fbpx

Зошто БРЗАТА ХРАНА се поврзува со зголемен ризик за ИНСУЛИНСКА РЕЗИСТЕНЦИЈА?

tonus

Брзата храна е нажалост сè повеќе застапена во светски рамки, но и во нашата држава. Доколку се консумира навистина ретко, таа нема значително влијание на здравјето, но проблемот е што кај многумина, брзата храна е често главниот избор за оброк. Под брза храна инаку мислиме на многу типови храна: бурек и други лиснати пецива, пржена храна, хамбургери, помфрит, готова пица и сл. Овие намирници се сметаат за навистина „сиромашни“ во поглед на нутритивноста, а исклучително калорични и богати со шеќер, сол и нездрави масти. 

Денес, ќе зборуваме накратко за поврзаноста меѓу честиот внес на ваквата храна и сè позачестената инсулинска резистенција.

 

Што претставува брзата храна или позната и како високо процесирана храна?

Под процесирана храна се подразбира било кој тип на храна или намирница кои трпи некој начин на обработкафизички или хемиски. Најчесто тоа се процесите на миење, сецкање, димење, термички обработки (пастеризирање, мрзнење, печење), ферментирање или пак додавање на одредени конзерванси.

"“Online”/

Ваквите обработки не се ништо ново и човекот ги употребува веќе илјадници години. Тие се одличен начин да се заштити храната од расипување, а и често  се користат и за полесен транспорт и подолго складирање. Во некои случаи (како мрзнењето и ферментирањето) нутритивниот состав на храната сосем малку се променува, па некогаш дури и подобрува и зачувува.

Но, проблемот настанува кога доаѓа до употреба на високо процесирана храна, односно храна која е преполна со шеќери, сол, масти и конзерванси. За ваквата храна е потребно сосем малку или не е потребно воопшто било каква подготовка, односно таа е веднаш погодна за консумирање. Во овој тип на храна се вбројуваат :

        Кондиторските производи (чоколади, бомбони, смоки, слатки и сл.)

        Пржените производи – пример чипсот

        Процесираните месни производи

        Сладоледи, торти и слични слатки производи

        Безалкохолни пијалоци

        Низа на млечни продукти со додаден шеќер

 

Како влијае брзата храна врз ризикот од инсулинска резистенција?

Консумацијата на брза храна силно се поврзува со развојот и прогресијата на инсулинската резистенција, претходник на дијабетот тип 2. Овој тип храна е обично богат со прости шеќери, сол и нездрави масти, кои предизвикуваат брзи скокови на нивото на глукоза во крвта. Честото консумирање на храна со висок гликемиски индекс – како што е брзата храна, може да доведе до хронична хипергликемија, која со текот на времето предизвикува состојба на оксидативен стрес и воспаление во телото. Овој воспалителен одговор го нарушува сигналниот пат на инсулинот со тоа што влијае на фосфорилацијата на супстратите на инсулинските рецептори, клучна за навлегувањето на глукозата во клетките. Со други зборови, се влошува и намалува функцијата и ефикасноста на инсулинот во неговата контрола на шеќерот во крвта. 

Дополнително, високите нивоа на заситени и транс масти кои преовладуваат во брзата храна придонесуваат за акумулација на висцерални масни наслаги, особено во црниот дроб и мускулните ткива, што дополнително ја нарушува инсулинската функција и сензитивност. Поради ова, комбинацијата од прости шеќери, сол и висока содржина на нездрави масти ја прават брзата храна една од најлошите можни опции во поглед на менаџирање и контрола на шеќерот во крвта, главно преку негативниот првичен ефект врз инсулинот. Редовното консумирање брза храна исто така се поврзува и со зголемена телесна тежина, уште еден особено важен ризик фактор за инсулинска резистенција, создавајќи еден вид на  „маѓепсан круг“ што ја влошува метаболичката функција. 

 

Поврзано: Високо ПРОЦЕСИРАНА храна – особено штетна за лицата со нарушено КАРДИОВАСКУЛАРНО здравје!

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор