fbpx

Најголема измислица после храната по крвни групи: АЛКАЛИЗАЦИЈА!

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin
tonus

Постојат голем број на митови околу исхраната и нејзиниот импакт врз човековото здравје. Ова отсекогаш било случај, но со поголемата достапност на интернетот и социјалните мрежи, последните години разните митови околу исхраната доживуваат бум.

Дефинитивно еден од најраспространетите митови е т.н. алкална исхрана. Всушност, секако дека постојат бенефити од свежата храна која ја предлага оваа диета, но во што е проблемот?

Клучниот проблем со алкалната исхрана

Главниот проблем со алкалната исхрана е тоа што дава ветување дека може да ја излечи било која болест што ја имате, бидејќи според оние што ја промовираат, сите болести се должат на ,,небалансирана”, односно кисела pH во организмот. Според нив, киселата средина е неопходна за развој на било која болест, особено на канцерот.

"“Online”/

Лажното ветување е дека преминувањето кон т.н. алкална исхраната, ќе ја алкализира киселата средина и на тој начин ќе ви обезбеди превенција од сите заболувања, па ќе може да биде и третман за постоечките. Дури некои одат до таму што предлагаат консмирање на сода бикарбона како специјален додаток во постигнувањето на ,,алкален организам”.

Промоторите на оваа исхрана, своите тврдења ги базираат и на еволутивниот пат на човекот. Тие тврдат дека во далечното предцивилизациско минато човекот воопшто и не јадел храна која може да создаде ,,кисела средина” во организмот.

Но, фактите велат дека освен што храната не може да содаде ниту кисела ниту базна средина, особено не во целиот организам, тврдење дека предцивилизацискиот човек јадел само свежа храна не држи вода. Имено, научните студии ни даваат податоци кои велат дека исхраната на човекот варира во однос на териториите на кои живеел. Што посеверно живеел, поверојатно е дека бил ловец и се исхранувал генерално со она што промотирите на алкалната храна го сметаат за ,,кисела храна’’.

Дури е и смешно да се објаснуваат тврдењата за ,,алкализација на организмот” од научен аспект. Зошто? Не само што за нив нема докази, туку самите тие тврдења се засновани на целосно непознавање на физиологијата на човековиот организам. Или можеби на намерна манипулација?

Сепак, јасно е зошто доста луѓе веруваат во овој, па и повеќето митологизирани пристапи во лекувањето и превенцијата од болестите. Прво, повеќето од луѓето кои имаат некаков здравствен проблем сакаат на еден начин полесно и побрзо решение, занемарувајќи ги фактите. Второ, не е за очекување од лаиците да знаат да се снајдат во морето информации на различни теми кои се присутни на интернетот. Исто така, промоторите на ваквите утопистички пристапи често знаат од некаков бизнис интерес да бидат манипулативни итн.

Што велат физиологијата и хемијата за алкалната исхрана?

За оние кои што подзаборавиле хемија од средно училиште: киселоста и алкалноста се мерат со pH скала која оди од 0 до 14.

0 претставува високо кисела средина, 7 е неутрална и 14 е силно базна или алкална средина. Оваа скала е логаритамска, што значи, секој број е 10 пати поголем од претоходниот, или pH 3 e за 10 пати покисела средина од pH 4.

Како и повеќето промотори на митологизираните пристапи во лекувањето и исхраната, така и промоторите на алкаланта исхрана се со слаби познавања на човековата физиологија или можеби се манипулатори.

Во науката е јасно дека човековиот организам нема единствена pH на која оперира. На пример pH вредноста во стомакот со добра причина е силно кисела, околу 2, а оди до 4-5 по оброците. Ако pH на желудникот се покачи повеќе од овие вредности, тоа би било голем проблем за организмот (на пример ќе има многу помала апсорпција на железото од храната).

pH вредноста на тенкото црево генерално е кисела поради разните дигестивни секрети и присутната микрофлора која продуцира млечна киселина, кратковерижни масни киселини и други кисели компоненти од изедената храна. Ваквата кисела средина е неопходна заради превенција од раст на различните потенцијални патогени организми. На пример ако се зголеми pH, потенцијално присутните квасците Candida albicans можат да направат многу поголеми инфекции отколку при пониска, oптимална pH за овој дел од телото. Постојат и други органи кои имаат пониска pH.

Од друга страна, крвта има точно определена слабо алкална pH која доколку и малку варира, може да заврши фатално ако не се третира. Значи, во зависност од функцијата на органите и органските системи во организмот постојат различни вредности на pH и не е точно дека треба целиот организам да има една средина и тоа алкална.

Исхраната има ефект на pH вредноста на урината, но не и на крвта

За општото здравје многу е важно крвта да има константна pH.

Ова е така заради тоа што клетките ја вршат својата функција на точно определа pH, па нарушувањето на pH на крвта може да биде фатална за сите клетки од сите органски системи. Но телото поседува и свој механизам за создавање на pH баланс преку различни механизми.
Алкалната исхрана вели дека ја оптимизира pH вредноста на крвта. Рековме дека и мали промени се со страшни последици, што значи дека секој човек кој нема дијагностицирано кетоацидоза има оптимално pH на крвта.

Практично е невозможно храната да ја промени pH вредноста на крвта, кетоацидозата и другите типови на закиселување на крвта се случуваат под посебни услови.

Од друга страна, исхраната може да влијае на pH вредноста на урината според различни механизми.

На пример, ако изедете стек, урината после неколку часа ќе има покисела средина заради метаболитичките процеси на организмот. Но, самата урина не е индикатор за pH средината на организмот.

Остеопорозата и алкалната исхрана

Остеопорозата е прогресивно коскено заболување кое се карактеризира со намалување на концентрацијата на минералите во коските. Ова е особено често кај жените во постменопауза и може значително да го зголеми ризикот од фрактури.

Едно од најголемите ветувања на алкалната исхрана е токму превенцијата и лекувањето на остеопорозата. Промоторите на ваквата исхрана велат дека за да се одржи константна, односно да се регулира pH вредноста на крвта по јадењето на киселата храна, телото зема алкални метали од коските. Калциум, на пример.

Сепак, оваа теорија како да ја игнорира функцијата на бубрезите. Имено, токму бубрезите играат фундаментална улога во отстранувањето на киселините и регулацијата на pH, преку продуцирањето на бикарбонатни јони кои ги неутрализираат киселините во крвта.

Респираторниот систем исто така игра улога во контролата на pH. Кога бикарбонатните јони од бубрезите ќе се врзат за киселините во крвта, тие формираат јаглероден диоксид кој го издишуваме и вода која ја излачуваме преку мокрењето.

Исто така промоторите на алкалната исхрана го забораваат колагенот. Губењето на колагенот од коскената содржина е една од клучните причини за остеопороза. За да биде ситуацијата и малку иронична, загубата на колагенот е силно поврзана со ниските нивоа на две киселини –ортосилициевата и аскорбинската или витаминот С од исхраната.

Повеќето клинички студии даваа заклучоци според кои киселинско-формирачката храна од диетата нема импакт на нивоата на калциум во коските. Доколку ваквата храна содржи и калциум, таа може напротив, да ги зголеми нивоата на калциум во коските.

Алкалната исхрана и канцерот

Многу луѓе кои се промотори на алкалната исхрана велат дека канцерот се развива само во кисели средини и може да се третира, па дури и да се излечи со ваквата исхрана.
Но, треба да се знае дека науката нема пронајдено никаква поврзаност помеѓу развојот на канцер и ацидозите на крвта кои се поттикнати од исхраната.

Прво и основно, веќе рековме, исхраната многу малку може да влијае на pH на крвта.

Вторo, дури и да претоставиме дека храната може драматично да влијае на промената на pH на крвта и со тоа на ткивата, малигните клетките не се ограничени на раст само на кисели средини. Тие можат да опстојат и да се размножуваат и на алкални средини, тоа го докажуваат многу научни студии.

Трето, точно е дека туморните клетки растат побрзо во кисела средина, но треба да се знае дека тие сами и ја креираат таквата средина. Значи, не е киселата средина таа што ги креира малигните клетки, туку малигните клетки ја формираат киселата средина.

Kраток заклучок

Треба да се каже дека промовираната храна како ,,алкална’’ е одлична храна.
Овошките, зеленчукот и останатата растителна, полнозрнаста храна, како и исфрлањето на месото и препроцесираната храна, е особено добро за општото здравје.

Но, од сето наведено погоре, можеме да заклучиме дека магичните ветувања на оваа исхрана немаат научна потпора. Превентивните ефекти кои може да ги има оваа исхрана во спречувањето на одредени заболувања (битно, не магичното дејство на лекување и превенција) се должат на други механизми, а не на т.н. ,,алкализирање” на организмот.

Fibro Gel

Значи генерално, она што го нуди алкалната исхрана е здраво во смисла на тоа што ги нуди бенефитите на свежата, полнозрзнаста и непроцесирана храна, а не е здраво во смисла на тоа дека одржува некаков баланс на pH нивоата во организмот.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X