fbpx

АШВАГАНДА ЗА СТРЕС – Што значи АДАПТОГЕН ЕФЕКТ?

tonus

Чувство на целосна возбуденост, необјаснив или страв без повод, голем стрес и загриженост… Сето ова го дефинира се’ почесто користениот термин – анксиозност.

Искусувањето анксиозност претставува нормален дел од човековото живеење. Сепак, ако се работи за често, интензивно, ексцесивно и константно чувство на страв во однос на секојдневни ситуации, тогаш станува збор за некаков тип на анксиозно нарушување или растројство.

И покрај разликите во факторите што ги условуваат, анксиозните нарушувања имаат постојан тренд на пораст во целиот свет, па и кај нас во Македонија. Пандемските услови само ја усложнија веќе постоечката проблематична ситуација.

"“Online”/

Според достапните епидемиолошки истражувања, ризикот од појава на вакви здравствени проблеми во текот на животот е од 4,1% до 6.6%. Ова не се воопшто занемарливи проценти, напротив!

Затоа, зборувањето за оваа проблематика, за превенцијата и за различните достапни третмани за ,,борба” со анксиозноста, станува важна тема за јавното здравје.

Анксиозноста не е исто што и депресијата

Многу често терминот анксиозност се ,,помешува” со депресивноста.  Иако пациентите со едната дијагноза, неретко ја имаат и другата, важно е тие да се разграничат. Клучната разлика помеѓу депресијата и анксиозноста е тоа што првото се однесува на поединечна состојба, додека второто на цела група состојби.

  • Иако постојат повеќе различни симптоми (и може да се одразува различно на различни луѓе), сепак кога зборуваме за депресијата реферираме на едно заболување.
  • Од друга страна, терминот анксиозност може да има повеќе различни значења. Како што веќе рековме, секој од нас во одреден период може да се почувствува анксиозно, пришто за опишување најчесто се користи терминот анксиозност.

За жал, групата анксиозни нарушувања вклучуваат и поретки, но попроблематични состојби. Такви се на пример повторувачките или неочекуваните, брзи ,,епизоди” на анксиозност и страв – паничните напади. Сепак, за најчесто анксиозно, воедно и психијатриско нарушување се смета т.н. генерализирано анксиозно растројство (ГАР).

Како да го препознаеме?

Како главна карактеристика на генералното анксиозно растројство се издвојува прекумерната загриженост која не можеме речиси воопшто да ја контролираме. Покрај ова, за поставување на ГАР како дијагноза, потребно е да се исполнат најмалку 3 од наведените симптоми:

  • Нејасен немир или чувство како да се наоѓаме на раб
  • Лесна надразливост
  • Проблеми со спиењето
  • Чувство на замор
  • Деконцентрираност
  • Мускулна напнатост и слични физички симптоми

Лесно можеме да ги претпоставиме ризик-факторите за ГАР: хроничен стрес, соматски и други психијатриски состојби, генетски фактори, фактори од средината или социјални фактори (особено во раниот развоен период).

Начини на третирање

Во однос на третирањето, постојат два главни пристапи:

  • психолошки терапии и
  • медикаменти.

Покрај синтетските, постојат и природни медикаменти што можат да се користат во третирањето. Во продолжение повеќе ќе се осврнеме на користа од нив, односно на нивната ефективност.

За некое растение да се смета за адаптогено, тоа мора да задоволни три различни критериуми:

  • Да нема токсично дејство кога се користи во препишаните, точно утврдени дози
  • Да му помага на организмот подобро да се справува со стрес
  • Да му овозможи на телото да се врати во одредена рамнотежа (хомеостаза)

Ашвагандата и нејзиниот адаптоген ефект

Ашвагандата е билка која се користи илјадници години и чие име веќе е добро познато ширум светот. Претставува растение од семејството Solanaceae, поточно се работи за Withania somnifera. Расте во топлите краишта, а се смета дека потекнува од североисточните делови на Индија. Се нарекува уште и индиски женшен или зимска цреша. Најчесто се користи нејзиниот корен.

Екстрактот од ашваганда кој често се користи како суплемент е исклучително потентен и нуди низа на корисни здравствени придобивки, кои пак се поткрепени со научни студии. Еден од главните бенефити е нејзиното корисно и позитивно дејство при справување со стресот и анксиозноста.

За најдобро пручен познат ефект на ашвагандата се смета токму оној за подобро справување со стресот и анксиозноста.

Ашвагандата се смета дека има корисно и позитивно дејство врз ендокриниот, нервниот, имуниот и кардиоваскуларниот систем. Таа учествува во регулирање на метаболизмот и му помага на мозокот при изложеноста и одговорот кон некаква стресна ситуација. Дополнително, таа има антиоксидативно и анти-воспалително дејство, со што ги заштитува нашите клетки од оштетување кое може да биде особено нагласено при хроничен стрес.

Улогата на фитомедицината во третирањето на проблемот со анксиозноста

Фитомедицината, со векови наназад ги употребува жен-шенот, шафранот, ашвагандата, кантарионот но и многу други билки во насока на справување со стрес-состојбите. Ваквите билки, се означуваат како адаптогени.

Според дефиниција, ботаничките адаптогени се растителни екстракти или нивни конституенти што ја зголемуваат способноста на организмот да толерира, да се адаптира (прилагоди), преживее и функционира, под влијание на било каков стрес-фактор.
Ботаничките адаптогени, го немаат класичниот стимулативен ефект, карактеристичен за кофеинот, никотинот, амфетаминот и кокаинот. Стимулацијата од страна на адаптогените е со сосем различен механизам, во прв ред метаболичко регулирање на различните елементи на стрес-системот, како и модулирање на врската стимулус-одговор.

Терминот, зборот, адаптоген е за прв пат воведен во 1959 година, за да се опишат супстанции што ја зголемуваат *состојбата на не-специфична одбрана* на организмот, под влијание на стрес, да ги нормализира физиолошките состојби, и да ги намали или ублажи ефектите на емотивниот стрес или стресот од околината.  Фармакотерапевтската група на адаптогени соединенија, ги зголемува вниманието и издржливоста при умор и замор, односно превенира/ ублажува/ редуцира стрес-индуцирани нарушувања, поврзани со неуро-ендокриниот и имуниот систем.

,,Стрес-вакцини”

Адаптивниот одговор на стресот подразбира активирање на интра- и екстрацелуларни патишта за пренос на сигналите, како и зголемена експресија на анти-апоптоза протеини, неуропептиди и финално антиоксидативни ензими. Согласно ова, ботаничките адаптогени се опишуваат во литературата и како ,,умерени стрес-вакцини”, индуцирајќи стрес-протективни одговори.

Самата адаптација, може да биде сензорна и физиолошка, односно промена во ексцитабилноста на сензорниот орган при стимулација, или биохемиска промена во организмот, настаната поради надворешни состојби (или стресори), при која, се генерира соодветен, ефикасен одговор. Генерално, синдромот на адаптација се случува во три фази: алармна реакција, кога организмот го детектира надворешниот стимулус, фаза на адаптација, кога организмот активира контра-мерки наспроти стресорот и фаза на исцрпеност, кога на организмот почнува да му недостасува одбранбена енергија. Адаптивните промени, ќе го доведат организмот од состојба на хомеостаза (рамнотежна состојба) во хетеростаза (состојба на високо ниво на динамички еквилибриум- или дефиниран како состојба на не-специфичен одговор).

Адаптогените супстанции, имаат капацитет да ги нормализираат телесните функции и да ги зајакнат системите, загрозени од стрес. Тие имаат докажан позитивен ефект на здравјето, севкупно, особено при состојби на емоционален стрес, како и состојби од опкружувањето што резултираат со стресоген ефект. Адаптогените се безопасни агенси, кои неспецифично ја зголемуваат одбраната (резистентноста) на самиот организам, наспроти физички, хемиски, биолошки и психолошки нокси (надворешни стресогени фактори), давајќи ефект на нормализирање, независен од природата на патолошката состојба.

Единечната, акутна администрација на ботанички адаптоген, несомнено дека ќе даде стимулативен ефект, но редовната, хронична примена на овие билки, ќе резултира со адаптивни промени во одговорите кон повторливи стрес-состојби, односно пројавување на појачани (бустер) ефекти, налик вакцините (во однос на справување со стрес-состојбата). На молекуларно ниво, ова подразбира регулирање на оската хипоталамус-хипофиза-надбубрежни жлезди, како и нивото на азот оксид.

Адаптогените имаат ефективна примена и кај хроничниот замор

Најчестата примена на адаптогените како стимуланси, односно психотропни агенси, првенствено за третман на астенија (ментален или физички замор), неврози, депресии, анксиозни состојби, како и како адјуванси, заедно со конвенционалните психофармацевтици. Астенија (или астеничен синдром) е здравствена состојба, која се карактеризира со општа физичка и психичка слабост, намалена работоспособност, ниска концентрација, слаба меморија, иритабилност (низок праг на толеранција на стрес-факторите), главоболки, несоница, можна анорексија, а се јавува најчесто после периоди на интензивно работење, кои бараат голема ментална активност.

Споредено со класичните стимуланси, адаптогените, скоро и да немаат несакани дејства, немаат потенцијал да предизвикаат зависност, не предизвикуваат апстиненцијални синдроми, не резултираат со намалена енергија, ги подобруваат и зголемуваат  перформансите и справувањето со стресот, го подобруваат закрепнувањето, особено при хронични здравствени состојби.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор