fbpx

7-те чуда на ГУШКАЊЕТО!

tonus

Човекот го искусува и учи за светот и околината преку своите сетила. Едно од нив е и сетилото за допир.

Без разлика дали се работи за ,,обична” прегратка со пријателот или гушкање со блиска личност, допирот или физичкиот контакт претставува и начин да ја покажаме својата наклоност, приврзаност кон некого. Секако, тоа зависи и од културата, а според нашиот менталитет кој е близок до Медитеранскиот, физичкиот контакт е од особена важност. Тоа го докажа и изминатиов периодот на пандемијата со коронавирусот, односно навистина тешкото доживување на неопходноста од физичката дистанца.

[Поврзано: Чудото на природата наречено ,,допир”]

"“Online”/

Окситоцин – хормон на љубовта

Зад потребата од допир и чувството на љубов и припадност кое со себе го носи тој допир, стои сложен биохемиски механизам. Допирот, односно прегратката стимулира лачење на окситоцин од страна на хипофизата, жлезда во мозокот.

Окситоцинот се смета за хормон на љубовта и својот пик го доживува за време на сексуалниот чин и оргазмот. Овој хормон придонесува за градење на чувство на припадност и врска помеѓу партнерите. Но, неговата функција не запира овде. Окситоцинот во истражувањата покажува и низа на други функции и здравствени бенефити.

Во продолжение, нема да зборуваме за некакви магични ефекти од гушкањето, тука научно потврдени корисни дејства од допирот со некоја за нас значјана личност.


1) Гушкањето го подобрува сонот!

Огромен дел од популацијата страда од недостаток од сон, поради најразлични причини – неконтролиран стрес поради брз ритам на живот, некакви хронични заболувања кои се пропратени со хронични болки, различни здравствени проблеми поврзани со сонот, како спиечка апнеа итн.

 

Истражувањата покажуваат дека повишените нивоа на окситоцин можат да го продолжат траењето и да го подобрат квалитетот на сонот, но да придонесат и за поправилен ритамот на дишење и забрзана циркулација на крвта. Многу повеќе околу придобивките од гушкањето за квалитетот на сонот, прочитајте во една од нашите претходни статии.

[Поврзано: Како да го подобрите сонот?]

2) Гушкањето може да помогне за слабеење?

Постојат низа физиолошки фактори кои стојат зад варијациите во телесната тежина, но кога станува збор за психолошкиот дел од процесот на слабеење (исто така многу битен дел од процесот), повишените нивоа на окситоцин поради гушкањето, можат да бидат од значителна помош. Имено, според достапните истражувања, окситоцинот ја намалува потребата за јадењето поради задоволство (емотивно прејадување) и на тој начин го поттикнува чувствотото на ситост.

Во една од претходните статии зборувавме околу различните начини како да помогнете на некоја ваша блиска личност доколку има проблеми со телесната тежина. Таму споменавме 10 начини, а гушкањето нека биде 11-тиот! Повеќе на темата, прочитајте тука.

3) Го намалува хроничното воспаление


Воспалението е неопходен и корисен механизам на борба со различни ,,итни” состојби во организмот, како на пример физички повреди. Сепак, хроничните процеси на воспаление, кои често се јавуваат поради различни причини, се вбројуваат помеѓу главните ризик-фактори за појава на т.н. болести на модерното време или повеќето најзастапени хронични заболувања: различни кардиоваскуларни, дигестивни болести, дијабет, па дури и малигни заболувања. Повеќе на оваа тема прочитајте тука.

Не само што окситоцинот може да поттикне поинтензивна синтеза на Т-регулаторните клетки, што води до намалување на инфламацијата, туку овој хормон го намалува воспалението и преку намалувањето на проинфламаторните протеини, наречени цитокини.

 

4) Физичкиот допир има потенцијал да ги намали симптомите на анксиозност

Одамна ни е познато дека прегратката знае да ни го намали стресот и да делува смирувачки, а во поново време и науката го потврдува позитивниот ефект на физичкиот допир во однос на намалувањето на симптомите на анксиозност, па дури и на нејзините потешки облици.

5) Поздраво срце!

Веќе зборувавме дека истражувањата ги поврзуваат покачените нивоа на окситоцин, со намалувањето на процесите хронична инфламација и анксиозноста, но исто така, овој хормон може да го намали и стресот, како и високиот крвен притисок. Сите споменати фактори влијаат лошо на здравјето на срцето. Така, може да се смета дека прегратката е своевиден лек и за срцето!

6) Гушкањето го појачува имунитетот

Веќе рековме дека окситоцинот може да ги зголеми нивоата на Т- регулаторните имуни клетки, што води кон балансирање и појачување на имуниот одговор.

Дополнително, гушкањето поттикнува и лачење на хормонот на среќата, наречен серотонин. Околу 95% од овој хормон, кој се смета и за невротрансмитер (исто како што се смета и окситоцинот), се продуцира во дигестијата. Серотонинот исто така делува стимулирачки во однос на имунитетот. Впрочем, според некои студии, почестото гушкање нè прави поотпорни на заболувања, а ако тие се појават, ги олеснува нивните симптоми.

[Поврзано: Како ИМУНИТЕТОТ е поврзан со животниот стил?]

7) Ги олеснува хроничните болки


Истражувањата утврдуваат значително пониски нивоа на окситоцин кај лицата кои страдаат од различни облици на хронични болки. Окситоцинот може да ги намали болките кај луѓето кои се соочуваат со болки во половината, но и оние кои страдаат од посилни болки, како болки при канцер, хронични стомачни болки итн.

[Поврзано: 5 правила за самопомош кога сме соочени со ХРОНИЧНИ БОЛКИ
Имате хронични болки? Губењето килограми може значително да Ви помогне!]

 

Гушкањето, може да придонесе и за:

▫ Зајакнување на пријателските, родителските и љубовните врски
▫ Намалување на стресот и напнатоста
▫ Намалување на чувството на осаменост, страв, летаргија, безволност и тага

▫ Подобрување на расположението итн.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор