди добро, додека некои комбинации се сосема погрешни и лоши.

На пример, верувањето дека јадењето на стек со компири може да има негативни последици по дигестијата и здравјето.

Генерално, диетите базирани на овие принципи ја делат храната на неутрална, кисела и алкална и потоа даваат совети како да се комбинираат овие храни.

Правилата на ,,комбинирачките диети” се разликуваат во зависност од кој извор доаѓаат, но сепак најчестите правила се следни:

• овошјето секогаш се јаде на празен стомак
• никогаш не комбинирајте скробна и протеинска храна
• никогаш не комбинирајте скробна и ,,кисела храна”
• никогаш не комбинирајте две или повеќе високопротеински храни
• млекото и млечните производи секогаш консумирајте ги на празен стомак

Постојат и други правила како на пример, не мешајте високо протеинска со масна храна, секогаш јадете ги овошките и зеленчукот раздвоено итн..

Трите главни постулати на ,,комбинирачките-диети”

1) Затоа што различната храна се вари со различни брзини, комбинирањето на брзо-дигестибилна храна со споро-дигестибилна, може да предизвика застои и нарушувања во дигестивниот тракт. Ова може да води до негативни последици по дигестивното и општо, по целокупното здравје.

2) Различната храна при варењето има потреба и од различни ензими за нејзино разградување. Овие еними работат на различна pH вредност. Идејата е: ако две различни храни имаат различна pH, тогаш ензимите нема да можат правилно да си ја вршат функцијата. На овој начин би можело да се создадат и штетни, токсични материи.

3) Неправилното комбинирање на храните предизвикува ферментација и трулење на храната во стомакот

А што вели НАУКАТА?

Терминот ,,мешан оброк”, кој е често употребуван од промоторите на комбинирачките диети, реферира на оброци кои ги содржат во поголем процент од двата или сите три макронутриенти: јаглехидрати, протеини и масти.

Според нив, телото не е соодветно ,,опремено” за да дигестира вакви мешани оброци. Сепак, ова е целосно погрешно тврдење. Имајќи предвид дека постулатите на ваквата исхрана се поставени пред речиси еден век, кога познавањата околу дигестијата и нутрицијата биле незавидни, сосем е логично тие да се погрешни.

Значи целосно спротивното е точно, односно човекот еволуирал исхранувајќи се со полнозрнеста, житна храна која скоро секогаш содржи комбинација од повисок процент на сите макронутриенти.

На пример, зеленчукот и житарките иако се сметаат за високо-јаглехидратна храна, сепак содржат одреден процент на протеини, некои од нив дури и 20%, но и на маснотии до неколку проценти. Од друга страна пак, месото на пример, содржи висок процент на протеини, но исто така неретко и на маснотии.

Оттука, поголемиот дел од храната е комбинација од повеќе макро, па и микронутриенти, што логично имплицира дека телото е спремно за најразлични вакви ,,комбинации” и не треба ние да внимаваме на тоа, особено не строго.

Кога храната ќе навлезе во желудникот, неговите киселини се ослободуваат. Ензимите пепсин и липазите се исто така излачени, што е неопходно за разградба на протеините и маснотиите. Фактите велат дека овие два ензима се излачени дури и ако во внесената храна нема протеини и маснотии. Од таму, храната оди во тенкото црево. Во тенкото црево желудочната киселина се неутрализира со бикарбонатите и интестиналните ензими се излачуваат за да ги разградат преостанатите маснотии, протеини и јаглехидратите.

Значи, човекот е специјализиран за разградување на сите типови на храна, во било која комбинација.

Околу вториот постулат, pH и работата на ензимите

Идејата е: ако две различни храни имаат различна pH, тогаш ензимите нема да можат правилно да си ја вршат функцијата. На овој начин би можело да се создадат и штетни, токсични материи.

Вистина е дека ензимите имаат потреба од специфичен опсег на pH вредност за да функционираат правилно и дека сите дигестивни ензими немаат ист оптимална pH.

Како и да е, јадењето храна што е алкална или кисела не го менува значително опсегот на pH во дигестивниот систем. Телото поседува механизми на одржување на постојана pH во различни делови од дигестивниот тракт. На пример, pH во стомакот е во интервал од 1 до 2,5, но по внесената храна таа може да порасне и до 5! Потоа, со лачењето на дополнителни желудочни киселини, повторно се враќа нормалната pH за тој дел од телото.

Зошто е важно во желудникот да имаме ниска pH? Заради полесното дигестирање на протеините со ензимите и за уништување на патогените бактерии.

Од друга страна, тенкото црево, не може да издржи толку ниска pH. За таа цел, се излачуваат бикарбонати кои се природни пуфери, односно регулатори на pH вредноста. Бикарбонатите се алкални, па ја неутрализираат киселата pH која доаѓа од желудникот. Ова е важно пак, за правилната функција на интестиналните, или ензимите на тенкото црево.

Значи, со начините на регулација на pH кои ги објаснивме, телото обезбедува оптимална функција на сите ензими потребни за разградба на најразличната храна, без разлика во која комбинација е внесена таа.

Ако внесете покисела или поалкална храна, телото само ќе додаде повеќе или помалку дигестивни сокови за да ја достигне оптималната pH, во одреден дел од дигестивниот систем.

Ферментирање на храната во стомакот

Последното најчесто тврдење на оние кои промовираат ,,комбинирачки диети” е дека јадењето на брзо и споро-дигестибилни продукти заедно, доведува до процеси на трулење и ферментација во стомакот.

Ова едноставно не се случува во телото. Ферментацијата е всушност разградување на хранливите материи, во случајов, во стомакот. Но, како што веќе беше кажано, желудочните киселини практично ја стерилизираат, односно ја ослободуваат храната од штетните микоорганизми.

Сепак, постои одредено место од дигестивниот тракт каде всушност и се одвива овој процес: тоа е дебелото црево. Tука живеат трилиони бактерии, со корисно дејство за нас, односно тие живеат во симбиоза со човекот.

Значи, работата на овие бактерии која ја вршат всушност е корисна, а не штетна за нашето здравје. Овие бактерии ги ферментираат сите недигестибилни јаглехидрати, како растителните влакна на пример. Крајните продукти на овие процеси најчесто се гасови и кратко-верижни масни киселини. Ваквите масни киселини, според повеќето истражувања се покажале позитивни здравствени ефекти како: намалено хронично воспаление, намалување на глукозата во крвта и намален ризик за канцер на дебелото црево.

Затоа, гасовите кои се појавуваат некој час по јадењето, не секогаш се штетни. Некогаш тоа значи и дека нашите корисни бактерии се добро нахранети.

Сепак постојат и комбинации на продукти кои навистина може да влијаат на апсорпцијата на некои компоненти од храната

Сепак, понекогаш постои и ,,правилното комбинирање”

1) Цитрусно овошје и железо – постојат два типа на минералот железо кој се достапни за организмот и тоа: хем, од животниско потело и нехем од растително потекло.

Железото од животинско потекло се апсробира многу добро, но она од растително потекло се апсробира само од 1 до 10%. На среќа, постои можност да се подобри апсропцијата кај растителното железо. Додавањето на храна богата со витамин С, може да ги направи железото присутно во растителните продукти подостапно.

Тоа го прави преку 2 механизми: Прво го прави биохемиски подостапно железото за апсорпција и второ, ја намалува можноста на фитичната и другите антинутриенти да се врзуваат со железото и да го прават недостапно.

2) Моркови и масна храна – имајќи предвид дека витаминот А и другите каротеноиди со кој е богат морковот се масно-растворливи витамини, логично е да се помисли дека полесно би се апсорбирал доколку е внесен во комбинација со масна храна. Ова го покажуваат и научните студии.

3) Спанаќ и млечни производи – спанаќот содржи солидни концентрации на калциум и железо, но и на антинутриенти како оксалатите кои ги прават овие минерали недостапни.

Млечните продукти во комбинација со храна богата со минерали, може да го намали дејството на оксалатите и да ги направи овие минерали подостапни. Сепак, доколку немате недостаток од нив, ова може да напрви и проблем, на пример камчиња во бубрезите.

Друга храна богата со оксалати: јатки, темна чоколада, чај, коренаста храна, јагоди и други.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор