fbpx

Како БЛАГОТО влијае на мозокот и создавањето зависност?

tonus

Шеќерите се нераздвоен дел од нашата исхрана. Уште како деца се радуваме и го сакаме вкусот на благите јадења. Тортите и слатките се важен дел од секоја прослава, роденден, свадба и сл.

Но, со сè поголемата консумација на шеќер, нашето сетило за вкус се навикнува и во јадењата тој станува сè повеќе и повеќе присутен. Доколку порано лажичка шеќер во кафето ни се чинело како многу, со постепено консумирање на разни благи, кафето со лажичка шеќер сега ни се чини горко. Бидејќи шеќерот предизвикува силна и потенцијално зависна реакција во нашето тело, неговата честа употреба може да премине во опасна навика. Па се поставува прашањето: Дали всушност шеќерот доведува до зависност и зошто доколку не внимаваме, ризикуваме да го консумираме во преголеми количини?

 

Што се случува во телото по внесување на храна богата со шеќер?

 

Уште на самиот почеток треба да се напомене дека под изразот шеќер подразбираме бел, рафиниран шеќер – сахароза. Иако изразот шеќери погрешно се асоцира и со некои останати соединенија, пр. скробот, тоа се всушност сложени јаглехидрати и во телото имаат различен ефект од оној на белиот шеќер.

"“Online”/

Просто кажано, сите шеќери се јаглехидрати, но јаглехидратите не се шеќери.

Сахарозата претставува шеќер, дисахарид, изграден од моносахаридите глукоза и фруктоза. На нашето тело му е потребна глукозата како извор на енергија, па така таа е корисна и неопходна за нас. Јаглехидратите и шеќерите внесени во телото се доведуваат до молекули на глукоза и таа потоа со помош на хормонот инсулин, навлегува во нашите клетки.

 

Доколку е внесено умерено количество на шеќери, здрав организам може да произведе доволно инсулин и на тој начин да се транспортира шеќерот до клетките. Но, консумирањето на голема количина шеќери (особено доколку се прости шеќери како сахарозата) доведува до нагло и големо количество на создаден инсулин. Ова со текот на времето може да доведе до проблеми во количината која се создава и ефикасноста на овој хормон.

Колку е повеќе инсулин испуштено во крвта, толку побрзо нивото на шеќер во крвта се стабилизира и ние всушност сме повторно гладни. Со внесот на нов оброк богат со шеќер, ваквиот циклус се повторува.

 

Дали шеќерите прават „зависност“?

 

„Зависноста“ од консумирање на храна богата со шеќери може да се поврзе со силното влијание кое го има шеќерот врз нашиот мозок. Имено, тој е директно поврзан и го стимулира „системот на награда“, односно создавањето на допаминот. Во претходни статии сме го споменале допаминот и тој може да се поврзе со бројни други зависности, меѓу кои е и пушењето.

 

Создавањето на невротрансмитерот допамин е најчесто како резултат на некоја наградувачка активност. Јадењето вкусна, високо калорична храна е еден таков пример. Ова може да се поврзе со фактот дека ваквата храна за нашите предци била од клучно значење за нивното преживување. Но, денешната достапност на храната, а особено онаа со големи количества додаден шеќер може да предизвика сериозни проблеми.

 

Со редовно внесување на шеќери, мозокот се адаптира и создава помалку допамин. Па така потребите за внес на шеќери кои довеле до создавање на допаминот, се зголемуваат. Со консумирање на благи јадења, се активираат бројни регии во мозокот поврзани со задоволството и се гради еден вид на зависност.

 

Студија од 2008 година која го испитувала ефектот на шеќерите врз глувци, покажала дека тие појавиле зависност од шеќер. Биле испитувани повеќе параметри – потреба за шеќер, прејадување, симптоми при недостаток од шеќер. Бил применуван наизменичен распоред, односно 12h тие немале достапност до шеќер, а потоа наредните 12h имале целосна, неограничена достапност. По 1 месец научниците согледале низа на промени во однесувањето, слични на ефектите од зависност.

Иако се смета дека одговорот кон шеќер не е ист кај сите луѓе, индивидуи со одредени предиспозиции може да појават одредена „зависност“ од храна богата со шеќери.

 

Поврзаноста меѓу шеќерите, прекумерната тежина и дијабетот

 

Храната која е богата со шеќери или пак има додадени шеќери е најчесто и високо калорична. Со прекумерното и редовно внесување на ваква храна се доведуваме во ризик од имање на прекумерна тежина. Храната богата со шеќери предизвикува брзо создавање на инсулин во телото, а тоа значи и брза и голема доза на енергија за нас. Доколку таа енергија во моментот не ни е потребна, тоа може да доведе до дебелеење, а прекумерната тежина е ризик фактор за појавата на дијабет тип 2.

Инсулинската сензитивност ја одредува ефикасноста со која глукозата се отстранува од крвта, се внесува во клетките и таму се искористува. Со намалувањето на ваквата сензитивност, шеќерот во крвта може да остане хронично покачен, состојба која доведува до појава на дијабет тип 2.

Редовното внесување големи количини на шеќер директно влијае врз нашата тежина, врз нивоата и ефикасноста на создадениот инсулин, а сето тоа заедно влијае врз ризикот од појавата на дијабет тип 2.

 

Како да се ограничи внесот и препознае храната богата со шеќери?

 

Намалувањето на внес на шеќерите може да не е толку едноставно, бидејќи во многу од готовите јадења и намирници има шеќери за кои можеби и не сме свесни. СЗО издала препорака уште во далечната 1989, внесот на прости шеќери да биде помалку од 10% од вкупните калории во денот. Во 2015 пак, препораката на СЗО е шеќерите да се застапени под 5% од внесените калории во еден ден.

Под ваквите прости шеќери се мисли на шеќерите природно присутни во медот, цедените сокови, како и белиот шеќер додаден во напитоци, рецепти и сл. Исто така, безалкохолните и алкохолните пијалоци, газираните сокови, енергетските пијалоци и некои пакувани кафиња и ледени чаеви се особено богати со ваквите прости шеќери.

 

Покрај пијалоците, разните грицки и кондиторски производи за ужинки се сметаат како богат извор на шеќери.

За точно одредување на количината на шеќер во намирниците кои ги купуваме, најдобро е да се водиме преку нутритивната табела. Во неа секогаш се обележани јаглехидратите и е дополнително нагласено, колкав дел од нив се шеќер.

 

Со помал внес на шеќери ние допринесуваме за подобро здравје. Телесната тежина полесно ќе може да ја контролираме, ќе имаме константно ниво на енергија и ќе го намалиме ризикот од одредени заболувања.

Наредниот пат наместо сок или колаче, обидете се и јадете овошје, сушено овошје, темно чоколадо (внимавајте на додадениот шеќер), какао, кафе без шеќер, чај и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор