Често слушаме за антиоксидантите – исклучително важни и корисни молекули кои се среќаваат претежно во растителната храна. Тие имаат огромен број на функции во организмот, главно штитејќи го од штетните последици на оксидативниот стрес. Во продолжение ќе погледнеме зошто антиоксидантите се важни и за здравјето на зглобовите, особено за лицата со артритис.
Што се всушност антиоксидантите?
Во секој момент во организмот се одвиваат огромен број на метаболитички процеси преку кои храната се претвора во енергија. Во овие процеси, како ,,нус“ продукти или наречени уште и метаболитички отпад, се создаваат молекулите на слободните радикали.
Негативните дејства на слободните радикали се поврзуваат со кардиоваскуларните и малигните заболувања, артритисот, со забрзаниот процес на стареење итн.
Антиоксидантите се вид на „ловци“, односно неутрализатори на слободните радикали. Всушност, ваквото неутрализирачко дејство го остваруваат преку донирањето на електрони на слободните радикали. Така, претходно силно реактивните молекули, веќе ја немаат таа ,,моќ” да реагираат и да ги оштетуваат молекулите во нивната околина – односно стануваат стабилни молекули.
Антиоксидантите се молекули кои во одредена мера се синтетизираат во организмот (глутатион, убикинол, урична киселина, одредени ензими итн.), но треба да ги внесуваме и преку здравата и разновидна исхрана.
Во периодот на детството, телото продуцира највеќе антиоксидатни, а нивните нивоа опаѓаат со текот на стареењето, па на тој начин растат и потребите за нивно поголемо внесување преку исхраната.
Зошто и како помагаат при артритис?
Антиоксидансите играат клучна улога во здравјето на зглобовите, особено за лицата со артритис, поради нивната способност да ги неутрализираат слободните радикали – нестабилни молекули кои можат да предизвикаат оксидативен стрес и воспаление. Оксидативниот стрес е сериозен двигател при деградација на ткивото на зглобовите, вклучувајќи ја и ‘рскавицата, која делува како амортизатор и овозможува непречено движење. Кај артритисот, особено остеоартритот и ревматоидниот артритис, рамнотежата помеѓу слободните радикали и антиоксидансите често се нарушува, што доведува до зголемено оксидативно оштетување и воспаление. Антиоксидансите, како што се витамините Ц и Е, селенот и полифенолите кои се наоѓаат во овошјето и зеленчукот, помагаат во заштитата на ткивата на зглобовите со неутрализирање на штетните молекули, намалување на оксидативниот стрес и последователно намалување и на воспалението. Секако, постојат стотици, па можеби и илјадници различни антиоксидантни молекули кои може да ги внесеме преку разновидна исхрана.
Ваквиот заштитен ефект на антиоксидантите може да ја забави прогресијата на заболувањата и оштетувањето на зглобовите, да ја ублажи болката и да ја подобри целокупната функција на зглобовите. Исто така, антиоксидансите можат да го модулираат имунолошкиот одговор, што е особено корисно кај автоимуните форми на артритис како што е ревматоидниот артритис, каде што самиот имун систем ги напаѓа ткивата.
Поради ваквите различни корисни ефекти на антиоксидантите, се препорачува истите да се внесуваат редовно преку здрава, балансирана исхрана. Како што споменавме, тие најмногу се среќаваат во растителната храна – овошјето и зеленчукот, јаткастите плодови, житарките, мешунките, семките, зачините итн. Препорачан дневен внес за антиоксиданти не постои, а со разновидна и здрава исхрана загарантирано ќе внесете доволно количество и ќе овозможите да се намали и контролира веќеспоменатиот оксидативен стрес и воспаление во телото.