fbpx

Строганоф со печурки – здрава алтернатива на популарниот рецепт!

tonus

Оригиналниот рецепт за строганоф создава оброк кој се одликува со висок процент на заситени маснотии и калории. Ваквите јадења имаат висок вкусов интензитет, но изобилуваат со сол, маснотии и процесирани меса. Секако и за овие рецепти има варијанта која е многу поздрава и похранлива, па дури и повкусна. Затоа денес ви го предложуваме овој едноставен и брз рецепт за строганоф со печурки и јогурт.

 

За овој рецепт, потребни ќе ви бидат:

 

  • 1 супена лажица маслиново масло
  • 1 мал кромид, ситно исецкан
  • 2 чешниња лук, ситно исецкани
  • 500g шампињони, исечени на мали парчиња
  • 250ml јогурт или кефир
  • 1 кафена лажичка Dijon сенф
  • 1 кафена лажичка црвен пипер
  • ½ кафена лажичка морска сол и бибер
  • свеж магдонос, ситно исецкан
  • интегрален ориз, сварен во вода или во растителен бујон (за служење)

 

Начин на подготовка:

  1. Во големо, длабоко тавче загрејте го маслиновото масло и додадете ги кромидот и лукот. Со постојано мешање, гответе ги заедно додека не омекнат и станат проѕирни.
  2. Додадете ги печурките полека и гответе ги 5-10 минути со повремено мешање. Откако печурките ќе се смалат, омекнат и заруменат, додадете ги јогуртот, црвениот пипер и сенфот.
  3. Намалете ја топлината и гответе ги сите состојки заедно околу 5 минути. Повремено мешајте за да не се залепи на дното.
  4. *Во меѓувреме можете да го сварите интегралниот ориз според инструкциите на пакувањето.
  5. Тргнете го тавчето од оган, додадете сол и бибер, наросете го со свежиот магдонос и служете веднаш, заедно со топлиот ориз.

 

–        Овој рецепт прави 2 порции. Дуплирајте ги состојките доколку сакате да готвите за повеќе лица.

Нутритивна вредност:
(на 1 порција, БЕЗ ориз)

Калории: 233 Јаглехидрати: 24g од кои растителни влакна: 7g и шеќери: 13g;  Протеини: 10.5g; Масти: 12.4g од кои заситени масти: 3.7g; Витамин Б2: 0.8mg; Витамин Б5: 6mg; Бакар: 1.3mg; Фосфор: 360mg; Селен: 37µg

"“Online”/

Зошто е важно да јадеме печурки?

Печурките се вид габи кои поради својата разновидна композиција, можат да обезбедат навистина уникатен спектар од низа потребни хранливи материи. Постојат многу различни видови на печурки, од кои голем дел се безбедни за јадење, вклучувајќи познати видови, како што се шампињоните, вргањот, буковката и некои други. Сепак, печурките треба внимателно да се бираат, бидејќи постојат многу други видови кои не се јадат и всушност можат да предизвикаат болки во стомакот или повраќање, а во некои случаи исходот може да биде дури и фатален.

Кои се здравствените придобивки кои ни ги нудат печурките?

Заклучокот од бројните истражувања спроведени на печурките е јасен – речиси сите видови на печурки кои се безбедни за јадење, содржат солиден степен на протеини и растителни влакна, како свои главни компоненти. Тие исто така се особено важни за нас, бидејќи имаат одлична концентрација на витамини од групата Б, како и мало количество на витамин Д -најчесто дефицитарен витамин помеѓу популацијата. Добриот нутритивен состав, пристапната цена, но и ниската калориска вредност, се причините зошто печурките отсекогаш биле популарни во речиси секој тип на исхрана, како исклучително добра намирница за секојдневна употреба.

Веројатно најважниот нутриент кој може да се најде во печурките е моќниот антиоксидативен минерал селен. Тој помага да се зајакне имунитетот и да се спречат оксидативните оштетувањето на клетките и ткивата. Тој е корисен минерал и за намалување на ризикот од рак и срцеви заболувања.

Печурките се исклучително нутритивно сконцентрирана храна, па ваквиот импресивен состав ги прави особено добри за додавање во секојдневната исхрана при слабеење, за здраво срце, за когнитивното здравје (поради Б витамините), за лицата кои страдаат од дијабет итн.

[Поврзано: СЕЛЕН – опасност од предозирање со БРАЗИЛСКИ ОРЕВЧИЊА!]

Пробиотска храна

Јогуртот и кефирот се моќни пробиотици – извор на корисни бактерии кои можат да ни понудат добро дигестивно здравје, намалена хронична инфламација, а преку тоа и подобрување на целокупното здравје.  Дополнително, тие содржат одлични количества калциум, но поседуваат и солидно количество од витаминот Д, што е одлично за здравјето на коските и превенцијата од остеопорозата. Витаминот Д има и стотици други важни функции во организмот.

Во последно време сè поголем број истражувања го откриваат моќното влијание на составот и балансот во корисната цревна микрфлора за целокупното човеково здравје. Затоа, јадете повеќе ферментирана храна и пијте пробитоски јогрути и секако кефир.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор