fbpx

10-те НАЈЧЕСТИ прашања од пациентите со КОВИД-19 и нивните блиски

tonus

Со почетокот на есента, станува јасно дека пандемијата со новиот коронавирус зема сè поголем замав. Така, сè повеќе се зголемува и веројатноста да бидеме изложени или инфицирани.

Ако сте биле во контакт со лице кое е позитивно и/или чувствувате некои од типичните симптоми на Ковид-19, препораките се да се самоизолирате.

Тука се наметнуваат повеќе прашања, меѓу кои: Што поточно подразбира самоизолацијата? Што треба да превземете за да бидете соодветно подготвени за изолација која ќе трае најмалку 2 недели? Колку време откако сте инфицирани, станувате ,,заразни”? Кога сте ,,најзаразни”? Што можете да превземете за да превенирате вашите домашни да се заразат со коронавирусот? Многу повеќе околу овие и некои други чести дилеми и прашања, прочитајте во продолжение.

"“Online”/

Кои се симптомите на Ковид-19?

Како што веќе знаеме, за жал огромен дел од заразените со новиот коронавирус се асимптоматски, односно не покажуваат никакви симптоми. Да биде проблемот уште поголем и оние кои пројавуваат симтоми, најчесто не можат да ги разграничат со симптомите типични за сезонскиот грип.

[Поврзано: Инфлуенца – природни оружја против ,,обичниот” грип!]

Сепак, како што минува времето, сè подобро ,,се запознаваме” и со овој вирус, па експертите сугерираат ефективни начини да ги препознаете симптомите.

Покрај симптомите кои можат да се ,,помешаат” со оние на инфлуенцата – сува кашлица, трескат, боките во грлото, главоболки и губењето апетит – новиот корона вирус може да покаже и специфични симптоми. Респираторните симптоми можно е и воопшто да не се појават заедно со специфичните.

Секако, дополнителен индикатор дека евентуалните респираторни симптоми се предизвикани од Ковид-19, е претходниот контакт со заразени лица, осоено ако тој бил подолг и/или во затворена просторија.

Уникатните симптоми кои го одвојуваат овој коронавирус од останатите респираторни вирусни инфекции, се невролошките симптоми: загуба на мирисот, вкусот на храната, но и мускулна слабост, ,,боцкања” во екстремитетите, збунетост, дезориентираност, па во потешки случаи и епилептични напади.
Дополнително, постојат податоци според кои коронавирусот напаѓа и други органи и органски системи (најден е во столицата), па така можни се и дигестивни симптоми, како: гадење, губење апетит, повраќање, болки во стомакот, дијареа итн.

Заради овие причини, лицата кои се заразени или имаат сомневање дека се заразени, треба темелно да ги мијат рацете по вршењето нужда, да го дезинфицираат просторот, а поради потенцијално присутните аеросоли во тоалетот, тој не треба да биде користен од друго лице додека добро не се проветри.

 

[Поврзано: САПУНОТ – едно од најдобрите оружја против корона!]

Кога е неопходно да побарате медицинска помош?

Поради преоптеретеноста на здравствениот систем, хоспитализирани треба да бидат само оние лица за кои ќе се констатира неопходност од тоа. Останатите дијагностицирани пациенти треба да се лекуваат во домашни услови, секако со задолжително и постојано следење од матичниот лекар.

Кога треба итно да се обратите на лекар? Опасните симптоми кои мораат да бидат земени предвид и веднаш искомуницирани со медицинско лице, вклучуваат: премногу висока или премногу ниска телесна температура, недостаток од здив, збунтеност и чувство дека во секој момент е можно да загубите свест. Ако почувствувате некој од овие симптоми, не се двоумете веднаш да побарате медицинска помош.

Достапни тестови за коронавирус

 

  • Молекуларни тестови

Овие тестови ги бараат знаците на активната инфекција. Примерокот кој се користи за ова тестирање е брис кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. Потоа овој примерок под посебни услови се праќа на испитување во лабораторија.

Примерокот во лабораторија подложи на полимеразно верижна реакција (PCR тест). Овој тип на тестирање ги детектира специфичните секвенци од генетскиот материјал на вирусот.

PCR тестот може да потврди дијагноза со Ковид-19 ако идентификува 2 специфични SARS-CoV-2 гени. Ако идентификува само еден, тестот ќе биде невалиден.

Молекуларните тестови може да помогнат да се дијагностицира моментално заболување Ковид-19, но не може да се утврди и инфекција која неодамна била надмината.

●       Серолошки тестови

Овие тестови ги детектираат антителата кои телото ги продуцира за борба против вирусот. Вакви антитела се присутни кај сите оние кои успешно се излекувале од Ковид-19.

Ваквите антитела постојат во крвта и ткивата низ целото тело. Затоа, за серолошкиот тест потребен е само примерок од крвта.

Серолошките тестови, за разлика од молекуларните, говорат за тоа дали и во минатото сте биле изложени на вирусот, а не само дали моментално сте заразени. Значи, серолошката дијагностика овозможува детално испитување на примероци од луѓе кои не се потврдени случаи на Ковид-19 во моментот. Ако луѓето биле изложени и развиле антитела против вирусот, со ваквите тестови ќе може да се известат официјалните лица од јавното здравство. Ова е неверојатно вредна информација во борбата против болест која е блага или асимптоматска кај многумина.

Според мислењето на авторите на една неодманешна студија од Универзитетот ,,Џон Хопкинс”, серолошките тестови можат да помогнат да се открие стапката на зараза во заедницата и така да се одреди стапката на смртност од болеста.

Имајќи ја предвид природата на серолошките тестови – да ги детектираат антителата на поединци кои веќе ја надминале заразата со Ковид-19 – ќе се овозможи тие да бидат и донори на оние пациенти кои се моментално заразени со болеста.

[Поврзано: Кратко и јасно: Што треба да знаете за тестовите за корона?]

 


Колку доверба можеме да имаме во овие тестови?

 

За разлика од PCR тестовите кои се чекаат и по неколку денови, антиген тестовите можат да дадат резултати и за помалку од 1 час.

Прецизноста на дијагностицирањето со било каков тест, зависи од повеќе фактори, вкучително, дали материјалот за тестирање се земал и транспортирал соодветно до лабораторија, во какви услови се работи, колку се внимава, но можеби најзначајно да се каже е дека најчесто т.н. ,,лажно негативни” резултати се последица на лош тајминг. Тоа значи дека можеби сте биле тестирани во периодот на инкубација (пред да настане инфекцијата и вирусот да почне брзо да се размножува). Затоа, за да се намали веројатноста од лажно негативен тест, PCR тестирањето треба да се прави при симптоми или неколку денови (најмалку 3-4) по контактот со позитивно лице.

Заклучокот би бил дека негативниот тест дава многу помала доверба отколку позитивниот. Генерално земено, ако PCR тестот е позитивен, тоа речиси со сигурност укажува дека пациентот е инфициран со коронавирус.

Како и да е, ако PCR тестот ви е негативен, а имате слични симптомите на Ковид-19, нема потреба да го повторувате тестот, освен ако симптомите не почнат да се влошуваат. Дури и ако се работи за инфлуенца, најдобро е да излегувате од дома (а дома да избегнувате подолг контакт со домашните и да носите маска), освен за неопходни, неодложни обврски, притоа задолжително, секаде да држите соодветна дистанца и да носите маска.

Серолошките тестови пак, кои укажуваат дека веќе сте ја прележале инфекцијата (дури и ако сте биле асимптоматски), имаат над 99% сигурност.

За жал, и покрај антителата кои се присутни, одредени студии покажуваат можност и за реинфицирање (повторна инфекција). Што треба да ни кажат овие факти?

По добиените позитивни резултати, не можеме со сигурност да знаеме дали, односно колкав период ќе бидеме имуни, но и дали можеме да бидеме преносители. Затоа, и покрај позитивен тест за антитела, не смееме да се опуштаме и да заборавиме на мерките.

 

Имунитетот, како засега единствената ефективна заштита од коронавирусот. Кои имуни клетки се продуцираат при Ковид-19, што е разликата помеѓу нив и зошто ни е тоа важно?

Кога некој има бактериска или вирусна инфекција, имуниот систем реагира преку продуцирањето на антитела за борба против соодветниот патоген.

Новиот коронавирус е т.н. РНК вирус, чија РНК молекула е опркужена со специјализирана протеинска обвивка и т.н. пепломери. Пепломерите се  структури во вид на шилци со кои вирусот може да се закачи за клетката и да навлезе во неа, по што се реплицира и неограничено се шири низ различни ткива на организмот (конкретниов вирус, највеќе низ ткивото на белите дробови).

Имуниот одговор може да се однесува на различни делови од вирусот, но најчесто продуцираните антитела се врзуваат за пепломерите на вирусот, кои организмот ги препознава како ,,туѓо тело”.

 

Врзувачки антитела. Овие антитела (секако, специфични за секоја инфекција) имаат способност да се врзат за пепломерите, но и други вирусни протеини, познати како нуклеокапсиди. Можат да бидат детектирани со крвен тест, најмалку по една недела од првичната инфекција. Кога ќе бидат утврдени, веројатноста дека пациентот имал Ковид-19 е речиси 100%. Со текот на времето, врзувачките антитела опаѓаат, некогаш и до недетектибилни нивоа. Тие значително ни помагаат во борбата додека трае инфекцијата, но не нè заштитуваат од реинфицирање (освен ако не се и неутрализирачки антитела).

 

Неутрализирачки антитела. Телото ги продуцира овие антитела специфично само за пепломерите. Во лабораториски услови е докажано дека ваквите антитела го оневозможуваат влезот на вирусите во клетките. Сè уште нема одобрен тест за нив, бидејќи тестовите подразбираат инокулирање во лабораториски услови на крвниот примерок земен од испитаниците, со жив вирус. Целта е мерење колку од вирусот ќе биде ,,убиен” или инактивиран.

 

Досегашните лабораториски студии укажуваат дека неутрализирачките антитела продуцирани против еден тип на коронавирус, може да превенира од реинфицирање и со другите типови на коронавируси. Така, научниците се оптимисти дека истото би важело и за Ковид-19, па неговите неутрализирачки антитела ќе овозможат имунитет барем во наредните неколку месеци по првичното оздравување.

Како што претоходно споменавме оздравените кои имаат вакви антитела, можат и да донираат крвна плазма, со што ќе им помогнат на тешко болните од Ковид-19 за полесно опоравување..

[Поврзано: Како ИМУНИТЕТОТ е поврзан со животниот стил?]


После колку време од првично заразување, луѓето стануваат контагиозни или ,,заразни” за другите?

 

Периодот, почнувајќи од изложеноста до појавата на симптомите, познат како период на инкубација, се смета дека најчесто трае нешто повеќе од 10 дена, иако од праксата се гледа дека симптомите најчесто се јавуваат на 4-тиот или 5-тиот ден по изложеноста.

Она што го знаеме моментално е дека лицето со Ковид-19 може да биде контагиозно 48 – 72 часа пред да почнат да се појавуваат првичните симптоми. Постојат голем број научни трудови кои сугерираат дека токму тие 48 часа, пред да се појават симптомите, најголема е веројатноста инфицираните да ја пренесат болеста.

Ако го земеме ова за валидно, станува недвосмислена потребата од редовно носење на маските, држењето дистанца и оптималното одржување на личната хигиена, за сите лица, без оглед дали имаат симптоми или не. Без оглед да ли се чувствуваат добро, или не. Зошто? Тие можат несвесно да го рашират вирусот.

Дополнително, како многу важна се јавува потребата од трагање по контактите и нивно ставање во самоизолација.

Дали лицата без никакви симптоми, имаат исто количество коронавирус во своето тело, како оние со видливи симптоми? Дали лицата без симптоми можат да го шират вирусот?

 

Асимптоматски можат да се сметаат две категории на лица: оние инфицираните кои подоцна ќе ги пројават симптомите и оние кои никогаш нема да ги искусат. Во текот на оваа пандемија, јасно се виде дека и овие лица можат да бидат ширачи на вирусот.

 

Како што претоходно споменавме, лицата кои се инфицирани со коронавирус, можат да бидат контагиозни 48-72 часа, пред да пројават било какви симптоми.

Но, што со лицата кои никогаш не развиваат никакви симптоми? Една неодамнешна студија ги споредува количествата коронавирус во носот, грлото и белите дробови на пациентите со Ковид-19 и асимптоматските позитивни лица. Резултатите можеби за некого се изненадувачки, но покажуваат дека количествата на вирус и кај двете  групи за жал се доста слични.

 

Сепак, споменатата студија не се занимавала со прашањето кои асимптоматски лица можат да инфицираат други луѓе, но нејзините резултати јасно укажуваат за тоа колку е значајно сите максимално да ги почитуваме мерките, бидејќи никој не може да знае дали и кога е носител. Дури и оние со негативен PCR тест, во наредните денови или само неколку часови, можат да бидат инфицирани и не смеат да се опуштаат.

 

Колку долго трае контагиозноста? Во кој период од болеста, инфицираните се најконтагиозни?

 

Според досегашните информации, се смета дека позитивните на коронавирус се најзаразни во почетокот на болеста, особено со почетните симптоми, како кивање и кашлање. Останатите кои не искустуваат симптоми, можат да го пренесуваат вирусот со близок контакт, особено подолг контакт кој е во затворен, непроветруван простор. Контагиозноста кај нив трае околу 10 дена по добивањето на позитивниот наод.

Во суштина, најголема веројатност да го пренесат вирусот имаат луѓето кои се асимптоматски и оние што за кратко (следниот ден или два) ќе развијат симптоми. Тоа е така заради тоа што овие лица природно помалку внимаваат и сè уште не се свесни дека треба да се самоизолираат.

 

Во најголемиот дел од случаите, 10 денови по исчезнувањето на симптомите, лицата кои имале Ковид-19, веќе не се контагиозни. Оние кои никогаш не развиваат симптоми, не би требало бидат контагиозни по поминати 10 дена од тестирањето. Сепак, постојат документирани исклучоци, па затоа експертите советуваат 2 неделна изолација.

 

Ако сакаме да знаеме со многу поголема сигурност дека не сме контагиозни, потребно е да бидат направени 2 PCR тестови, помеѓу кои ќе има 24 часа. Ако двата се негативни, многу е мала веројатноста да сме контагиозни.

[Поврзано: Прочитајте кои локации се најопасни жаришта за ЗАРАЗУВАЊЕ со КОРОНА вирусот!]

Колку долго трае опоравувањето на лицата со Ковид-19?

 

Ова прашање секако нема единствен одговор. Тоа главно зависи од тежината на болеста. Кај најголемиот дел од луѓето со умерени симптоми, опоравувањето трае околу 1 до 2 недели.

Сепак, во последно време доаѓаат сè повеќе информации од релевантни здравствени институции, како американскиот CDC, дека опоравувањето трае доста повеќе од тоа што првично го мислевме. Ова важи дури и кај оние кои имаат ,,благи” симптоми и немаат потреба од хоспитализација.

 

Спроведената анкета на CDC на пациентите кои прележале Ковид-19, помеѓу останатото, ги покажува и следните податоци: најголемиот дел од младите лица (од 18 до 34 години), кои немале потреба од хоспитализација, немале претходни дијагнози и биле со поблаги симптоми, пријавиле дека опоравување траело помеѓу 2 и 3 недели по добивањето на позитивниот PCR тест. Кај посериозните случаи, опоравувањето може да трае и до 6 недели. Ова би требало да значи дека кај лицата со други заболувања, Ковид-19 би траел и подолго.

Што е пост-Ковид-19-синдром и кој има ризик од негово развивање?

Кај одредени поединци, особено лицата во поодминати години и оние со некои други хронични болести (вклучително и гојазноста), оваа болест може да остави трајни физички, когнитивни и психолошки последици.

За жал кај некои поединци, симптомите на коронавирусот можат да траат и доста подолго од погоре споменатите периоди. Искуствата покажуваат дека проблемите е можно да траат и со месеци, при што има периоди на подобрување, а потоа враќање на симптомите, па дури во некои случаи е утврдена и појава на нова, влошена симптоматологија. Ваквите состојби во литературата се сретнуваат под името пост-Ковид-19 синдром. Вакви пост-вирозни синдроми не се уникатни само за новиот коронавирус, тие се појавувале и во минатото кај други инфективни вируси.

Според некои истражувања, пациентите кои во првата недела имале повеќе од 5 симптоми (на пример: тешко дишење, хроничен замор, главоболки, суво и болно грло и мускулни болки), имаат значително поголем ризик од останатите понатаму да страдаат од споменатиот синдром.

За жал, постојат податоци според кои и некои пациенти со Ковид-19, што ги немале претходно наведените ризик-фактори за тешка клиничка слика (помлади лица, со нормална телесна тежина и без други заболувања), исто така можат да страдаат од пост-Ковид-19 синдромот.

Симптомите на овој синдром варираат како и самите симптоми на Ковид-19. Тие во значителна мера можат негативно да се одразат врз она што значи квалитет на живот.

Некои од најчестите симптоми се: хроничен замор, главоболки, збунетост, недостаток од здив, температура, болки во градите, зглобовите, хронични кашлици, подолготраен губиток на вкусот и мирисот итн.

Колку време треба да помине по опоравувањето за да биде безбедно да излеземе надвор помеѓу луѓето?

 

Според критериумите на американскиот CDC, пациентите кои се опоравиле од Ковид-19, можат безбедно да ја напуштат изолацијата, кога ќе ги исполнат следните минимални критериуми:

  • Поминати се најмалку повеќе од 10 денови откако почнале симптомите.
  • Сте немале покачена телесна температура повеќе од 24 часови, без употреба на медикаменти за снижување на температурата.
  • Другите симптоми значително се подобрени.

 

Американскиот центар за превенција и контрола на заболувањата веќе не препорачува негативен PCR тест за да може да се излезе од изолација.

Според американските експерти, со почитувањето на овие критериуми, веројатно нема да бидете контагиозни, но сепак ако сакаме да бидеме сигурни дека не сме заразни, како што претходно споменавме, треба да поминат барем 10 денa откако сме почнале да се чувствуваме добро, односно најмалку 10 дена по опоравувањето.

Ако пак сакаме максимално да бидеме сигурни дека нема да бидеме опасност по заедницата, потребно е да направиме 2 последователни PCR тестови – вториот тест треба да се направи најмалку 24 часа по првиот.

Како и да е, ваквото тестирање не се препорачува, бидејќи сосема е доволно да поминат неколку денови по прекинувањето на симптомите и 1 негативен тест. за да можеме да без грижа на совст да излеземе од дома. Секако, излегувањето повторно ќе подразбира користење на заштитна маска, држење дистанца и одржување на лична хигиена.


Како да се однесуваме во домот доколку сме позитивни на коронавирусот за да ги заштитиме нашите блиски?

 

  • Престојувајте во просторија во која нема да влегуваат други луѓе и често проветрувајте.

 

  • Ако е возможно, користете друг тоалет, бидејќи вирусот може да се пренесе и преку аеросолите од фецесот. Ако не сте во можност, тогаш по користењето, добро проветрете го тоалетот. Домашните нека го користат тоалетот најмалку половина час после вас.

 

  • Секогаш кога е можно носете заштитна маска.

 

  • Често темелно мијте ги рацете со сапун и жешка вода и дезинфицирајте (со дезинфициенси со над 70% алкохол) ги повришините кои често ги користите – кваките, телефоните, компјутерот, површините во тоалетот итн.

 

  • Немојте да делите прибор за јадење или било какви други личини и заеднички средства со другите во домот.

 

  • Ако сте во можност, сами перете си ги алиштата.

 

  • Имајте своја канта за отпадоци. При фрлањето на вашиот отпад, користете ракавици кои потоа ќе ги фрлите.

Многу е важно постојано да ги следите симптомите и нивниот евентуален развој. Мерете ја барем 2-3 пати темепратурата во текот на денот и посебно внимавајте дали имате било какви тегоби со дишењето.

Бидете во постојана комуникација со матичниот лекар (ако мислите дека има потреба, задолжително контактирајте го), искористете го времето за разговор со вашиот лекар за детално да му ја објасните состојбата и да побарате корисни совети. Лекарот не ви се јавува само да ве праша дали ја почитувате изолацијата и куртоазно да ве праша дали сте подобро.

 

Што сè ни е потребно во домот доколку се најдеме во ситуација да мораме да поминеме во самоизолација подолг период од 10 денови?

 

  • Соодветна суплементација и друга потребна терапија препишана од нашиот лекар кој нè следи
  • Ако имаме некакви хронични заболувања, доволни количества од лекарствата за соодветната дијагноза
  • Лекарства за покачена температура и аналгетици (за болки)
  • Пробиотици
  • Лекарства за олеснување на кашлицата
  • Многу вода, течности и електролити
  • Топломер
  • Сапуни и средства за дезинфекција (со најмалку 70% алкохол)
  • Тоалетна хартија и различни средства за хигиена
  • Ќеси за отпад
  • Полесна и здрава храна (свежа храна, мешунки, јатки, семиња, полнозрнести житарки, интегрални тестенини, ориз, риба, јогурти, протеински и овошни енергетски барови, избегнување било каква процесирана храна и слатки, месни и млечни производи итн.)

 

Дали луѓето можат да ги заразат милениците со Ковид-19?

Иако се потребни повеќе истражувања на оваа тема, досегашните податоци велат дека е можно некои миленици да бидат инфицирани. Мачките се во нешто поголем ризик од кучињата.

Ако имате миленик, следете ги следните совети за да го намалите ризикот од инфекција:

  • Избегнувајте вашиот миленик да го напушта домот.
  • Избегнувајте контакт на миленичињата со луѓе или животни кои не живеат во вашиот дом.
  • Одржувајте дистанца додека го шетате кучето. Избегнувајте места со многу гужви, како паркови или паркови за миленици.
  • Ако вие сте позитивни, ограничете го контактот со миленикот на ист начин како што го ограничувате и со другите лица во домот.
  • Ако сте во можност, однесете го миленикот кај некој пријател додека сте во самоизолација.
  • Маската ги заштува и милениците, носете маска.

 

Досегашните истражувања не наоѓаат дека домашните животни можат да го пренесат коронавирусот на луѓето, но тие можат да бидат преносители на други исто така опасни инфекции, како на пример инфекции со E.coli, со Salmonella итн. Затоа редовно одржувајте ја и нивната хигиена и секако, мијте ги рацете по контактирањето со нив.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор