fbpx

БРУСНИЦА како решение за ИНФЕКЦИИ на уринарниот тракт?

tonus

Според некои статистики од САД, 6 од 10 жени во даден момент ќе имаат инфекција на уринарниот тракт. Причините и ризик факторите се разни, но ова претставува прилично чест проблем за популацијата. За третирање на ваквиот проблем постојат соодветни и исклучително ефикасни лекарства, но и одредени природни намирници кои може да ги ублажат симптомите, но и да делуваат превентивно. Една таква намирница која е позната како чувар на здравјето на уринарниот тракт е брусницата, па така сокот од брусница често слушаме дека се препорачува за луѓето кои се подложни на овој здравствен проблем. 

Поради тоа, во оваа статија ќе се задржиме на нови научни истражувања кои откриваат дали има вистина позади ваквите верувања. 

 

Општи карактеристики на брусницата – овошје кое се смета за вид на „супер-храна“

Брусницата е бобеста овошка која спаѓа во родот на боровинки наречен Vaccinium. Растението на кое расте е зимзелена грмушка што вегетира во предели со поголема влажност и умерена клима. Потекнува од Северна Америка, но денес се одгледува ширум светот на местата со умерено континентална клима. Постојат повеќе видови брсуница, но најпознатата за нас е онаа ситната црвена која е и најкомерцијализирана – Vaccinium macrocarpon.

"“Online”/

Луѓето ја користеле брусницата уште од далечното минато како храна, за различни корисни ефекти во традиционалната медицина, но и како обојувач.

Оваа супер-храна од нутритивен аспект има специфично пријатен горко-киселкаст вкус. Се користи на најразлични начини, а најдобро е да се консумира свежа или сушена, иако дел од своите корисни компоненти брусницата задржува и по нејзиното процесирање – џемови, сокови, мармалади, пити и најразлични слатки.

Како што веќе споменавме, брусницата може да се смета за супер-храна. Токму нејзината хранлива и антиоксидативна вредност го овозможува тоа. Генерално, таа е составена од вода (90%) и јаглехидрати (голем дел растителни влакна- целулоза, хемицелулоза и пектин), но и низа на микронутриенти (витамини, минерали и останати фитохемикалии).

Во 100g свежа брусница има околу 50kcal, додека во сувите поради поголемата концентрираност, односно помалку вода – 90kcal- нешто помалку растителни влакна и витамини и значително повеќе шеќери и минерали.

Брусницата е особено богат извор на витаминот Ц (свежата),потоа на манган, витамин Е, витамин К, бакар, калиум, пантотенска киселина, витамин Б1, Б2, Б3 Б6, а содржи и одредени количини железо, магнезиум, цинк, фосфор, витамин А итн.

 

Употреба против инфекции на уринарниот тракт

Уринарните инфекции споменавме дека се доста чести, а се јавуваат како резултат на одреден микроорганизам (најчесто бактерија) која се размножува во мочниот меур, мочниот канал или бубрезите. Обично бактеријата Escherichia coli (E. coli) може да се вброи како најчест „виновник“ за инфекции на уринарниот тракт. Некои луѓе се повеќе подложни на вакви инфекции, па често бараат решение во некои природни намирници. Брусницата често се користи како решение за ваквите проблеми. 

Студии на оваа тема постојат повеќе кои ги согледувале ефектите најчесто на сокот од брусница врз инфекциите. Анализите покажале дека сокот од брусница содржи антиоксиданти од групата на полифеноли, наречени проантоцианидини. Овие соединенија имаат докажани антимикробни својства, покрај нивниот потентен антиоксидативен карактер. Исто така, истражувањата покажале дека овие соединенија може да го инхибираат создавањето на бактериски биофилм (тенок слој од бактерии) во уринарниот тракт. 

Анализа на 50 различни студии каде биле споредени продукти базирани на брусница со плацебо, покажала дека во повеќето студии ефектот на брусницата е евидентен. Сокот од брусница или капсули со екстракт од брусница ја намалиле зачестеноста на инфекции на уринарниот тракт кај жени, деца и општо кај луѓе кои се склони кон овој тип на инфекција. 

Ваквата анализа сепак има недостатоци, но научниците сметаат дека брусницата е одличен, природен начин со кој луѓето може да пробаат да се справат со ваквите инфекции. Тие сметаат дека таа е речиси целосно безопасна и многу ретко јавува несакани симптоми кај општата популација.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор