fbpx

Која е разликата меѓу анксиозност и панични напади и како да ги препознаеме?

tonus

 Секојдневието со сите свои предизвици и потешкотии носи и доза на неизвесност, стрес и проблеми. Секако, никој не е имун и не може целосно да го избегне ова, па така секој од нас во даден момент е изложен на некаква несакана стресна ситуација. Меѓутоа, ваквите стресни моменти може понекогаш да се манифестираат и врз нашето ментално здравје во повеќе различни форми. Една од најчестите, особено застапена во денешницата, е анксиозноста. Понекогаш, во дадени моменти таа напредува и во т.н. анксиозни настапи.

Бидејќи често се користи и терминот панични напади, во продолжение ќе помогнеме во разграничувањето на овие два поима, но и ќе дискутираме како правилно да ги препознаеме.

 

Што е анксиозноста и зошто настанува?

 

Анксиозноста може најлесно да се опише како чувство на грижа, неспокој, напнатост и вознемиреност. Тоа претставува нормална емотивна состојба кај луѓето, а најчесто е асоцирана со ситуации кои мозокот ги доживува како закана или опасност. Ваквата појава е нормална при доживување на некои стресни ситуации (губење на работа, несреќен случај, конфликтни ситуации и сл.) Таа може да има значително влијание врз нашето здравје, расположение и психичка благосостојба.

"“Online”/

Зошто точно доаѓа до појава на анксиозност и зошто таа некогаш преоѓа во растројство, науката сè уште не дала одговор. Се смета дека не постои една, единствена причина за анксиозност, туку станува збор за повеќе фактори кои се во игра (генетика, претходни стресни ситуации, фамилијарна историја поврзана со анксиозноста и сл.)

Треба да се напомене дека анксиозното растројство претставува група на состојби, чии симптоми и манифестација може да се разликуваат од човек до човек. Кај некого, анксиозните настапи може да се зачестени и нагласени, а кај некого обични секојдневни активности може да предизвикуваат чувство на неспокој, без да предизвикаат анксиозност. Други пак може да живеат во константна состојба на загриженост, тензија и немир. Без разлика на формата која ќе ја заземе, анксиозноста се одликува со нагласен, силен страв или грижа кои се најчесто непропорционални со ситуацијата која всушност ја предизвикува ваквата состојба.

 

Како да препознаеме анксиозен настап?

 

Анксиозните напади се епизоди или периоди на интезивен страв и паника. Ваквите напади за разлика од паничните, најчесто имаат причина, односно некаков повод за нивната појава. Тоа најчесто е некаков тип на стресна или важна ситуација (тест, испит, проблеми на работното место, здравствен проблем, проблем во врската, важен разговор и сл.). Анксиозните напади најчесто се јавуваат после период на прекумерна грижа и стрес околу дадениот проблем. Тие се најчесто помалку сериозни и интензивни од паничните напади, а за најчести симптоми на анксиозен напад се сметаат:

 

  • Надразливост и исплашеност
  • Вртоглавица
  • Сува уста
  • Замор
  • Нагласено чувство на страв
  • Забрзан пулс
  • Вознемиреност
  • Забрзано и плитко дишење и сл.

 

Иако ваквите напади се помалку интензивни од паничните, се смета дека тие траат подолго и дури дел од симптомите може да бидат присутни со денови, недели, па дури и месеци.

 

Која е разликата меѓу паничен и анксиозен напад?

 

Често овие два поима се поистоветуваат, а тоа најверојатно се должи на сличните симптоми. Во одредени ситуации може и двете состојби истовремено да се присутни. Главната разлика лежи во причината за нивната појава. Анксиозните напади се резултат на некоја стресна ситуација или проблем, додека паничните напади може да се јават без никаква причина и сосем наеднаш и неочекувано. Паничните напади се воглавно интензивни и далеку посериозни од анксиозните. Појавата на панични напади може да биде знак за панично растројство кај лицето. За време на паничните напади, природниот механизам за „борба или бегство“ или т.н „fight or flight“ се јавува и поради тоа се присутни и нагласени и силни физички симптоми.

 

Најчестите симптоми на паничен напад се:

  • Забрзано и силно срцебиење
  • Болки во градите
  • Вртоглавица
  • Чувства на екстремен студ или на екстремна топлина
  • Лошење
  • Тресење
  • Кратко и плитко дишење
  • Болки во стомакот
  • Потење и сл.

 

Најчесто ваквите симптоми се нагласени во првите 10 минути, а потоа се повлекуваат. Меѓутоа, некогаш може да се јават и неколку панични напади по ред, па ваквите симптоми може да се присутни и многу подолго.

Најчестите ризик фактори за појава на панични напади се: веќе присутна анксиозност, друга здравствена состојба (биполарно растројство, депресија, анксиозно растројство, дијабет, срцеви заболувања и др.), генетика, фамилијарна историја, консумирање на алкохол, хроничен стрес, стресни и трауматски случувања и сл.

 

Што треба да направиме доколку имаме паничен или анксиозен напад?

 

  • Прифаќање на состојбата – доколку сме свесни и разбираме што всушност ни се случува, ќе се потсетиме дека ваквите симптоми ќе поминат за брзо и дека не се трајни. На овој начин може да си помогнеме да останеме смирени и да ги ублажиме симптомите.
  • Дишење бавно и длабоко – проблеми со дишењето, кои најчесто вклучуваат брзо и плитко дишење, се најчести симптоми на ваквите напади. За да го забавиме дишењето, потребно е фокус и концентрација на самиот здив. Треба да се обидеме што побавно и ритмично да дишеме и да се обидеме таквиот ритам да го задржиме до крајот на нападот. Секако, ова може да биде исклучително тешко, но неопходно е да не создаваме дополнително чувство на паника.

 

Покрај овие општи препораки за справување со ваквата ситуација, подеднакво важни се и препораките за превенција на анксиозните напади. Бидејќи тие се јавуваат со причина, најдобро е да се избегнуваат или да се контролираат ситуациите кои може да доведат до ваков напад. Тука може да помогнат и бројни техники за релаксација, но и за спокојност (длабоко дишење, релаксирање, медитација и сл.). Една од главните причини за појава на анксиозноста е грижата и вознемиреноста која ја носат идните ситуации врз кои немаме контрола. Доколку го прифатиме тоа и одлучиме да живееме и да сме присутни во сегашноста, може да постигнеме поголем спокој и смиреност. Добар почеток е забележување на чувствата и мислите кои ги искусуваме во текот на денот, но притоа да ја исклучиме потребата од реагирање кон истите. Прифаќањето на сите мисли, особено оние на загриженост е клучен чекор. Но, важно е да разбереме дека истите не ни помагаат на никој начин и дека едноставно некогаш работите кои претстојат се надвор од нашата контрола.

Покрај ваквите техники кои можете сами да ги практикувате, поддршка, помош и терапија од вашиот лекар може да биде исто така исклучително корисно.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор