fbpx

ГРАДСКОТО ЖИВЕЕЊЕ го зголемува ризикот за појава на АЛЕРГИИ?

tonus

Денес ќе зборуваме на тема која поретко се среќава на нашиот блог, а тоа се алергиите. Накратко ќе дискутираме за еден интересен феномен, односно за поврзаноста помеѓу живеењето во град и зголемената зачестенот на алергии. Дали живеењето во град навистина го зголемува ризикот и преку кој механизам?

 

Што претставуваат алергиите?

Алергиите се нагласени имунолошки реакции на одредени супстанции кои се генерално безопасни за повеќето луѓе и се познати како алергени. Кога некој со алергија е изложен на алерген – како што е полен, првут од домашни миленици, прашина, одредена храна или убоди од инсекти – нивниот имунолошки систем го идентификува како закана и ослободува молекули како хистамини, што доведуваат до симптоми како кивање , чешање, осип или уште потешки реакции и компликации како што е анафилаксата. Причините за појава на алергии се бројни, но постои генетска предиспозиција и лицата со семејна историја на алергии имаат поголема веројатност да ги развијат. Факторите на животната средина исто така играат клучна улога; изложеноста на алергени, загадувачи и инфекции во раниот живот може да влијае на веројатноста за развој на алергии – нешто за што ќе зборуваме повеќе во продолжение. Дополнително, изложеноста во раното детство на потенцијални алергени и микробиолошки средини, како што е опишано во т.н хипотезата за хигиена, може значително да влијае на развојот на алергии во иднина.

 

Како градското живеење влијае на алергиите и врз ризикот за нивна појава?

Урбаното живеење се повеќе се поврзува со порастот на алергиите, феномен кој се препишува главно на сложената интеракција помеѓу факторите на животната средина и начинот на живот. Студиите покажуваат дека урбаните средини ги изложуваат поединците на повисоки нивоа на загадувачи, како што се честичките од издувните гасови на автомобилите, индустријата и домаќинствата, што може да иницира и предизвика алергии, но и да ги влоши симптомите на астма. Дополнително, урбаниот начин на живот често вклучува и повеќе поминато време во затворен простор, што доведува до зголемена изложеност на алергени како што се: прашина, првут од домашни миленици и мувла. 

"“Online”/

Веќеспоменатата, хигиенска хипотеза, исто така игра улога, предлагајќи дека намалената изложеност на различни микроорганизми во урбаните средини, поради модерните санитарни услови и помалата интеракција со природните средини, го нарушува и менува развојот на имунолошкиот систем и го прави повеќе склон кон алергиски реакции. Со други зборови, децата растени во град имаат помал допир со животната средина, имаат генерално повисок степен на хигиена и со самото тоа се менува и начинот на кој ќе се развива нивниот имун систем. 

Исто така, начинот на исхрана во урбаните средини, кој се карактеризира со поголем внес на преработена храна и помал внес на свежо овошје и зеленчук, може да влијае на цревната микрофлора или т.н и микробиом, фактор кој сè повеќе се истражува за неговото силно влијание врз имунитетот. Следствено, сите овие фактори заедно придонесуваат за повисока преваленца и сериозност на алергиите забележани кај градското живеење и популација во споредба со оние кои живеат во руралните средини.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор