fbpx

СЛАБЕЕЊЕ – еден од најефикасните начини за справување со ДИЈАБЕТ ТИП 2!

tonus

Достапноста на храната во историјата на човештвото била генерално мала и ограничена. Секако, со појавата на индустријализацијата и нејзиниот развој тоа засекогаш ќе се промени. Големата достапност на храна која ја имаме денес подразбира дека ние треба да го промениме пристапот и размислувањето кон нашите навики за јадење. Денес е можно без никаков проблем и без големи финансиски вложувања, човек да внесе и 2-3 пати повеќе од неговите дневни потреби за калории.

Поради ваквата достапност, но и поради сè поприсутната процесирана храна (богата со калории, а сиромашна со нутриенти) – се јавуваат низа на здравствени проблеми на глобално ниво. Имено, обезноста и дијабетот се едни од најчестите здравствени проблеми на денешницата, а нажалост и двете се во постојан раст.

Во тој поглед, во денешната статија ќе зборуваме малку повеќе за позитивниот ефект кој го има слабеењето врз дијабетот тип 2.

"“Online”/

Што претставува дијабетот?

Дијабетот претставува состојба кога телото неправилно ја искористува и се справува со глукозата која е присутна во крвта. Ова најчесто е поради недоволно количество или поради не ефективност на хормонот – инсулин. Тој е одговорен за правилно регулирање и искористување на глукозата од крвта. Со негова помош таа успешно навлегува во клетките каде се искористува како извор на енергија.

Постојат повеќе типови на дијабет – тип 1, тип 2, преддијабетна состојба, како и гестационален дијабет. Ризик факторите се бројни, но најчестите се: генетски, прекумерна телесна тежина, возраста, слаба физичка активност, останати здравствени состојби (хипертензија, покачен холестерол, покачени триглицериди), бременост и сл.

Покрај лекарствата кои може да помогнат при третирање на било кој тип на дијабетна состојба, промени во животните навики исто така може да имаат исклучително позитивен ефект. Регулирање на телесната тежина, поредовна физичка активност, добра хигиена на спиење, избегнување и контролирање на стресот и секако здрава исхрана се дел од најчестите препораки за подобро справување, па дури и превенција на дијабетот.

Доколку дијабетот веќе се јавил, посветување внимание на исхраната е еден од првите чекори кои го превземаат луѓето. За намирниците и ужинките кои се пожелни и безбедни за дијабетичарите веќе имаме пишувано во претходни статии и за нив може да прочитате тука, додека намирниците кои треба да се избегнуваат може да ги најдете тука.

Која е врската меѓу телесната тежина и дијабетот тип 2?

Прекумерната телесна тежина е здравствена состојба која е проблематична и може да го зголеми ризикот за бројни заболувања. Имено, тука може да се вбројат кардиоваскуларните заболувања, дијабетот, мозочен удар и сл. Телесната тежина влијае на речиси секој аспект од животот и доколку е прекумерна, може значително да го намали неговиот квалитет.

Голем број студии го проучувале ефектот на телесната тежина врз дијабетот тип 2. Некои проценки велат дека дури 80-85% од вкупниот ризик за појава на дијабет се должи на прекумерната телесна тежина. Прекумерната тежина може да го наруши ефектот и синтезата на инсулин во телото. Во некои случаи, се создава значително количество инсулин, но тоа сепак не е доволно за да одговори на потребите на организмот. Тоа доведува до покачени нивоа на шеќер во крвта.

Ризикот дополнително се зголемува за лицата кои имаат значителни масни наслаги во пределот на абдоменот. Ваквите наслаги се смета дека имаат про-воспалително дејство со што го намалуваат дејството, односно сензитивноста на телото кон инсулинот. Ова доведува до намалена сензитивност на клетките во организмот кон инсулинот, односно нивниот одговор кон инсулинот е нарушен. Ваквата појава се нарекува инсулинска резистенција.

Зошто намалување на телесната тежина е пожелно и корисно за лицата со дијабет тип 2 ?

Прекумерната тежина е дефинирана како состојба кога телото има абнормални, односно прекумерни резерви и наслаги од масти. BMI (Body mass index) е еден начин на кој лесно може да се провери нашата моментална состојба во поглед на телесната тежина. Секако, поради својата едноставност, ваквиот метод е доста општ и не секогаш целосно прецизен и објективен. Регулирањето на телесната тежина дава низа на корисни ефекти врз нашето физичко, но и ментално здравје. Вишокот килограми, особено кога се складирани во пределот на стомакот како масни наслаги – може навистина да го влошат и загрозат здравјето. Тие исто така допринесуваат кон хронично зголемување на инфламацијата во организмот. Тие се исто така една од главните причини за појава на инсулинската резистентност. Во тој поглед, слабеењето првенствено има позитивен ефект врз хормонот инсулин, неговата функција, создавање и ефективноста.

Се смета дека намалување од само 5% на телесната тежина, допринесува за значително помал ризик за појава на компликации кај лицата со дијабет тип 2. Доколку намалувањето на телесната тежина е доволно значително, дијабетот тип 2 може да премине и во ремисија – односно да дојде до враќање во оптимална, здрава функција на инсулинот и одржување на шеќерот во крвта во препорачаните граници. На овој начин понекогаш може да дојде и до исклучување на терапијата во целост. Дополнително, слабеењето го олеснува и секојдневниот живот и извршувањето на обврските. Нашето спиење ќе се подобри, нивото на енергија ќе се зголеми, а ќе бидеме и во подобро расположение. Сето ова може да допринесе кон уште полесно губење на останатите вишок килограми, бидејќи и физичката активност и движењето дополнително ќе се олеснат.

Дополнително, слабеењето може да влијае позитивно врз дијабетот и преку:

  • Зголемување и подобрување на инсулинската сензитивност
  • Подобри резултати на мерењето на тромесечниот шеќер
  • Намалување на притисокот и нивото на холестерол во крвта (добро познати здравствени проблеми кои често одат рака под рака со дијабетот тип 2)
  • Намален ризик за кардиоваскуларни заболувања
  • Намален ризик за спиечка апнеа

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор