fbpx

8 импресивни својства на ЛИМОНИТЕ

tonus

Лимоните се најпопуларните цитрусни овошки, заедно со портокалите. Тие најчесто се користат во периодот на сезонските грипови и тоа не е залудно. Луѓето искуствено увиделе дека цитрусните овошки помагаат при вакви состојби, односно при превенирање и полесно пребродување на настинките. Пред сè, тоа се должи на големата концентрација достапен витамин Ц во лимоните, односно на неговото позитивно дејство врз имунитетот.

Лимоните стануваат особено популарни и на лето, бидејќи се можеби најдобриот избор за правење освежителни пијалаци.

Се смета дека потекнуваат од северна Индија, а преку Блискиот исток доаѓаат во Европа во средниот век. Од тогаш, па сé до денес, употребата на овие особено корисни овошки постојано е во пораст.

"“Online”/

Како дел од семејството цитрусни овошја, лимоните содржат низа нутриенти кои секојдневно му се потребни на организмот за правилно функционирање. Еден лимон со просечна големи, содржи речиси 100% од дневните потреби од витамин Ц. Покрај тоа, лимоните содржат и висока количина растворливи растителни влакна, околу 1g протеини, многу низок процент на масти и помали количества железо, калиум, цинк и калциум.

Сите знаеме дека лимоните се освежителни, со специфичен пријатен вкус и многу здрави овошки, но во продолжение 8 импресивни и помалку познати здравствените бенефити од лимоните, за кои веројатно досега не сте слушнале.

1) Лимоните придонесуваат за посилен имунитет


Како што претходно веќе споменавме, постои добра причина зошто нашите мајки нѝ давале мед и лимон кога сме биле настинати. Витаминот Ц има значајна улога за имуниот систем, со што значително се намалуваат симптомите и времетраењето на болеста. Студиите покажуваат дека сличен ефект лимоните имаат и на инфекциите од вирусите, како инфлуенца.

2) Корисни при анемија


Слабокрвноста е доста чест проблем помеѓу населението.

Слабокрвноста или уште наречена и анемија, претставува состојба при која телото нема или не продуцира доволно еритроцити (црвени крвни клетки). Најчестата причина за ваквата состојба е дефицитот на железото.

Лимоните содржат мала количина на железо, но можат да помогнат на друг начин. Имено, истражувањата покажуваат дека витаминот Ц може значително да помогне во подобрата апсорпција на железото во организмот.

Така, кога јадете храна богата со железо, добро е да ја комбинирате со храна богата со витаминот Ц, како што е лимонот.

3) Лимоните можат да превенираат камчиња во бубрезите

Истражувањата потврдуваат дека лимонската киселина која се содржи во солидни количества во лимоните (но и во портокалите, дињите итн), може да превенира од формирање на камчиња во бубрезите. Пиењето на само половина чаша лимонада или неколку чаши вода со лимон, може да придонесе за значително зголемување на цитратните нивоа во урината, без притоа да бидат покачени оксалатните.

Повеќе за камчињата во бубрезите прочитајте на следниот линк: Како да се спречат камчињата во БУБРЕЗИТЕ?

4) Лимоните се добри за дигестијата


Поголемиот дел од јаглехидратниот состав на лимоните го заземаат растворливите растителни влакна, во форма на пектин.

Ваквиот тип растителни влакна се познати по тоа што ја успоруваат дигестијата, што помага за одржување на стабилни нивоа на шеќер во крвта и превенираат од канцер на дебело црево. Пектинот исто така позитивно влијае и нивоата на вкупен холестерол во крвта.

Како и другите цитрусни овошки, лимонот го содржи монотерпенот d-лимонен, кој може да ги олесни симптомите на некои дигестивни заболувања, а во некои студии покажува и одредени антиканцерогени својства.

5) Добра храна за срцето

Не само што содржат пектин, кој претходно споменавме дека може да делува на намалување на нивото на холестерол во крвта, што го намалува ризикот од срцеви заболувања, лимоните содржат и високи концентрации витамин Ц и калиум.

Овие два микронутриенти исто така можат да придонесат за подобро кардиоваскуларно здравје. Имено, според Американската асоцијација за срцево здравје, калиумот може да помогне во опуштањето на крвните садови и на тој начин да придонесе за намалување на крвниот притисок. Високиот крвен притисок е еден од најголемите ризик-фактори за срцевите заболувања.

6) Го подобруваат квалитетот на кожата

 

Витаминот Ц има многу важна улога во намалувањето на брчките кои се појавуваат со процесот на стареење, како и во заштитата на кожата од сончевите зраци. Ваквото својство го обезбедува преку своето моќно антиоксидативно дејство, но тој е и значен за метаболизмот на колагенот – најзастапениот протеин во човековиот организам кој помеѓу останатото има многу важна улога за здравјето на кожата.

Редовното пиење вода со лимон е можеби најдобриот ,,облик” во кој може да се консумира лимонот за поздрава кожа, бидејќи покрај споменатите негови својства, водата од овој пијалак овозможува и соодветно хидрирање на кожата, но и на целиот организам.
Точниот механизам според кој водата ја подобрува состојбата на кожата е сè уште нејасен, но една работа е сигурна – ако  кожата постојано ја губи влажноста, станува сува и подложна на формирање брчки, а на подолг рок поподложна е и на различни типови инфекции.

7) Лимоните можат да помогнат во контролирањето на телесната тежина


Повеќето експерти веруваат дека причината која се крие зад способноста на лимоните да придонесат во намалувањето на тежината е нивната богата содржина на растворливи растителни влакна. Сепак, една неодамна објавена студија нѝ дава информации според кои може да се забележи дека за ваквото својство на лимоните можеби е одговорен еден тип на фитохемикалииполифенолни антиоксиданти.

Истражувачите од споменатата анимална студија хранеле две групи на глувци со високо-калорична храна, а на едната група дополнително бил даван полифенолен екстракт од лимонова кора. Резултатите покажале дека глувците на кои не им бил давано од екстрактот, накачиле многу повеќе телесна тежина, во однос на другата група.


8) Лимоните можат да помогнат и за олеснување на симптомите на астма


Студиите покажуваат дека исхраната со поголеми количества витамин Ц може да го намали ризикот од развивање астма, но и дека храната богата со витамин Ц, како што се лимоните, може да помогне при веќе дијагностицирана астма.

Една клиничка студија покажува дека волонтерите кои имале напади на астма поттикнати од некакви инфекции, имале намалени симптоми и времетраење на нападите за дури 80% при консумирањето на само 1g витамин Ц дневно.


Најздрави начини за консумирање на лимоните
:


Сите делови на лимонот имаат свои хранливи состојки и се многу корисни за организмот. Во продолжение неколку други начини за искористување на лимонот, освен додавањето во чаевите:

• Комбинирајте лимон (и неговата кора), маслиново масло и билки/зачини според вкус со тестенини

Пијте вода со лимон

Изцедете лимон на вкусните свежи салати

Лимонот е одлична комбинација со било кој вид риба

Додадете лимон во супите и чорбите

Користете го како замена за оцет

Додадете лимон во дресинзите за одредени салати

Додадете лимон на вкусниот хумус

Додадете го во смути и разни други овошни напитоци

 

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор