fbpx

Брза храна – брза пропаст

tonus

Исхраната која се базира на брзо подготвена храна е позната како ,,западен стил на исхрана”. Таа е составена од високи количества на заситени масти, шеќер и сол. Како што кажува и самото име, таа е поврзана со западниот свет и начинот на живот кој се води во тој регион. Една од главните нејзини карактеристики, покрај ниската цена на чинење е нејзиниот екстремно интензивен вкус. Постојат повеќе податоци кои укажуваат дека ваквите силни вкусови каратеристики на оваа храна придизвикуваат дури и зависност.

Покрај нездравиот начин на исхрана, животниот стил во овој дел од светот сè повеќе подразбира и неактивен, ,,седечки” начин на функционирање во секојдневието. Во последно време, овој животен стил се проширува како опасен вирус низ целиот свет, па веќе неговото дефинирањето како ,,западен”, ја губи смислата.

Типичен пример за ова е Кина. Економскиот раст на Кина е еден од најголемите во светот. Тоа подразбира забрзана урбанизација, а тоа пак забрзан начин на живот. Процентот на гојазност во Кина за само две декади пораснал за над 20%, бројот на кардиоваскуларни заболувања за 15%, а бројот на смртни случаи од тие причини е дуплиран, за истиот период.

"“Online”/

Листата на негативни ефекти од западниот начин на исхрана постојано се проширува!

Доста научни истражувања говорат за низа на несакани ефекти од ваквиот начин на живот. Во овој текст ќе се осврнеме на една научна студија изработена во Австралија, поточно на Универзитот Меквори од Сиднеј. Оваа студија се занимавала со набљудување и оценување на штетата која ја прави исхраната богата со заситени масти, шеќери и сол, односно споменатиот ,,западен стил на исхрана”. Еден од главните заклучоци на оваа студија е дека ваквиот начин на исхрана може да ги наруши нашите когнитивни способности.

Истражувачите одбрале 110 студенти, на возраст од 17-35 години и ги поделиле во 2 групи. Првата група била контролна, а другата минувала низ експериментот. Сите учесници во истражувањето биле здрави и со нормална телесна тежина.

Ние сме тоа што го јадеме

Групата која минувала низ експериментот била ставена на ,,западниот начин на исхрана”, односно биле замолени да јадат различни сендвичи, милкшејкови, белгиски вафли и различни типови на бургери и друга брза храна. Членовите на контролната група биле замолени да продолжат со својот начин на исхрана. Тој подразбирал одредено ниво на балансираност и неконсумирање на големи количества брза храна.

На дневна основа, на членовите од двете групи им бил даван тест за испитување на меморијата. Разликите во резултатите биле видливи по само 8 денови, односно групата која се хранела со ,,западниот стил на исхрана” имала значително послаби резултати. Овие заклучоци биле подржани и од една претходна студија, на слична тема, спроведена од истиот универзитет.

Научниците всушност утврдиле дека испитаниците од првата група имале поголема веројатност да страдаат од нарушувања на функцијата на хипокампусот. Хипокампусот претставува значаен дел од мозокот кој ја помага контролата на кратката меморија и меморијата на дол рок. Тоа е дел од мозокот кој страда при Алцхајмеровото заболување и други форми на деменција.

Имаме ли алтернатива?

Нашата земја не е исклучок од светските тенденции, кога станува збор за ,,западниот стил на исхрана”, па и општо, на живеење. Животот станува сè побрз, а ние се храниме сè понездраво и сме помалку физички активни. За среќа постојат начини преку кои можеме да се ,,вратиме во нормала”. Иако, во праксата се покажува дека промената на животниот стил оди доста тешко, сепак вреди ,,жртвата” која ќе ја направиме.

Вредноста на таа ,,жртва” станува сè помала со сè поголемиот наш интерес за информациите кои се значајни за нашето здравје. Тие информации говорат конзистентно, недвосмислено и се добро документирани: штетните ефекти од консумирањето (особено редовното) на храна со висок процент на заситени масти, шеќери и сол влијае негативно на здравјето на човекот.

Кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок, дијабетес, па и малигни заболувања во најголемиот дел од случаите се предизвикани од лошиот начин на живеење во целина. Ова најдобро се забележува и потврдува во земјите од далечниот исток, каде пред само 30тина години, ,,западната храна” не била воопшто достапна.

Алтернативите постојат

Најздравите начини на исхрана подразбираат консумирање на поголеми количества на свежа, полнозрнеста храна, храна богата со растителни влакна и здрави масти. Вакви типови на исхрана се на пример: јапонскиот и медитеранскиот. Медитеранскиот животен стил се базира на исхрана која во својата основа има семиња, легуминози, полнозрнеста храна, свежа храна, риба, морска храна и ладно цедено маслиново масло. Физичката активност исто така се подразбира.

Светот станува сè посвесен за важноста од превенција на хроничните болести кои во голем обем би можеле да се избегнат!

Кампањите за здрава храна и општо за здрав животен стил се сè почесто дел од политиките на државите низ светот. Тоа е така не само заради зачување на доброто здравје на луѓето кое би било од корист за самите нив, туку и заради потребата од здрава работна сила и сè поголемиот трошок за здравствените системи поради сè поголемиот број на луѓе заболени од хронични заболувања. Заболувања кои се најчесто директно предизвикани од неправилниот начин на живеење.

Според едно истражување на Светскиот економски форум, заболувањата како: канцер, срцеви заболувања, дијабет и респираторни заболувања, заедно со менталните заболувања можат да ја чинат глобалната економија околу 50 трилиони долари. Трошок кој се должи на губењето на продуктивноста на работниците и парите потрошени за лекување од здравствените системи.

Извор:
https://royalsocietypublishing.org/doi/10.1098/rsos.191338#d3e785
https://www.weforum.org/

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор