fbpx

Спиење со АСТМА – како да си помогнеме за подобар и квалитетен сон?

tonus

Редовниот, квалитетен сон има клучна улога во одржувањето на нашето целокупно здравје. Често зборуваме на нашиот блог за спиењето, а тоа воглавно се должи на недоволното внимание кои луѓето го посветуваат на квалитетниот сон. Веќе имаме зборувано за поврзаноста меѓу спиењето и исхраната, ефектите од недостатокот на сон, спиењето и имунитетот итн.

Денес, ќе зборуваме за малку поинаква тема, односно за поврзаноста меѓу астмата и спиењето – како таа влијае врз сонот, но и како сонот влијае врз симптомите на астмата.

Што претставува астмата?

Астмата претставува хронична состојба што може да се јави кај деца, но и кај возрасни. Таа се манифестира со стеснување на дишните патишта предизвикано од нивно воспаление. Најчестите симптоми на астмата се: кашлање, плитко дишење, отежнато дишење и чувство на затегање во градите. Ваквите симптоми се наизменични, односно најчесто се полоши за време на вечерните часови и при физичка активност. Покрај тоа, некои дополнителни околности кои може да ги влошат симптомите на астмата се: настинка, прашина, чад, издувни гасови, метеоролошки промени, полен, животински влакна или пердуви, силни мириси и сл.

"“Online”/

Астмата често се смета за состојба која ретко или закаснето се дијагностицира и која често несоодветно се третира. Ова е особено нагласено во помалку развиените држави. Луѓето кои имаат несоодветна терапија, а страдаат од астма, може да имаат низа на секојдневни проблеми и потешкотии. Тие може да имаат нарушен сон, ниско ниво на енергија, влошена концентрација и др.

Како спиењето влијае врз симптомите на астма?

Најпрвин ќе го погледнеме ефектот кој спиењето може да го има врз астмата. Имено, истражувањата покажуваат дека недостатокот или недоволниот сон може директно да влијае и всушност да ги влоши симптомите на астмата. Недостатокот од сон доведува до зголемена инфламација во телото, што пак може негативно да влијае врз функцијата на белите дробови и со тоа да ги зголеми шансите за астматичен напад.

Една студија покажала дека луѓето кои спијат помалку од 6 часа во текот на ноќта, имаат за 50% повеќе астматични напади и целокупен помал квалитет на живот, отколку лицата кои се придржуваат до препорачаните 7-9 часа сон. Астмата како што рековме, може да стане понагласена во текот на ноќта, што пак дополнително може да го отежни спиењето, особено во препорачаниот интервал од 7-9 часа. Ваквото активирање на астмата во ноќните часови се нарекува и „ноќна астма“ и истата може значително да го наруши сонот кај луѓето и се смета за форма на астма која се јавува најчесто кај луѓето кои лошо ја третираат астмата или кои имаат изразена, силна форма на астма.

Што е всушност „ноќната астма“?

Ноќната астма е честа појава и се смета дека во период од една недела, околу 75% од луѓето со астма ќе се разбудат во текот на ноќта поради некаков симптом на астма. Дури 40% од луѓето со астма имаат вакви потешкотии секоја ноќ. Астма која е несоодветно третирана или која е понагласена, го зголемува ризикот за појава на оваа т.н ноќна астма.

Зошто токму навечер се влошуваат симптомите на астма кај луѓето, не е целосно разјаснето и познато за науката. Се смета дека тоа е можно да се должи на хормоналните промени кои се јавуваат во ноќните часови. Имено, голем број на хормони (адреналин, кортизол, мелатонин) имаат циркаден шаблон – односно следат 24 часовен ритам и на тој начин се поврзани со нашиот биолошки часовник. Во текот на ноќта, доаѓа до промена во нивото на овие хормони, а се смета дека тоа допринесува за зголемена инфламација во дишните патишта, со што се зголемуваат шансите за појава на ноќна астма.

Покрај промената во хормоните, прекумерната телесна тежина е уште еден фактор кој се смета дека може да ги нагласи симптомите на ноќната астма. Луѓето со покачена телесна тежина се смета дека имаат и поголем степен на инфламација која може да допринесе до отежнато дишење.

Како да се избегне „ноќната астма“ и да се подобри квалитетот на спиењето?

Астмата може сериозно да го наруши квалитетот и квантитетот на спиењето. Затоа, важно е да се најде начин да се подобри спиењето и покрај живеењето со оваа состојба. Покрај консултацијата со вашиот доктор за справувањето со симптомите на астма, можни се и мали промени во навиките кои ќе ви го олеснат спиењето.

Некои општи препораки за подобар сон за луѓето кои живеат со астма се:

  • Елиминирајте ги алергените од просторијата во која спиете – редовно менувајте ја постелнината и користете материјали за вашите душек, перница и постелнина кои се природни и не предизвикуваат влошување на симптомите. Внимавајте и на квалитетот на воздухот во собата и доколку е потребно, употребувајте прочистувач.
  • Не дозволувајте домашните миленици да се движат во просторот каде ќе спиете.
  • Не користете производи кои имаат силен мирис.
  • Практикувајте техники за релаксирање и опуштање пред спиењето. Стресот може да ја активира астмата.
  • Затворете ги прозорите.
  • Контролирајте ја температурата и влажноста во просторијата.
  • Чувајте ги лекарствата за астма близу до вас во текот на ноќта.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор