fbpx

Што се ПИЊОЛИ и за што се корисни?

tonus

Добро ни е познато дека сите семиња и јаткасти плодови се особено нутритивна храна, односно храна која може да ни обезбеди низа здравствени бенефити доколку е разновидна и се јаде во умерени количества.

Секако, помеѓу различните јатки и семиња, постојат и разлики во хранливоста, а како едно од најхранливите семиња се смета она од борот.

Што се пињоли?

 

Семките на борот кои се доволно крупни и се користат во исхраната, наречени се пињоли (се јадат и поситните, но не се комерцијализирани). Најчесто потекнуваат од боровите дрвја на видовите Pinus monophylia и Pinus edulis, првично одгледувани во Северна Америка и Медитеранскиот регион. Пињолите се берат рачно, а обвивките во кои се наоѓаат се сушат за нивните лушпи лесно да се отворат и семето да излезе соодветно.

"“Online”/

Иако веројатно мислите дека никогаш не сте ги пробале, пињолите се чест дел од различните популарни медитерански сосови, како сосот за паста наречен песто.

Пињолите имаат доста висока цена, бидејќи се добиваат само од 20 видови на бор, a постојат стотици. За соодветно комерцијално да можат да се искористат, овие дрвја мораат да бидат доста стари, дури над 70 години. Дополнително, поради високиот процент на масти, пињолите мораат да бидат чувани во посебни услови. Секако и самиот процес на берба и подоготвка е долг и воглавно рачен.

 

Хранлива и енергетска бомба

 

Како што веќе споменавме, пињолите се сметаат за едно од најхранливите семиња во нависитна силна ,,конкуренција”. Во околу 30g пињоли, се содржат околу 185 калории, од 5,5g јаглехидрати (3g фибер), 18g здрави масти (над 10% од дневните потреби за омега 3 масните киселини) и 4g квалитетни протеини (составени од сите есенцијални аминокиселини).

Кога станува збор за микронутиритивната вредност, во истото количество пињоли, се содржат:

Не помалку важна е антиоксидативната содржина на пињолите: споменатите омега 3 масни киселини, потоа цинкот, селенот,  антиоксидативниот витамин Е, но и каротеноидите, како лутеинот!

Треба да се напомене  дека пиоњлите од медитеранскиот регион, имаат уште подобар нутритивен профил. Можете да ги препознаете по нивниот подолгнавсет облик, помазната површина и нешто потемно обојување.

Имајќи го предвид ваквиот состав, воопшто не се за изненадување низата здравствени корисни ефекти што можат да ни ги понудат пињолите. Во продолжение, нешто повеќе околу ова.

 

  1. Одлична храна за здраво срце

 

Овој ефект на пињолите се должи на нивниот богат антиоксидативен  состав – главно, здравите антиоксидативни масти, покрај омега 3 (кој е во идеален сооднос со омега 6 масните кислеини, зошто е ова толку битно, прочитајте тука), тука влегуваат и други мононезаситени масни киселини, потоа полинезаситени масни киселини, како делта5-олефинска киселина, пиноленична киселина итн.

Антиоксидантите дејствуваат:

  • на намалувањето на хроничниот процес на воспаление во телото (ризик фактор за многу заболувања, па и срцеви), потоа
  • на намалување на вкупниот холестерол, и на крајот
  • на намалување на високиот крвен притисок како еден од главните фактори за кардиоваскуларните заболувања.

Калиумот  делува на намалување на високиот крвен притисок, го регулира ефектот на натриумот (солта), ги опушта крвните садови и ја подобрува циркулацијата. Магнезиумот пак, делува на намалување на крвниот притисок и нормализирање на срцевиот ритам и глукозните нивоа во крвта.

Растителните влакна, кои исто така се значаен дел од составот на пињолите, можат да превенираат и да помогнат при гојазност и да го регулираат липидниот статус, што е од особена важност за здраво срце.

Истражувањата конзистентно укажуваат дека внесувањето на пињолите во исхраната делува на намалување на високиот холестерол, инаку добро познат ризик-фактор за срцевите заболувања. На пример, една студија од 2014 година, покажува значително подобрување на липидниот профил кај пациентките со метаболен синдром, после 6 неделната редовна употреба на јаткасти плодови и семиња, како пињолите.

Дополнително, пињолите содржат и други нутриенти, како бакар, железо и разни фитохемикалии значајни за кардиоваскуларното здравје.

[Поврзано: Зависно од вашата возраст, што треба да правите за здраво СРЦЕ?]

 

  1. Вистински избор за здраво слабеење и оптимална работа на дигестијата

И покрај нејзината висока калориска вредност, храната слична на пињолите, како различните јатки и семиња, претставува одличен избор при процесот на слабеење.

Истражувањата покажуваат дека лицата што почесто употребуваат пињоли, имаат помала телесна тежина, помал обем на струк, па дури и намален ризик од инсулинска резистентност.

Дополнително, едно истражување на медитеранските пињоли, вели дека нивната содржина на специфични пиноленични киселини, делува на супресирање или намалување на апетитот кај жените.

Ваквиот ефект не е неочекуван, имајќи предивид дека сета храна слична на пињолите има позитивен ефект врз заситувањето

[Поврзано: Кој е тој хормон на СИТОСТА и зошто е толку важен?]

Растителните влакна пак, кои исто така се пронајдени во пињолите во солидно количество, освен за заситувањето, допринесуваат и за одржувањет на оптималната функција на дигестивниот систем.

[Поврзано: 6 конкретни здравствени придобивки од ПРЕбиотиците!]

  1. Подобро здравје на коските

 

Сите знаеме дека калциумот е доста значаен минерал за метаболизмот на создавање на коскенто ткиво. Знаеме и дека витаминот Д е од клучна важност.

Иако пињолите содржат и калциум, тие се посебно богати со други минерали, многу важни за здравјето на коските, како: магнезиум, манган, бакар, фосфор, калиум, цинк, па и железо кое учествува како кофактор за ензимите вклучени во синтезата на колагенот – еден од клучните протеини во метаболизмот на коските.

Како плус на ова, пињолите се одличен извор и на витамин К, кој е неопходен за доброто здравје на коските. Дефицитот или недостатокот на овој витамин во исхраната, значително го зголемува ризикот од нарушувања поврзани со коските, како остеопорозата на пример.

[Поврзано: Остеопороза – колку е значајна физичката активност?]

 

  1. Храна погодна за лицата со дијабет

 

Како и останатите слични продукти, пињолите не предизвикуваат шеќерни пикови, напротив, можат да помогнат во контролирањето и одржувањето на нормалните глукозни нивоа во крвта.

Дополнително, солидната концентрација на минералот магнезиум, им овозможува на пињолите да бидат од помош за подобрување на инсулинската сензитивност или ,,способност” на инсулинот да ја внесе глукозата во клетките.

[Поврзано: Инсулинска резистентност – сè почест проблем]

  1. Пињолите се одлични за здравјето на мозокот, но и за очите

 

Импресивниот антиоксидативен состав на ова семе, го прави особено погодно за мозокот и очите.

Омега 3 масните киселини од пињолите, придонесуваат во создавањето и ,,поправањето” на мозочните ќелии. Истражувањата покажуваат позитивна поврзаност помеѓу омега 3 масните киселини и циркулацијата до мозокот. Следствено, тоа поттикнува подобрени когнитивни перформанси.

Овие масни киселини, заедно со останатите потентни антиоксидативни материи на пињолите, силно допринесуваат за намалување на оксидативниот стрес и на мозочните клетки, намалувајќи го ризикот од најчестите ментални нарушувања, како деменцијата.

[Поврзано: Кои се омега 3, а кои омега 6 масни киселини? Кои се нивните најдобрите ПРИРОДНИ извори?; Водењето здрав живот – клучен фактор и во превенцијата од деменција! ]

Пињолите се одлична храна за одржување на здравјето на очите, пред сè поради споменатиот антиоксидативен состав, но и заради познатиот значаен каротеноид за очите – лутеин.

Модерниот начин на исхрана, обезбедува доста ниски количества лутеин. Заедно со зеаксантинот, овој антиоксидативен каротеноид е веројатно најзначајниот нутриент за превенција од маклуарната деградација – најчестиот проблем со здравјето на очите кај повозрасната популација, кој за жал често доведува и до потполно слепило.

 

Други потенцијални корисни ефекти од почестата употреба на пињолите:

 

  • Постабилно расположение – поради одличните концентрации на магнезиум и на низа витамини од Б групата.
  • Антиканцероген ефект – одредени истражувања покажуваат ваков ефект што се смета дека е главно поради антиоксидативниот состав, но и заради магнезиум.
  • Превенција од анемија – заради солидните количества железо.
  • Одличен растителен избор на протеини – значително за оние што не јадат месо, особено богат со протеини (и до 34%!) е медитеранскиот тип на пињоли.
  • Подобар имунитет – поради содржината на цинк.
  • Подобро здравје на кожата – заради моќниот антиоксидативен состав.

 

На што треба да внимавате?

 

Слично како кај повеќето јатки, од пињолите може да се јават и алергиски реакции. Особено треба да бидете внимателни ако веќе имате алергија на други јатки, како ‘фстаци, кикирики или ореви.

Поради високата концентрација на масти, кои се здрави, но се енергетски моќни, пињолите имаат доста калории, па претерувањето, може да си направиме проблеми во однос на телесната тежина. Затоа, не повеќе од половина дланка дневно.

 

Совети за употреба

 

Свежите пињоли треба да се чуваат на ниски температури во фрижидер, заради тоа што можат лесно да ужегнат, односно мастите да се деградираат. Исто така, не ги чувајте повеќе од месец дена.

Пињолите лесно можат да се употребуваат свежи како грицки, но најчесто се додаваат во различни салатни дресинзи и сосови за тестенини (познатиот песто сос).

Можете да ги додадете и во различни сладоледи, потоа во јогурт, во полнозрнести житарки за доручек, да ги изблендирате заедно со хумус итн. Погодни се за замена во повеќето од рецептите каде користите лешници или бадеми, на пример.

Вкусни се и во нивната печена форма, но треба да внимавате, бидејќи лесно можат да загорат. Не ги печете повеќе од 10-тина минути, на средно висока температура.

 

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор