fbpx

2 интересни САЛАТИ од БОРАНИЈА – Медитеранска и наут/грав САЛАТА

tonus

Поинаква употреба на боранијата – подгответе здрава и вкусна салата!

За подготовка на малку поинакви и вкусни рецепти, понекогаш е потребно експериментирање и испробување на нови комбинации. Секако, основите да останат исти: свежи и здрави намирници со што поголема разновидност. Па во тој поглед, денес издвојуваме два интересни рецепти за малку поинаква употреба на боранијата, односно за подготовка на вкусна, свежа и нутритивна салата од боранија.

Боранијата – исклучително здрава и корисна мешунка

Постојат над 130 видови боранија, во различни бои (зелена, бледожолта, виолетова, црвенкаста и со шарени траги) и облици. Најчесто се култивира на далечниот исток, но се одгледува и кај нас во Македонија. Најзастапени се видовите лоди, нерина, италијанска и кинеска боранија. Може често да се сретне во домашната кујна во различни рецепти, а низ маркетите може да се најде и во конзерва, но и во замрзната форма.

Боранијата е една од најстарите одгледувани култури. Воедно, оваа мешунка се вбројува во најгусто-нутритивните храни што постојат, односно содржи нешто под 30 калории во 100g, а од друга страна е навистина богат извор на низа микронутриенти, како железо, калиум, магнезиум, калциум, витамин А, К, Ц итн. Таа има слична хранлива вредност како бамјата и грашокот.

"“Online”/

Салата од боранија, наут и грав

За подготовка на овој рецепт потребни ви се околу 15-20 минути, а истиот е доволен за околу 4 лица.

Потребни намирници:

За преливот:

  • Маслиново масло
  • Балсамико оцет
  • Сол и малку мелен црн бибер
  • По желба, половина лажичка мед
  • Малку сушена црвена пиперка
  • Околу 50g ситно исецкан кромид
  • 1 чешне лук, ситно исецкано

За салатата:

  • Околу 200g боранија
  • 1 конзерва подготвен наут
  • 1 конзерва подготвен грав (околу 400g) или претходно сварен домашен грав
  • Малку свеж магдонос
  • Малку фета сирење
  • Неколку маслинки
  • 1 свеж домат, исецкан на коцкички

Подготовка:

  1. Боранијата ставете ја во зовриена вода и гответе ја 6-7 минути. Потоа, брзо истурете ја зовриената вода и ставете ја боранијата во ладна вода. Оваа постапка ќе го запре дополнителното термичко процесирање на боранијата и ќе помогне таа да ја зачува својата боја и текстура. Парчињата оладена боранија преполовете ги за полесно јадење.
  2. Подгответе го преливот така што ќе ги измешате сите потребни состојки во мал сад.
  3. Во голем сад за салата, ставете ја боранијата, наутот, гравот, фета сирењето, магдоносот и маслинките. Прелијте ги со преливот и фино промешајте. Додајте ги и доматите, посолете, додадете малку бибер и повторно промешајте.
  4. Послужете со парче интегрален леб.

Медитеранска салата од боранија

За подготовка на овој рецепт потребни ви се околу 10 минути, а истиот е доволен за 3-4 лица.

Потребни состојки:

  • Половина килограм боранија
  • 1 свеж домат, исецкан
  • Една помала главица кромид, ситно исецкана
  • Неколку маслинки
  • Малку урда
  • 5 суви смокви (по желба), ситно исецкани
  • Малку ореви
  • Една пиперка, исецкана на кругчиња
  • Малку балсамико оцет
  • Маслиново масло
  • 2 чешниња лук, ситно исецкани
  • Сол и мелен црн бибер

Подготовка:

  1. Во зовриена вода додајте ја боранијата и оставете ја да се вари 7-8 минути. Процедете ја и ставете ја во сад со ладна вода.
  2. Боранијата прекшршете ја на половина и ставете ја во сад за салата. Додадете ги и останатите состојки и фино промешајте.
  3. Послужете.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор